Македонија е една од најпотценетите земји за посета на Балканот, често занемарена од туристите кои го истражуваат регионот. Па дури и да одлучат да ја посетат Македонија, често се одлучуваат за неколкудневно патување или транзит и се ограничуваат само на Охридското Езеро и Скопје. Но, има уште многу прекрасни места за посета во Македонија: планини што го одземаат здивот, шармантни градови, антички места, интересна архитектура и многу повеќе. Туризмот во Македонија е разнообразен и привлечен поради богатствата на земјата во областа на културата, историјата, природата и автентичниот македонски начин на живот. Македонија и тоа како може да стане популарна туристичка дестинација. Во продолжение ќе ви доловиме кои 5 атракции во земјава најмногу им оставиле впечаток на странските туристи.
Скопје – главниот град на Републиката
Престолнината на Македонија, Скопје, со право е најпосетуваниот град во земјава. Ако во минатото, туристите беа советувани едноставно да го прескокнат бидејќи беше еден сублимат од остатоци од брутализмот и едноставни нови станбени единици, во последниве десет години сликата стана неизбежно поинаква. Сега, туристите можат да уживаат во новите (иако контроверзни) барокни градби во центарот на градот, спомениците на хероите од минатото, новите музеи, збогатената културна програма.
Странските туристи, сепак, ги опишуваат како еден од архитектонски најчудните градови во Европа. И покрај тоа што Скопјани се поделени во мислењата дали новите архитектонски решенија се доби или не, се чини странските гости се воодушевени од главниот град и сето тоа што тој им го нуди.
Преку реката Вардар, туристите најчесто го истражуваат најстариот дел на Скопје – чаршијата со лавиринтот од тесни улички и тврдината што се издигнува над областа. Талкањето таму е како да сте се вратиле назад во времето.
За уживателите во бруталистичката архитектура, Скопје е како огромно игралиште со толку многу конкретни ремек-дела наоколу како на пример Железничката станица, Поштата, Архивот, комплексот факултети, студентскиот дом „Гоце Делчев“ и други.
За брзо бегство од метежот и вревата на градот, можете да се упатите кон блиската планина Водно, од каде што можете да пешачите или едноставно да уживате во прекрасната панорама на Скопје и неговата околина.
Кањон Матка. | Извор: kanjonmatka.mk
Кањонот на Матка со пештерата Врело
Само на кратко возење од Скопје, ќе најдете едно од најубавите места за посета во Македонија – Кањонот Матка. Ова спектакуларно место всушност не го направила природата. Во 1938 година браната била изградена на реката Треска, создавајќи вештачко езеро опкружено со високи планини, најстарото езеро од тој вид во Македонија.
Кањонот Матка зафаќа површина од околу 5.000 хектари. 20% од растителните видови што можете да ги видите овде се ендемични, што значи дека не можат да се најдат на друго место. Можете исто така да видите 77 видови пеперутки во областа!
Во кањонот Матка има и десет пештери, од кои најпопуларна е пештерата Врело. Дури беше вклучена и на списокот на најдобрите 77 природни локалитети во светот во проектот Нови 7 светски чуда. Пештерата Врело е една од највпечатливите природни атракции во Македонија и секако вреди да се посети, особено ако сте заинтересирани за природни феномени и спектакуларни пејзажи. Пештерата Врело се наоѓа во близина на тетовското село Желино. Оваа пештера е позната по своите прекрасни формации на сталактити и сталагмити, кои создаваат впечатливи сцени и облици во пештерата. Исто така, пештерата е позната и по своите подземни реки и езера, што додатно ја зголемува вредноста на посетата. Иако посетата на пештерата Врело не е толку популарна како некои други туристички дестинации во Македонија, нејзината природна убавина и уникатност ќе ви остават впечаток. Ако сте заинтересирани за природни атракции и авантури, тогаш посетата на пештерата Врело се смета за многу препорачлива.
Пештера Врело. | Извор: explore.mk
Кога го посетувате кањонот Матка, тука можете да ја истражувате природата и да правите многубројни активности, како пешачење, риболов или кајакарење. Можете исто така да најдете некои стари манастири во областа. Но, главната причина да го посетите кањонот Матка е едноставно да видите за какво прекрасно место станува збор. Може да го посетите во секое време, но препораката за најдобриот период е на лето, кога во главниот град е екстремно жешко, додека на Матка температурата е неколку степени пониска и речиси преку целиот ден има сенки и ладовини.
Исто така, реката Треска е популарна дестинација за рафтинг, кајак и други водни спортови. Во Матка има многу места каде што можете да изнајмите опрема и да се придружите на организираните спортски активности.
До кањонот Матка можете да стигнете од Скопје со автобус или да се вклучите во некоја од многубројните тури што го посетуваат ова место.
Охридско Езеро. | Извор: balkanea
Охридско Езеро
Охридското Езеро е најневеројатното место за посета во Македонија и едно од најдобрите на Балканот. Речиси и да не постои посетител кој не се воодушевил од глетката на Охридското Езеро, особено од планината Галичица. Без разлика дали преферирате културни настани, религија, археологија, дали сакате релаксирачки или активен одмор – Охридското Езеро може да ги задоволи и најпребирливите вкусови на посетителите. Охридското Езеро е едно од најстарите и најдлабоките езера во Европа, каде што можете да уживате во кристално чистата вода, кајак, параглајдинг, водни спортови и романтични прошетки на брегот.
Централниот стар дел на Охрид е јадрото на градот кој со својата убавина ги запрепастува туристите. Овде се наоѓаат најголем дел од атракциите и спомениците. Најдобар начин да го запознаете Охрид е едноставно да скитате низ Стариот град и да налетате на сè што има да понуди: бројни цркви (се вели дека во минатото имало 365 цркви во градот), Самоиловата тврдина од 10-тиот век или античкиот амфитеатар. Покрај многубројните низбрдни сокаци, кучи со автентична охридска архитектура, Музејот на Робевци, дуќаните за филигран и бисери, една од најголемите атракции, секако е црквата „Света Софија“. Оваа прекрасна византиска црква е една од најзначајните во Охрид, со своите извонредни фрески и архитектура.
Најиконската глетка во Охрид (или дури и во целата земја) е црквата од 14 век посветена на Свети Јован во Канео, изградена на висока карпа над езерото. Најстарата икона во црквата датира од 17-тиот век. Ова место, иако секогаш брои многу посетители оддава чувство на мир и спокој.
Од Канео, со пешачење по кратката земјена патека ќе стигнете до Плаошник. Плаошник е познат како светилиште уште од почетоците на христијанството, а веројатно и пред тоа. Пронајдени се неколку големи ранохристијански базилики, како и остатоците од црквата Свети Пантелејмон која ја изградил и во која работел Свети Климент Охридски. Црквата на Свети Климент и Пантелејмон е една од најстарите христијански цркви во Македонија, позната по своите прекрасни фрески и архитектонски детали.
Уште малку пешачење ќе ве одведе кон највисоките точки во градот каде што се сместени Античкиот амфитеатар (каде што се одржуваат концертите на манифестацијата „Охридско Лето“) и Самоиловата тврдина. Таа е симболот на градот без кој не може да се замисли неговата урбанистичка физиономија и е една од најголемите средновековни градби во Македонија. Со своите утврдувања и ѕидини го зафаќа целиот охридски рид.
Откако ќе завршите со посета на Охрид, покрај езерото има уште места кои не треба да ги пропуштите: Манастирот Свети Наум (основан на самиот почеток на 10 век, тој е еден од најважните верски места во Македонија), Заливот на коските, црквата Света Богородица Заумска, Трпејца, рибарското село Пештани, манастирскиот комплекс во Калишта, пештерските цркви во Радожда итн.
И градот Охрид и езерото се вклучени во списокот на светско наследство на УНЕСКО.
Мавровско Езеро. | Извор: balkanea
Маврово
Националниот парк Маврово е најголемиот национален парк во земјата, лоциран во западниот дел на Северна Македонија, во близина на границата со Албанија. Таму можете да најдете прекрасни пејзажи со езера, реки и пештери, како и највисокиот врв во Македонија – планината Кораб (2.764 m). Ова е популарно зимско и летно туристичко место, каде што може да се ужива во активности како скијање, планинарење, велосипедизам и слично.
Најпопуларното место за посета во Националниот парк Маврово е потопената црква Свети Никола од средината на 19 век. Колку всушност можете да видите зависи од нивото на водата во Мавровското Езеро, а во лето кога езерото пресушува можете да ја посетите и црквата внатре.
Областа на националниот парк има всушност поинтересни споменици што можете да ги посетите, а белег е манастирот Свети Јован Бигорски од почетокот на 11 век, со впечатливиот иконостас. Не го пропуштајте и селото Галичник, познато по својата историска архитектура – има најголем број објекти под заштита во целата земја.
Во близина на регионот има многу реки и водопади кои нудат прекрасни природни сцени и можност за релаксација. Овие се само некои од прекрасните места и активности што ви нуди регионот на Маврово. Туристичкиот потенцијал на овој регион е голем, и тоа е одлична дестинација за сите кои сакаат да уживаат во природата и активни одмори.
Крушево. | Извор: wikimedia.org
Крушево – историски град познат по своите врвни архитектонски дела и богата историја.
Сместено на падините на Бушова Планина, Крушево е највисокиот град на Балканот и првиот етноград во Европа. Освен поголемото внимание што го добива градот на лето околу празникот Илинден и во зима поради скијачката сезона, во месеците помеѓу, особено во работните денови, тишината низ крушевските улици ќе ве совлада. Жално е што е тоа така, бидејќи ова гратче има и тоа што да им понуди на туристите.
Крушево има многу музеи, но најпосетен во цела држава е Спомен-куќата на Тоше Проески. За 10 години, дури 700 илјади посетители стапнале во Спомен-куќата, каде што ќе ве пречекаат негови лични предмети од детството, преку тие од школските денови во Крушево и во Битола, па сѐ до предмети поврзани со неговата богата музичка кариера.
Убедливо најпосетуван во оваа група е споменикот Илинден или „Македониум“, кој доминира над градот, уникатно архитектонско дело што претставува најпрепознатливо обележје на Крушево. Таму се и посмртните останки на познатиот револуционер и прв претседател на Крушевската Република, Никола Карев. Овој споменик ги заинтригира уметниците од цел свет, па овде често се одржуваат разни перформанси, претстави, изложби, концерти.
Друг препознатлив објект отворен за јавноста е галеријата „Никола Мартиноски“, сместена во стара куќа со автентична крушевска архитектура, позната по изложените 62 ликовни дела на познатиот македонски сликар. Куќата избрана од самиот Мартиноски додека бил жив е изградена во 1832 година, а убедливо најпознатиот експонат што е изложен во неа е уметничкото дело „Доилка“ на сликарот од 1967 година.
Крушево стана видно препознатливо место на мапата на авантуристичкиот туризам. Гратчето се вбројува меѓу најдобрите места во светот за вљубениците во параглајдингот поради географската положба, надморската височина и поволните климатски услови. Очекувано најголема е посетеноста лете, кога се организираат куповите и натпреварите во параглајдинг, а сѐ повеќе се зголемува и бројот на туристи што сакаат да пробаат параглајдинг во тандем, поттикнати од адреналинска љубопитност да ја почувствуваат магијата на летањето со параглајдер.
Крушево располага и со богата гастрономска понуда. На пазарот има квалитетно овчо и козјо сирење, мед и млеч, а во рестораните автентични јадења како крушевски колбас, крушевска пита, питулици со лук, чомлек, ширден, крушевско јагне во фурна, крушевски локум и слично. Престојот во Крушево е незаборавно доживување за сите сетила – едноставно чист воздух, храна и одмор на едно место.