Ниш – еден од најстарите градови на Балканот и трет по големина во Србија, во себе носи многубројни историски, културни и архитектонски тајни. Белград е можеби метрополата симбол на космополитизмот, но Ниш дефинитивно е душата на Србија. Познат е по издржливоста, меракот, необичниот хумор, а неговите жители по ведриот дух и оптимизмот. Од Келтите до Србите, во патеписите е опишан како капија меѓу истокот и западот. На брегот на реката Нишава, одмора градот кој во себе крие многу мрачна историја од основањето, преку средновековието и турското ропство, па сѐ до нацистичкиот период и во поново време, бомбардирањето на државата. Сепак, градот останува симбол на добрата храна, преполните кафеани и легендарното гостопримство по кое нишлиите се препознатливи.
Легенда за Градот на самовилите
За Ниш постојат легенди исто толку колку и вистински приказни. Легендата за Самовилскиот град потекнува уште пред 2.300 години кога келтските племиња го населиле Балканот. Маѓепсани од убавината на реката Нишава, зелената котлина и планините, решиле таму да се населат. Легендата вели дека градот бил толку убав, што постојано околните племиња го напаѓале и го рушеле до темел. Келтите почнале да се молат за помош на своите богови, а тие им пратиле самовили за да го градат секое утро одново и одново.
Оттогаш, самовилите се населиле покрај реката и градот добил заштита. Во знак на благодарност, реката ја нарекле „Вилина река“, а градот го добил името Вилинград (Navissos). Градот и реката повеќе не го менувале името. Римјаните го викале Naissus, за Византијците бил Nusos, а Словените го именувале Ниш, така што легендата за самовилите и денеска ја има во неговиот назив.
Стамбол-капија.
Нишката тврдина
Нишката тврдина е дефинитивно белег на градот. Тврдината што постои повеќе од 20 века, а е конечно изградена во 18. век, се простира на 22 хектари. Нејзините бедеми се високи 8 метри и широки 3 метри. Во тврдината денеска може слободно да се влезе. Таа е отворена 24 часа дневно, а неретко е локација на спектакуларни концерти, театарски претстави, манифестации како „Нишвил џез-фестивал“ и други.
Стамбол-капијата е симбол на Ниш и главен влез во тврдината. Локациски ги поврзува центарот на градот, преку реката Нишава со фамозното утврдување. Мермерната плоча што се наоѓа над масивната дрвена капија е поставена во 1723 година и ги обележува завршните работи на тврдината. Во горниот дел се наоѓаат пушкарници и кружни отвори за топови. Во засводениот премин се наоѓаат простории за стражари и затворски ќелии.
Амамот во Нишката тврдина. | Извор: mapio.net
АМАМ (Турска бања, 1498) – Амамот се наоѓа на самиот влез во тврдината, од левата страна. Се смета дека е ова најзачуваниот објект во тврдината од владеењето на Османлиското Царство. Изградена е како еднополова бања која можеле да ја користат или само жени (дење) или само мажи (ноќе).
АРСЕНАЛ (1857) – Сместен десно од влезот, арсеналот претставувал складиште во кое се чувале топови, барут, топовски ѓулиња и друго оружје и муниција. Арсеналот е денеска изложбен простор на Галеријата за современа ликовна уметност.
АНТИЧКИ ТЕРМИ (IV век) – Сместени на самиот влез на некогашниот град Naisusa, термите биле задолжителни бидејќи секој кој сакал да влезе во градот, морал претходно да се искапе. Зачуван е речиси целиот комплекс.
СПОМЕНИК МИЛАН ОБРЕНОВИЌ (1902) – Ова е споменик на кнезот, а подоцна и крал Милан Обреновиќ, подигнат во 1902 година во знак на благодарност кон војската што го ослободила Ниш од петвековното турско ропство.
Бали-бегова џамија.
БАЛИ-БЕГОВА ЏАМИЈА – изградена од јаничарскиот наредник Бали Бег од Едрене, ова е единствена зачувана џамија во тврдината. Со своите лакови и сводови и раскошно украсени прозорци е симбол на исламската архитектура.
ЛАПИДАРИУМ (I– IV век) – Збирка од надгробни споменици, најстара во Србија.
АНТИЧКА УЛИЦА СО БАЗИЛИКА (II–IV ВЕК) – Сочуван дел од античка улица со базилика која заедно со уште еден објект со сводови го сочинувала средишниот, најраскошниот дел од античкиот Ниш.
БАРУТАНА (1723) – Објект за складирање на барут и муниција на оддалечените делови од тврдината. Вкупно ги имало пет.
СПОМЕН-КОСТУРНИЦА (1927) – За време на Првата светска војна, бугарската војска била сместена во тврдината и ги користела подземните ходници како самици и мачилишта. Голем број Нишлии и српски востаници се убиени овде во 1917 година по неуспешното Топличко востание. На местото на стрелањето, во рововите на Тврдината, е подигната спомен-костурница, а северната капија, низ која заробениците биле водени на стрелање, оттогаш се вика „Капија на смртта“.
ПАЛАТА СО ОКТОГОН (IV век) – Палатата е најлуксузниот објект наследен од 4. век. Според начинот на градба, украсите и пронајдените предмети, се смета дека му припаѓала на некој големец од римско време, можеби и на самиот Константин Велики.
Медијана.
Медијана и храмот
Ниш е родниот град на Константин Велики, римскиот император кој во 313 година го издава Миланскиот едикт со кој се забранува прогонството на христијаните и се прокламира верска толеранција. Градот и тоа како го чува култот на својот заштитник.
Античката населба Медијана крие тајни за раскошниот живот на Константин и неговите војсководци. Медијана на 5 километри од Ниш се наоѓа покрај самиот пат и содржи дваесетина т.н. викендици на римските големци.
Медијана била царската вила која служела и за уживање, но и за вршење на царските должности. Тука се собирал данокот и понатаму се дистрибуирал за да се издржува големиот чиновнички апарат.
На царот Константин Велики и неговата мајка Јелена, Нишлиите им изградиле и им го посветиле храм во дворот на новиот парк „Свети Сава“ во Ниш.
Чегар
Чегар е една од локациите во Србија каде што се случила битката кај ридот Чегар во близина на Ниш, дел од Првото српско востание. За првпат бил означен на 4 јули 1878 година со следниот натпис:
„До војводата Стеван Синѓелиќ и неговите неумрени херои кои ги загубија животите на 19 мај 1809 година во нивниот напад на Ниш. Кнез Милан М. Обреновиќ IV и неговите храбри војници ги откупиле на 27 декември 1877 година со освојување на Ниш.
Денешниот споменик во форма на кула е симбол на утврдувањето на војниците и е подигнат по повод педесетгодишнината од ослободувањето на Ниш од Турците, на 1 јуни 1927 година. Во 1938 година во полукружната ниша на споменикот, била поставена бронзена биста на Стеван Синѓелиќ.
Ќеле-кула
На 4 километри од центарот на Ниш се наоѓа т.н. Ќеле-кула. Била изградена од страна на Османлиите од черепите на убиените српски востаници предводени од Стеван Сингелиќ во битката кај Чегар. Во кулата се соѕидани черепите на 952 востаници, во 14 реда по 17 черепи.
Со текот на времето, кулата пропаѓа. Поголем број од месното население ги откопува скелетите од кулата за да ги закопа соодветно. Сега кулата е дел од Нишкиот музеј, а туристите секојдневно можат да сведочат за храброста на 4000 востаници кои му се спротивставиле успешно на огромниот турски аскер, како и на суровоста на Османлиите кои на овој начин сакале да спречат понатамошни буни кај нишкото население.
Нацистички логор „Црвен крст“ – денес Меморијален музеј „12 февруари“
Еден од најтемните периоди во историјата на Србија сигурно е пресликана во поранешниот концентрационен логор „Црвен крст“, односно сегашниот музеј „12 февруари“. Посетата на ова мрачно место што ќе ве одведе во најсивата зона на она што човековиот ум може да го смисли за омраза и за истребување на дел од човечкиот род е задолжителна за да се разбере овој дел од историјата.
Логорот кој требало да биде само привремен, го добил името според близината на зградата на „Црвениот крст“ и на железничката станица во близина.
Низ овој логор поминале повеќе од 35 илјади луѓе, а третина од нив ги загубиле животите. Дел од нив умреле од болест, дел биле убиени во кругот на логорот, додека најголем дел биле стрелани на блискиот рид Бубањ.
Имало четири категории затвореници. Првата категорија биле заложници. Тие служеле за одмаздничка погубување. За еден убиен окупаторски војник – 100, а за еден ранет – 50 заложници. Втората категорија биле Евреите. Третата категорија затвореници биле лица уапсени под сомнение дека му припаѓаат или дека соработувале со комунистичкото Националноослободително движење и воените единици на Јосип Броз Тито. Четвртата категорија затвореници ја сочинувале оние кои биле уапсени под обвинение за припадност или соработка со Југословенската армија во татковината, под команда на воениот министер, полковникот Дража Михајловиќ.
Кон крајот на јануари 1942 година, на ридот Бубањ секојдневно се случувале масовни стрелања на илјадници луѓе поради наводна соработка со партизаните. И покрај добрата фашистичка организација, на 12 февруари 1942 година се случило првото бегство од концентрационен логор во Европа. Затворениците не можеле повеќе да чекаат и да го одложуваат бегството бидејќи за утредента сабајле во 4 часот било закажано нивно стрелање. Иако петнаесет затвореници успеале да побегнат, четириесет и двајца не успеале во тоа и биле убиени. Во наредните денови, дури 800 луѓе од логорот биле стрелани во знак на одмазда, а најмногу од нив биле Евреи.
Особено страшно место во логорот претставува поткровјето. Таму биле сместени Евреите со своите машки деца. Таму се наоѓаат 19 полусамици во кои зрак светлина влегува низ едно тесно отворче горе на покривот. Постои сѐ уште и една целосно темна самица која сведочи за тоа каков третман имале најнепослушните, на кои и по неколку месеци им било скратувано правото на јадење и на светлина. Останатите спиеле на слама на подот.
„Се сеќавам дека таванот беше полн со Евреи, додека на понискиот кат беа нивните жени со децата. Машките деца кои имаа над 14 години, беа префрлени на таванот со татковците. Евреите ги доведуваа од сите краеви на нашата земја, па дури и од некои други држави“, сведочи Милорад Николиќ.
Особено потресни се сведоштвата на преживеаните деца во логорот, како и на помошниот персонал кој бил дел од сите настани. Додека мајките и татковците ги воделе на стрелање, децата ги лажеле дека ги носат во Белград, па децата им „пишувале“ што да им донесат како подарок.
„Ми остана во сеќавање судбината на едно еврејско семејство од Заечар. Тие беа лекари кои ги лекуваа сиромашните. И покрај напорите на населението да бидат ослободени, тоа не се случи. Родителите и едното машко дете набрзо беа стрелани, а трите девојчиња беа со нас во соба. Носеа долги плетенки, а ние им предложивме да ги скратат за да не фатат вошки. Едната рече дека не смее без одобрение на мајка си. Доктор Пијаде предложи ,да ѝ напише писмо на мајка ѝ‘ која наводно била во Белград. Беше многу трауматично да се гледаат како им пишуваат на родителите кои веќе одамна беа стрелани. Средното девојче ми рече: јас сум сигурна дека мајка ми нема да го добие писмово бидејќи повеќе не е жива. Еден ден и нив трите ги однесоа на стрелање, а ние весело им мавтавме трудејќи се да не дознаат каде ги водат“, сведочи Мирослава Савиќ.
Спасувањето на бебето Желимир
Една од приказните за спасувањето на логорските бебиња е онаа за бебето Желимир. Неговиот татко Конрад Жилник од Словенија и неговата мајка Милица Шуваковиќ биле познати партизани. И покрај животот под лажно име, Милица била откриена и одведена во логорот во Ниш. Пред да биде стрелана на Бубањ, родила здраво машко дете. Бидејќи тоа многу плачело, затворскиот лекар Велизар Пијаде воочил шанса да даде мислење дека детето е многу болно и мора во болница. Бебето го презеле тројца членови на Црвениот крст и потоа ѝ го предале на тетката која го расте во Драгутиново од февруари 1943 година.
Лекарот Велизар Пијаде подоцна бил откриен дека им помага на затворениците и бил стрелан на Бубањ. Неговата ќерка Јелисавета била интернирана во Аушвиц и таму ја дочекала слободата.
Овој логор, денеска меморијален центар „12 февруари“ наречен по датумот на првото бегство на затворениците, останува застрашувачко место за посетителите. Кога ќе ги погледнете затворските ќелии и останатите куршуми на надворешниот ѕид на логорскиот двор, како повторно да ги доживувате мачењата и убиствата на илјадници луѓе кои последниот здив го испуштиле токму овде на ова грозоморно место.
Бубањ.
Бубањ
Ридот Бубањ е пак, особено застрашувачки за посетителите. Денеска место за организирање пикници, некогаш стрелиште за Евреите, Ромите и партизаните. Овој рид е избран за најстрашните репресалии на нацистичкиот режим. Поради неговата близина до градот, жителите на Ниш веројатно секојдневно го слушале пукањето од егзекуциите.
Високо на ридот доминира споменикот во чест на жртвите во логорот кои биле стрелани овде – три монументални тупаници (машка, женска и детска). Поставена е и композицијата од 5 елементи „Фабрика на смртта“, на која на модернистички начин се прикажуваат сцени од машините за убивање, стрелањата, бунтот на народот, капитулацијата на освојувачите и победата. Реченицата „Нѐ стрелаа, ама никогаш не нѐ убија, никогаш не нѐ покорија“, врежана во споменикот, претставува надеж во идеолошката борба, повик за зачувување на идентитетот, набој за постојаност, лојалност и верба дека ваквите ставови живеат во народот.
Целиот рид е испресечен со јами и гробови на стреланите луѓе.
Нишка чаршија.
Богата и неповторлива гастрономска понуда
Нишката гастрономска сцена е и традиционална и современа. Пред дваесетина години, позната била нишката скара, ќебапи, вешалици, раженчиња со лук. Сега сопствениците на кафеани се сетиле и нудат некои ребрендирани традиционални специјалитети како јунешки опавчиња, овчите уштипци, панираните пиперки полнети со сирење, трљаница и друго. Повторно проработе дури и познатиот Американец на ридот над Ниш, во кој некогаш се веселеле Ричард Бартон и Елизабет Тејлор, на врвот на холивудската слава. Забавата ја организирал Маршал Тито, зашто црногорскиот режисер Булајиќ го убедил да го ангажира Бартон за да го претстави во филмот Битката на Неретва, а брачниот пар, пак, дошол на локалниот актерски фестивал.
Сепак, кој сака подобро да се запознае со автентичните нишки специјалитети, би требало да го посети „Два фенера“, во нималку атрактивниот дел од градот околу пазарот или да појде во „Зврк“, во главната Вождова улица, особено во летните месеци, бидејќи ресторанот има прекрасна бавча под липите и одлични моравски салати или леб запечен со црвен пипер. Тој специјалитет Нишлиите го викаат „албанска салата“.
Повторно работи познатата кафеана „Галија“ по која познатиот бенд го добил името. Месните специјалитети се одлично подготвени, речиси да има музика во живо секоја вечер, а персоналот е услужлив.
Одличен џигер во скрама има во кафеаната „Код Рајка“ во популарното Казанџиско сокаче.
Во кафеаната „Орач“ можете да нарачате одлична лесковачка мучкалица, селско месо или што било на скара бидејќи е навистина вкусна и извонредна.
Неизоставен дел од посетата на речиси секој Македонец на Ниш се кафеаната „Мрак“ и барот „Немир“. Лоцирана на периферијата на градот, оваа кафеана го гради своето реноме меѓу посетителите веќе 30 години.
Сѐ на сѐ, ако сте во Ниш, ќе доживеете едно уникатно искуство, вистинско историско, архитектонско, духовно и гастрономско доживување. Дефинитивно гратче кое не смее да се пропушти да се посети.