Масовната изградба на хотели и на станбени згради, многубројните дивоградби и непланското градење, со години ја „подгризуваат“ убавината на Охрид. Македонскиот Ерусалим или најголемиот туристички бисер на земјава веќе некое време упорно се обидува да се натпреварува со околните дестинации во кои државите вложуваат многу повеќе во туризмот и во угостителството. Откако минатата летна сезона плажите по должината на крајбрежјето изгледаа како од пред неколку децении, годинава градот повторно се одлучи да им ги даде на концесионери. Сепак, на стартот од јули, плажите зјаат празни поради недоразбирање односно препукувања меѓу централната и локалната власт. Но, Охрид не е само градот. Најубавите плажи се распослани по должината на патот што води до манастирот Св. Наум, а ние ќе се обидеме да ви ја доловиме не само сликата за туристички Охрид, туку и атмосферата што годинава ја живеат помалите населени места на крајбрежјето.
Кавга на централната и локалната власт околу концесиите за плажите
Летната сезона само што започна, а стартот стандардно го одбележуваат многубројни проблеми. Откако поранешниот градоначалник лани во јуни ги уриваше објектите поставени на плажите, ги исчисти и за нив за првпат по долго време не се грижеа концесионери, новиот градоначалник реши уште веднаш да ја промени оваа одлука. Уште кога ја презема функцијата, градскиот татко Кирил Пецаков најави дека Охрид ќе добие уредени плажи, но не и платформи поставени длабоко во езерските води, согласно со стандардите и препораките од УНЕСКО. Граѓаните имаа различни реакции, некои беа задоволни што плажите беа „исчистени“ од чадори и лежалки, кои од година во година чинеа сѐ поскапо. Други, пак, критикуваа дека со уривање на атрактивните платформи, туристичкиот центар стана неуреден и непримамлив за многумина. Се жалеа дека нема од каде да купат во близина ниту вода, ниту сок, ниту основна храна. Планот на Пецаков беше само дел од плажите да бидат уредени и тоа исклучиво со користење на природни материјали како дрво, а лежалки и чадори да бидат поставени само на половина од просторот за да може останатиот дел слободно да се користи од рекреативците.
Министерството за транспорт и врски и Владата преку Агенцијата за планирање на просторот го изработуваат Урбанистичкиот план за крајбрежниот појас на Охридското Езеро во кој целосно ќе бидат вклопени препораките на УНЕСКО, со што ќе се заштити крајбрежјето на езерото. Но, градоначалникот тврди дека овој план сѐ уште не е донесен, па затоа плажите зјаат празни. Според него, катастрофални се последиците од неажурноста на надлежните институции кои четири години не ги понудиле плажите под коцесија и не се потрудиле да најдат преодно решение пред почетокот на летото.
Tрпејца - мало туристичко селце со голем потенцијал | извор: travel2macedonia.com
„За тоа е потребно да се изработи планот за управување со охридското крајбрежје. Изгледа како Агенцијата за просторно планирање и Министерството за транспорт и врски да имаат други побитни работи, или ова не е во нивниот фокус. Не се случува ништо периодов иако имавме чести контакти и јас како градоначалник, а и претставници од Секторот за урбанизам биле на состаноци и во Агенцијата за просторно планирање и во Министерството, меѓутоа состојбата е статус кво. Дури се понудивме за изработка на планот, да ги изработиме точно опфатите каде што ќе се плажите. Според тој план, охридското крајбрежје би можело да има 15, 20 или 30 уредувања на плажи, ние да земеме да ги изработиме од нашиот сектор за урбанизам и потоа да ги дадеме на начин на кој што ќе се одлучи да се стопанисуваат, меѓутоа и така не наидовме на разбирање“, вели Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид.
Владата, пак, тврди дека не го кочи уредувањето на плажите на охридското крајбрежје. Министерот за транспорт Благој Бочварски смета дека општина Охрид може самата да ги уреди плажите согласно со генералниот урбанистички план и препораките на УНЕСКО.
„Има јасно утврдени критериуми и законски процедури како може Охрид или која било друга општина да пристапи кон уредување на плажи и тоа е согласно валиден изработен урбанистички план или урбанистичко планска документација. Ако се наоѓа во рамките на генералниот урбанистички план и за таквата процедура и постапка согласно со новиот Закон, се изработува проект што нема ни потреба да пристигне во Министерството или во Владата, така што Охрид или која било друга општина што има потреба, има таква можност, нема потреба да пристапи кон Владата за каква било согласност. Можат сами да си ги изработат тие планови и да донесат такви урбанистичко-плански документации, по што следува издавање на тие плажи со јавна лицитација или оглас за краткотраен закуп од една до пет години и таа постапка исто така се води во општина Охрид“, вели Бочварски.
Со новиот урбанистички план се очекува да се решат проблемите во најголем дел со неусогласената висина на крајбрежните објекти и нивното штетно влијание врз природното и културното наследство. Планот ќе препорача детално што и каде смее да се гради со која габаритност и од каков материјал. Ќе ги содржи сите препораки на УНЕСКО со цел да се зачуваат наследството и статусот на регионот кај оваа организација. Изработката на планот „тежи“ 30 милиони денари.
Ноќна панорама на Охрид
Инаку поранешните концесионери на плажите, при уривањето лани во јуни беа обвинети дека нелегално заработувале милионски суми, бидејќи договорите за концесија им биле истечени уште во 2018 година. Дел од концесионерите се решија да ја тужат општината, бидејќи тврдат дека плаќале концесии со истечени договори. Имено тврдеа дека јавната лицитација во 2018 година била поништена, а нови не се спровеле, па затоа ситуацијата останала статус кво.
И додека градоначалникот, инаку кадар од ВМРО-ДПМНЕ, и централната власт си ја префрлаат топката, факт е дека на стартот од јули, Охрид почнува да се полни со туристи, а плажите се во иста состојба како и лани.
Нема спасувачи
Не само што нема уредени плажи, туку тие немаат ниту спасувачи. Само 8 луѓе се пријавиле да бидат спасувачи на плажите и тоа само на оние што имаат концесија. Тие поминаа обука за спасители на отворени води, која се одвива под водство на национални инструктори за безбедност на вода со помош на инструкторите на Црвен крст од Охрид. Оттаму велат дека иселувањето на младите си го направило своето, па ретко кој сака да се занимава со оваа хумана професија.
„Заедно со останатите спасители што ни се на располагање се надевам ќе бидат доволни да се грижат за безбедноста на капалиштата. Спасители ќе бидат обезбедени за плажите што имаат концесионери, односно плажите пред хотелите, секако на нивно барање. Во минатата година, кога плажите беа преуредени од страна на локалната, имавме патроли и на овие плажи. Знаејќи ги видувањето на локалната од минатите години и финансиската состојба, не би излегувале со спасители на секое капалиште, но како превенција добро е да имаме патроли што би се движеле и би биле постојано во тие осум часа на еден поголем потег, на пример од Горица 3 до Гранит, каде што е најфреквентно, и на делот кај Канео, Потпеш, на тие капалишта“, вели Сашо Точков од Црвен крст од Охрид.
Трговците во Охридската чаршија ќе работат и во недела и за празници
Работа во недела
Откако Владата на стартот од годинава одлучи со законски измени да го оневозможи работењето во недела, најголемо незадоволство ваквата одлука предизвика токму кај дуќанџиите во Старата чаршија во Охрид. И покрај спротивставувањето на синдикатите, трговците беа решени да извршат притисок врз министерот за економија да направи исклучок за Охрид и за Струга. Нивниот аргумент беше дека најголемиот промет го прават токму во викендите, па недозволиво било во најголемиот ек на летната сезона, чаршијата да зјае празна. Министерот Бектеши попушти, па непосредно пред почетокот на сезоната им дозволи да работат и во недела, под услов да се плаќаат сите надоместоци што законски им припаѓаат на работниците, кои наместо да одмараат, ги услужуваат посетителите.
Од Министерството истакнаа дека додатокот на плата за работа во ден недела и на празници во продавници, киосци и штандови во туристичките места изнесува најмалку 100%, за секој час поминат на работа.
Занаетчиите извисија
Недела да биде работен ден бараат и занаетчиите, кои кубурат со финансии поради постпандемијата и економската криза. Тие „извисија“ со законските измени, зашто не се трговци, но очекуваат дозволата за работа во денот за неделен одмор и на празник да ја добијат со измени на Законот за работни односи, како што им било ветено.
„За нас важи Законот за занаетчиство во кој се наведува дека работното време на занаетчиите го одредува локалната самоуправа врз основа на повеќе критериуми, меѓу кои и традицијата. Ние сега не можеме да работиме во недела во тутристичките места, што не е во ред, зашто некои работат цела зима за тоа да го продаваат преку лето. Во Охрид, на пример, од три дуќани еден до друг, трговецот со бисери сега ќе може да отвори во недела, а другите два кои ги обработуваат бисерите, кои не се трговци, туку занаетчии, ќе бидат затворени. Тоа не е логично. Имаме ветување дека ќе се направат измени и на Законот за работни односи со вметнување на членот од Законот за занаетчиство со кој се регулира работното време“, вели Сашо Богоевски, претседател на Занаетчиската комора во Охрид.
Гости во Охрид – апетитите големи, можностите ограничени
По пандемијата со Ковид-19 и кризата што настана како резултат на војната во Украина, бројот на гости на охридското крајбрежје драстично се намали во последните две години. Капацитетите добиваа помош од државата, а финансиски се одржуваа „на нозе“ преку субвенции и ваучери за патување во земјата. По подолг период, градот и околните места беа опколени исклучиво со домашни туристи. Странците ги немаше. Годинава на голема врата се најавува нивно враќање. Уште од мај и јуни на плажите во Охрид можат да се забележат гости од Холандија, Белгија, Полска, Турција и секако, Србија. Во јули започнаа и сезонските летови на „Корендон ерлајнс“ на релација Амстердам – Охрид. „Корендон“ ќе лета од Амстердам за Охрид и назад секој вторник до 25 октомври.
„До пред месец и пол не знаевме како ќе се движат работите, но најверојатно се ослободија малку од војната и соседите и странските туристички оператори, па резервациите почнаа да доаѓаат наеднаш, така што добиваме полн капацитет на резервации“, вели Крсте Блажески, претседател на ХОТАМ.
Агенцијата за туризам очекува 400 милиони долари приходи од туризмот во оваа година, што не е занемарлива бројка и покрај сите проблеми во секторот.
„Не се случајни овие успеси и враќање на старите туристички патеки од 2017, 2018, а многу брзо и 2019 година. Се надевам дека до 2025 година заеднички ќе можеме да зборуваме веќе за 700 милиони долари девизен прилив и нешто повеќе од 4 милиони ноќевања во Македонија како туристичка дестинација“, вели Љупчо Јаневски, директор на Агенција за поддршка и промоција на туризмот.
Пештани, Трпејца, Љубаништа – поранешните познати рибарски селца со туристички потенцијал
Некогаш во центарот на вниманието на туристичката јавност, денес подзаборавени од посетителите. Локациски совршени, со езерото што се распослува пред нив како на тацна и со падините на Галичица во заднина, овие туристички селца се како извадени од некоја разгледница. Климата во летните месеци не се ни споредува со онаа во поголемите градови и Скопје. Жешките денови ги заменуваат постудени ноќи, па кога одите таму неминовно е да си понесете и облека со долги ракави. Потенцијалите се огромни, но се чини крајно неискористени. Освен хотелот Десарет на крајот на Пештани, на овој потег нема ниту еден погабаритен хотелски комплекс што би можел да понуди сместување за поголем број луѓе. Најавите за модерен туристички комплекс во Љубаништа на еден контроверзен индиски бизнисмен пред неколку години пропаднаа во вода, а други проекти не постојат. Пропадна и планот за нов пат на релација Охрид – Св. Наум. Сместувачките капацитети во овие населени места се сведуваат на мини хотели и издавање апартмани и соби. Иако има и такви што се одлучиле сериозно да инвестираат и да ги преадаптираат своите куќи во апартмани за издавање, се чини поголем е бројот на оние што само издаваат дел од собите во своите живеалишта без притоа да ги испочитуваат стандардите за сместување гости (мала квадратура, заедничка употреба на кујна и тоалет со други гости). Еден од ретките што решиле во родното место да се занимава со туризам и угостителство е Марко Танески. Тој огромната семејна куќа во Пештани целосно ја реновирал и ја адаптирал за сместување гости. „Вила Лана“ има капацитет од 6 двокреветни соби, кои по потреба може да се направат трокреветни и една четирикреветна семејна соба. Вкупно може да се сместат од 16 до 20 луѓе.
Плажа во Пештани
„Собите се релативно нови. Куќата е целосно реновирана во 2019 година. Во дворот се наоѓа и голема кујна што функционира како мал ресторан за гостите, која може да се користи 24 часа. Собите се добро опремени (има интернет, телевизор, фрижидер, посебен тоалет). Дел од нив имаат поглед на езеро. Располагаат со огромна тераса. Плажата е на 20 метри оддалеченост од овде. Ако сакаат да одат на други плажи, сите најатрактивни плажи и места (Оревче, Градиште, Заливот на коските) се на најголема оддалеченост од два километри. Елешец е на 4 километри оддалеченост, центарот на градот на десетина километри“, вели Марко Танески, сопственик на „Вила Лана“.
Дополнително, туристите овде може да изнајмат кајаци за неколку часа или за цел ден. Танески нуди и организирани тури со туристички водич.
„Едносед чини 15 евра за цел ден, а двосед чини 25 евра за цел ден. Организираната тура е нешто поскапа, но вклучува целосна организација (ручек, вода, овошје, туристички водич на англиски јазик). Ако има 4 и повеќе луѓе, цената е 45 евра по лице. Кајаците се извонреден начин да се истражуваат убавините на Охридското Езеро. Се смета дека потегот од Пештани, преку Трпејца е еден од најубавите на крајбрежјето. Има многу мали, диви, скриени, недопрени плажи до кои се стигнува исклучиво по воден пат“, вели тој.
Танески од годинава, стопанисува и со малиот ресторан „Галео“ во Пештани, во непосредна близина на езерото.
„Сопственикот ми е пријател. Тој тоа го работеше триесетина години. Јас сакам да го продолжам неговото дело. Ресторанот е прочуен по добрата храна. Дури има и Холанѓани што доаѓаат секоја година, како и Полјаци. И доаѓаат кај мене секоја година и го посетуваат ресторанот. Не сакаат ништо да менуваат, дури ја сакаат и истата соба каде што престојувале. Веќе се одомаќинети во Пештани. Има некои доаѓаат двапати годишно, еднаш во мај или јуни и уште еднаш во септември“, вели Марко.
Изнајмување СУП-даски, голема заинтересираност на младите за нови водни спортови
Повеќе ентузијасти од земјава, но најмногу од Скопје и од Охрид ги здружија силите во НВО „Explorer“, организација составена од луѓе што промовираат активности во доменот на спортскиот и на авантуристичкиот туризам. Целта е преку вмрежувањето да се промовираат меѓусебно и да им понудат на посетителите цел пакет од услуги: изнајмување кајаци, велосипеди, кампување, планинарење, планински велосипедизам, нуркање, спортско искачување.
Една од релативно поновите спортски активности на вода што земаат замав на Охридското Езеро е сапборд-веслањето. На плажата „Оревче“ од годинава функционира, односно почна со работа клубот „SUP Voyager Club – Ohrid“, кој нуди за изнајмување сап-даски. Тие чинат 5 евра за еден час или, пак, 20 евра за цел ден. Климент Гугоски, кој раководи со клубот, вели дека заинтересираноста е најголема кај помладите и тоа кај странците што го посетуваат Охрид. Сепак, зголемувањето на понудата на сап-даски го пробудила интересот и кај домашните туристи. На оние што решаваат првпат да пробаат вакво нешто, неопходно е претходно да им се покаже како да одржуваат рамнотежа на даската.
„Сите сакаат да пробаат бидејќи е нешто ново. Сепак, мора да се објасни како се користи, за луѓето да се чувствуваат покомфорно и повторно да дојдат. Ако не се направи тоа, при првиот пад, нема да знаат како да станат и ќе помислат дека е којзнае колку тешко, но по два-три обида разбираат дека секој може да весла на овој начин“, велат од клубот.
За да ја промовира оваа спортска активност на вода, клубот решил да организира и натпревар на 20 август 2022 година. Стартот ќе биде од Пештани, а финишот на плажата Оревче.
„Трката ќе трае од 35 до 50 минути веслање. Отприлика толкава е далечината, зависно од брзината и способноста на учесниците. Учесниците треба да се постари од 16 години. Можат да учествуваат со своја даска или, пак, ние да ја обезбедиме“, вели Гугоски.
Ѓомлезе - најпознат охридски специјалитет
Пештани и Трпејца отсекогаш важеле за стари рибарски села во кои населението со векови се издржувало исклучиво од рибарство. Во Трпејца владе некој чуден мир и спокој, што го прави идеално место за семеен одмор, односно за секој што сака да избега од градскиот метеж и од лудите забави. Идиличното местенце изобилува сѐ повеќе со нови современи градби што се мешаат со старите селски куќи. Спуштајќи се низ ритчето, по многубројните скалила, се отвора поглед кон езерската шир. Плажата е мала, едвај 200 метри, но убава и посипана со бели камчиња, додека водата е бистра и пријатна за бањање. Во Трпејца ќе најдете ресторанчиња што нудат рибна чорба, белвица, пастрмка, ѓомлезе, комат и други специјалитети. Поставени на самиот брег на езерото, угостителските објекти се идеални за уживање во беспрекорната природа која го опкружува селото. Сепак, не е сѐ така „розово“. И покрај големиот потенцијал, овие угостителски објекти, како и многу други во Охрид и во околината, одвај можат да најдат кадар за работа. Еден од сопствениците што сакаше да остане аномимен, ни вели дека последниве две години селата од околината се испразниле. Речиси сите што имале какво-такво искуство во угостителството, заминале надвор од државата да го вадат лебот.
„Кога го отворивме ресторанот, луѓево се чудеа како сме отворени. Велат – мислевме дека сте во Хрватска. Сѐ од персонал, од келнер, готвач, до собарка, сѐ е отидено во Хрватска. Повеќе е платено, нормално. Освен тоа, се забележува уште отсега, без разлика што сезоната само што почна, дека луѓето немаат пари. Сѐ е поскапено и за нив и за нас. Плати поголеми треба да се дадат, дневници. Персоналот не го интересира дали имало две или сите маси биле полни. Седат овде 8 часа и си бараат пари, нормално. А за нас, поскапа струја, поголеми плати, комуналии, треба да се потсреди нешто. Нема ќар. И сега, сите домашни туристи што за време на пандемијата беа овде, масовно ќе одат во Грција, а странците потешко се враќаат. Лошо ќе биде, сезоната ќе се ограничи на два-три викенда“, вели сопственикот на ресторанчето.
Дека проблемот со недостигот од кадар е сѐ поголем проблем, зборува и фактот што Туристичко-угостителската комора алармираше дека во угостителството недостасуваат дури 20 илјади работници. Предупредуваат дека ако не се промени ситуацијата за околу една година, 50%-60% од рестораните и од хотелите ќе се затворат. И не само тоа, туку веќе станува евидентна и потребата од увоз на кадар.
„Ние обезбедивме 5.000 работници од Турција и тие може да дојдат утре, но ако дозволи и овозможи државата. Сите би ги прифатиле македонските плати кои, всушност, се слични со оние во Турција поради кризата и падот на лирата. Нашите келнери, собари и рецепционери масовно заминуваат, главно на јадранското приморје, во Хрватска и во Словенија, но евидентно е и иселувањето во подалечните земји“, рече претседателот на ТУК, Аркан Керим.
Најголемата камп-дестинација на овој потег е селото Љубаништа. Со едвај 150 жители, во селото едвај има продавница од каде што можете да се снабдите со намирници, па оние што летуваат најчесто пазарат во Охрид, па доаѓаат овде. Долгата плажа е рај за туристите. Плажата нуди ситен песок и чиста вода, но сместувањето и чадорот мора да си ги обезбедите сами. Најчесто ја посетуваат домашни туристи. И покрај тоа што бројот на сместувачки капацитети расте од година во година, местото, без разлика на атрактивноста, длабоко заостанува зад крајезерските селца што се поблизу до градот.
Кристофер од Вортинг, Англија
Сепак, токму ова место е фаворитот на Британецот Кристофер Ричардс, 28-годишен фармацевт што го сретнавме како ја истражува околината. Вели бистрата вода, тишината на крајот од јуни и недопрените падини го освоиле „од прва“. Овој млад авантурист што патува сам низ повеќе балкански држави е воодушевен од убавината на Охрид и на околните места. Го сретнавме при крај на денот, кога го заврши пловењето со изнајмениот кајак. На прашањето зошто наместо неколку дена останал неколку недели во Македонија, вели:
„Па штотуку ме сретнавте. Каде на друго место некој ќе ме прими со раширени раце, во својот двор, странец за кој не знаете ништо. Изнајмувате кајак, а на крај завршувате во нечија градина. Ми дадовте и ручек, пиво и ме дружевте цела вечер. Кај нас го нема тоа. Никогаш нема да се случи. Бев во Скопје, Битола, сакам да одам и во Маврово, но ќе се вратам овде, бидејќи е многу убаво. Луѓето се поопуштени, има подобра комуникација во заедницата.“
Уште од март патува низ балканските земји. Речиси секогаш со јавен транспорт, најчесто автобус. Сепак, вели уште веднаш сфатил дека ниту патиштата, ниту превозот не се најдобри овде. Би сакал да има повеќе патокази, особено кон помалите места. Но, тоа не го спречува да посети колку што е можно повеќе од нашата држава. Вели, во неговото родно место на југот од Англија речиси никој не знае каде се наоѓа Македонија, но кога ќе им покаже каде сѐ бил, луѓето се воодушевени од убавините на нашата земја.
Зајдисонце над Охридското езеро
За крај, му велиме дека денот го завршуваме со капење на зајдисонце. Ни вели дека е облачно и дека има најава за дожд. Само му се насмевнавме. За неполни 5 минути, небото се разведрува и последните сончеви зраци ја пробиваат езерската шир. Навистина, без разлика на временските услови, брегот на Пештани секогаш го облева сонце пред да заврши денот. Токму на овој потег на Охридското Езеро може да се ужива во најубавите летни зајдисонца. И додека сонцето полека се спушта зад планините во Албанија, а небото го облеваат жолти и портокалови нијанси, сфаќаме дека нема човек што не сака да ја доживее оваа глетка. А ако има сѐ повеќе луѓе што сакаат да видат дел од неприкосновената убавина на езерото, има и надеж дека Охрид ќе го врати стариот туристички сјај.