Ски центарот е школски пример за лошо менаџирање. Јавното претпријатие „Пониква“ кое го формираа општините Кочани и Пробиштип и кое требаше да стопанисува со ски центарот никогаш не профункционира, па честите дефекти предизвикани од неповолните временски услови и недомаќинското работење, го отежнуваат неговото функционирање. Се планираше финансирањето да биде заедничко, од буџетите на двете општини. Реализацијата се покажа како неуспешен проект. Откако ниту една општина не го презеде целосно управувањето, односно само повремено колку-толку се одржуваше опремата, се избра концесионерот „Еурокомерц“, компанија која сега стопанисува со терените – одговорна е за подготовка на патеките, одржување на ски лифтовите, организација на ноќното скијање.
Во прегратките на Осоговските Планини, на надморска височина од 1.580 метри, на 20 километри оддалеченост од Кочани е сместен скијачкиот центар Пониква. Полека, но сигурно, иако и понатаму во сенка на Маврово и Попова Шапка, Пониква станува едно од омилените места за скијање за време на зимскиот распуст за децата и нивните родители, особено оние од Истокот. Не дека имаат избор – Пониква е единствениот скијачки центар во овој дел од Македонија. Ја нарекуваат воздушниот бисер на Осоговието, место каде што вљубениците во природата можат да се одморат од сите животни стресови, да се наполнат со позитивна енергија и да уживаат во живописниот пејсаж, кој доживува кулминација за време на зајдисонцето.
Без државни пари - ништо?
Заборавена од времето, локацијата добива повеќе на значење во 2012 година. Со финансиска помош во опрема во висина од 20 милиони евра од МЕПСО, Владата и донација од Швајцарската влада, релативно непознатата скијачка дестинација станува туристичка атракција. Еден милион евра се вложија во опрема за вештачки снег: топови, ратрак, моторна санка. Изградена е вештачка акумулација, електроенергетска и водоводна инсталација за пренос на вода и за подготвка на вештачки снег. По малку трагично, но по пауза од дури четири децении, конечно пред две години беа реконструирани и дотраените скилифтови. Скијачките патеки се опремени со рефлектори за ноќно скијање, кое повремено се одвива на двете скијачки патеки од 17 до 20 часот. Сепак, несоодветното чување на опремата доведоа до тоа пред 5 години, непосредно пред стартот на скијачката сезона 5-те топови за вештачки снег да бидат надвор од употреба. Причината – биле исечени и украдени каблите. Пред целосно да се санираат недостатоците, неколку скијачки сезони функционираа само повремено кога ќе се наталожеше снежна покривка.
Лошо управување
Ски центарот е школски пример за лошо менаџирање. Јавното претпријатие „Пониква“, кое го формираа општините Кочани и Пробиштип и кое требаше да стопанисува со центарот, никогаш не профункционира, па честите дефекти предизвикани од неповолните временски услови и недомаќинското работење, го отежнуваат неговото функционирање. Се планираше финансирањето да биде заедничко, од буџетите на двете општини. Реализацијата се покажа како неуспешен проект. Откако ниту една општина не го презеде целосно управувањето, односно само повремено колку-толку ја одржуваше опремата, се избра концесионерот „Еурокомерц“ да стопанисува со терените,компанија одговорна за патеките, одржување на скилифтовите и организација на ноќното скијање.
Скијачки центар Пониква
Патот до Пониква
Кривулестиот пат од Кочани до Пониква оваа зима е чист и прооден. Реконструиран е целосно во две фази пред неколку години. Кога нема снег, 20-те километри се возат за околу половина час. Овој јануари, по обилните врнежи од снег, се појавија голомразица и помали одрони на патот, но надлежните навреме реагираа. Сепак, повремено се појавуваат помали проблеми во одвивањето на сообраќајот. Се случува да претрчуваат животни, не ретко има и коњи на патот, што доведува до блокирање на сообраќајот. Додека возите од Кочани кон Пониква можете да почувствувате и мирис на чад и смрдеа од неколку километри оддалечената депонија, како и од околните диви депонии што често горат. Проблемот со одлагање на отпадот не е нов, па така на патот кон Осоговските Планини може да се забележи отпад од најразлични видови – телевизори, компјутери, стакла, троседи, што претставува лоша слика за навиките на жителите на Кочани и околните места.
Инфраструктурата, пак, во самото срце на Пониква е во очајна состојба. Раскопани асфалтни необележани патеки за пешачење се сликата што ќе ве дочека во најатрактивниот, средишен дел од центарот. Приодите кон некои од најпопуларните и најпосетувани угостителски и сместувачки објекти се неасфалтирани. Паркинзите се посебна приказна. И покрај ситните вложувања за обезбедување на нови паркинг места, хаосот во зимските месеци е неминовен. Автомобилите се оставаат каде било, а површините за пешачење се узурпираат за стационирање на возилата. Има и несовесни граѓани што се „дрзнале“ дури и да ја оштетат скијачката патека. Лани, на почетокот од јануари, неколку возачи со џипови поминале низ скијачката стаза, го раскопале снегот и ја уништиле за користење.
Можности на скијачките центри
Скијачкиот центар се состои од два скилифта (еден за почетници, друг за средно напредни скијачи), викендици, терени за спортски активности, хотели, кафеани, услуги за рентање и сервис на скијачка опрема. Идеално место е за најмладите да научат да скијаат. Скијачките патеките се пошироки и подолги, што ги прави погодни за почетници. На Пониква има и детско одморалиште со капацитет од 220 легла. Вкупниот капацитет за примање гости е ограничен на околу 400 луѓе, не броејќи ги приватните вили што се стотина на број и за кои е неопходно претходно закажување. Оваа сезона интересот за Пониква е на задоволително ниво. Поатрактивните сместувачки капацитети се резервирани со недели однапред. Слободни апартмани евентуално можат да се најдат за време на работната недела, од понеделник до петок.
Пониква важи за една од најевтините скијачки дестинации во земјава. Одлична е за семејни одмори, бидејќи цените за сместување, храна и пијалоци, како и дневен билет за скилифт и рентање опрема се пристојни и пониски отколку во другите центри. На пример, дневен скибилет за деца чини 500 денари, а за возрасни 600 денари. Скилифтовите преку ден работат од 10 до 15 часот. За ноќно скијање (вообичаено во среда и во петок), во времетраење од три часа треба да се издвојат 500 денари.
Никола Стојков е човекот што секој ден го поминува на Пониква. Го наследил деценискиот бизнис од својот татко. Тој продава, изнајмува и сервисира скијачка опрема. Важи за еден од најревносните промотори на скијачката дестинацијата. Да бидеме искрени, на интернет просторот нема да најдете вебстраница „Скијачки центар Пониква“, информациите од надлежните општини се оскудни, па за многумина токму Никола е главниот извор од кој можат да дознаат за активностите што се случуваат и состојбата на скијачките стази. Тој преку својата фејсбук страница „Ски Надја“, и по неколку пати дневно споделува слики и видеа за сè што би можело да ги интересира скијачите – дали паднал снег, колкава е снежната покривка, дали има поволни временски услови за организирање ноќно скијање, дали се подготвени стазите и слично. Цените по кои ги нуди производите и услугите се многу поволни.
„Заинтересираноста е сè поголема. За 300 денари може да се изнајми цела опрема за еден скијач. 200 денари чини рентање на санка, а 400 денари на сноуборд“, вели Никола.
Сместувачките капацитети се релативно евтини. Цела вила, за 4 до 6 лица, зависно од понудените услови може да се изнајми за 2.500 до 6.000 денари. Мал апартман отприлика чини 2.000 денари. Просечна цена на полн пансион по лице изнесува 1.500 денари. Истовремено и цените во угостителските објекти се значително пониски од оние во останатите скијачки центри.
Од пред 3 години, во рамките на комплексот е отворен и туристичкиот информативен центар Пониква. Во објектот, туристите може да добијат информации, мапи, летоци и други печатени и промотивни видеоматеријали, како и сувенири за продажба. Инфоцентарот располага со сала за состаноци и за семинари што може да се изнајмува, со што се обезбедуваат средства за одржување на објектот.
Освен, очекувано, масовната посетеност во зима врзана за белите спортови, локацијата станува примамлива и за развој на екстремни спортови како планински велосипедизам и параглајдерство.
Пониква
Недостиг од инвестиции
Освен неопходните вложувања во основна опрема за работа, на Пониква речиси и да нема нови инвестиции во последниве години. Напоменавме дека инфраструктурата во самиот скијачки центар е во лоша состојба, но метежот од народ особено во викендите неминовно упатува на тоа дека ќе мора да се прошират постоечките капацитети. Никола Стојков вели дека новата локална власт ветила вложувања во нови скилифтови, па останува да видиме дали и тој проект ќе ја види светлината на денот.
„Треба да има уште ден до два скилифта, бидејќи многу повеќе луѓе доаѓаат споредбено со претходните години. Сè повеќе туристи има, а ограничени сме со два скилифта. Новиот градоначалник ни вети дека ќе направат уште еден скилифт. Имаме ние овде едно место што одговара, па ќе видиме. Вака има многу гужва и возрасни и деца. Исто, треба некој под концесија да го земе и паркингот кај т.н. Аеродром, да го чисти, да го одржува, да има луѓе што ќе ги насочуваат и распоредуваат автомобилите. Сега, за време на викенд се прави метеж. Во сабота и недела околу 12-13 часот кога е хаос доаѓаат полицајци, но тоа не е решение,“ вели Никола.
Кога пред неколку месеци ја бараше довербата на гласачите, сегашниот градоначалник Љупчо Папазов излезе со низа ветувања за нова скијачки патека, патишта до викендичките, како и за целосна инфраструктура за водоснабдување и одведување на отпадните води.
„Пониква е гордоста на Кочани, на неа ќе изградиме целосна инфраструктура за водоснабдување и одведување на отпадните води. Ќе подготвиме урбанистичка документација за изградба на нови хотелски комплекси, а ќе бидат изградени и нов скилифт и нова скијачка патека. Опремата што ја оставивме, а која е сега во очајна состојба, ќе ја подигнеме и ќе ја ставиме во функција на посетителите на Пониква. Ќе изградиме нов скилифт и нова скијачка патека. Ќе ги асфалтираме сите пристапни патишта до викендиците“, најавуваше тогаш Папазов.
Скијачка патека на Пониква
Масовна изградба на викендички
Освен скијачите и угостителите, интерес за Пониква како викенд населба покажаа и граѓаните од околината, но и од други градови низ републиката, кои се повеќе градат викендици во околниот предел опкружен со густа букова шума и разновидна вегетација. Локалните власти во Кочани и во Пробиштип изминатите години направија напори за урбанизација на делови од рекреативниот центар Пониква, кои потоа беа понудени на продажба. Интересот беше огромен, сите парцели добија нови сопственици. Цените очекувано се вивнаа нагоре. Ако метар квадратен државно земјиште за изградба на викендици во 2014 се продаваше за багателни 240 денари, во 2018 цената достигна 820 денари за квадратен метар. Општината Пробиштип, пак, си овозможи, преку новиот урбанистички план за скијачкиот центар Пониква да продава плацеви за нови 200 викенд куќи, но и за хотели и угостителски објекти. Добрите познавачи на околината и рекреативците не се задоволни од масовната урбанизација на Пониква. Велат дека токму фактот што локацијата административно
ја делат две општини, придонесува за архитектонски хаос поради непланско градење. Имено, граница меѓу двете локални заедници е патот. Инфоцентарот, скилифтот „3“, Манастирот Св. Василиј, угостителските објекти и голем број викендички се под надлежност на општина Пробиштип, а скилифтот „1“ и викенд населбата се на Општина Кочани. Поради желбата на локалните власти за брзи пари од комуналии, посетителите се жалат дека средишниот дел на Пониква е натрупан со викендици, кафеани и паркинзи, па просторот за шетање е сведен на минимум.
Викендица на Пониква, извор: Вила Дара - Пониква
За разлика од она што е видливо на терен, студијата за развој на скијачкиот центар Пониква стара 10 години предвидуваше многубројни инвестиции со кои локацијата требаше да прерасне во модерен спортско-рекреативен центар со разновидни содржини. Планот беше да се понудат активности атрактивни за посетителите преку цела година, а не само во текот на неколкуте зимски месеци. Освен инфраструктурни проекти во самото место и сообраќајно поврзување на комплексот со Пробиштип, како и проширување на сместувачките капацитети, зголемување на бројот на скијачки патеки и на нивната должина, се предложуваше и изградба на спортска сала, скијачки парк за деца и почетници, сноуборд парк, стази за спуштање со гумени чамци на снег, две планинарски колиби, лизгалиште, парк за планински велосипедизам, адреналински парк, тобоган итн. Од сето ова, засега нема ништо. Планови постојат, но реализацијата изостанува.
Кон крајот на 2020 година, Осоговските Планини беа прогласени за заштитен предел (заштитено подрачје од категорија V) и прво поголемо заштитено подрачје во Македонија после Националниот парк „Галичица“ во 1958 година. Со оваа заштита се зголемува потенцијалот за рекреативен и спортски туризам, за социоекономски развој на регионот, се создава можност за креирање на брендирани производи и нивен пласман.