Попова Шапка – ќе се разбуди ли од зимскиот сон заспаната ски-убавица?

Панорама на Попова Шапка

Бугарските Банско, Боровец и Пампорово ни ги земаа македонските туристи. За достигнувањата на Копаоник и на Златибор не станува ниту збор. Одамна македонските скијачки центри убедливо губат во трката со соседите. Развојот на неколкуте нови скијачки дестинации во земјава е или на почеток или, пак, идеите за нивна реализација веќе пропаднаа. Неодамнешната најава дека странски инвеститори ќе вложуваaт милионски суми за ревитализација на најстариот ски-центар во земјава, Попова Шапка, ги подгреа надежите дека сепак ќе го задржиме чекорот во борбата за привлекување на вљубениците во зимските спортови.

Кон крајот на ноември, од Владата стигна радосна вест – по долги години зачмаеност, конечно се нашол странски инвеститор што сака да ѝ ги врати на Попова Шапка ликот и реномето што го заслужува. Се работи за италијанската компанија „Техноалпин“ од Болцано, Јужен Тирол. Надлежните на големо се пофалија дека фирмата специјализирана за производство и за инсталирање на системи за вештачки снег, дизајн на скијачки терени и на скијачки зони, со 30-годишно искуство, најавила дека ќе ја реновира и ќе ја развие Попова Шапка во модерен и реномиран зимски центар. Владата веќе го прифати предлог-проектот за стратешка инвестиција односно партнерство. Со „Техноалпин“ треба да се склучи договор за концесија. Италијанската компанија проценила дека инвестицијата ќе ја чини вкупно 186 милиони евра. Инвестицијата треба да се реализира почнувајќи од 2023 година и да се одвива во шест инвестициски фази, од кои првата изнесува приближно 55 милиона евра.

На официјалната веб-страница на компанијата стои дека таа опслужува над 2.400 клиенти во голем број земји. Фирмата располагала со буџет само за иновации од околу 6 милиони евра и вработува над 600 лица на 16 локации во 13 држави низ светот.

Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, е оптимист дека заспаната зимска убавица повторно ќе светне во целиот свој сјај.

„Станува збор за голем инвестициски проект што е резултат на нашите напори да ги заштитиме природните вредности, но и да обезбедиме развој. Оваа компанија, по направеното истражување, понуди амбициозен план за развој, иновации и раст на ски-центарот Попова Шапка, кој се карактеризира со модернизација на постојната ски-зона и нејзино територијално проширување, како и со подобрување на примарната инфраструктура и на туристичко-сместувачките капацитети“, вели министерот за животна средина, Насер Нуредини.

Планот е да се реновираат постојните капацитети, да се постави систем за правење снег, да се прошири скијачката зона со нови објекти и патеки, но и да се реновираат и да се прошират хотелите и да се изградат нови хотелски капацитети. Надлежните најавуваат изградба на асфалтни паркиралишта, велосипедски патеки и создавање услови за други рекреативни активности, со што овој центар ќе добие можност да се вброи во најмодерните европски зимски центри.

Директорот на „Елем Турс“, Адем Авзиу, за следната година ги најавува новите инвестиции под услов се одвиваат како што треба сите процедури за склучување на договорот со новиот инвеститор. Во бизнис-планот и мастер-планот што го доставила компанијата до комисијата за стратешки инвестиции, било сѐ до детали елаборирано. Во првата фаза било предвидено проширување на скијачките терени во левиот дел во близина на двоседот „Свети Илија“, со што би се направиле жичарница со шест или со осум лифта и две нови скијачки патеки. Во првата фаза се планирало да се инвестира во двоседниот ски-лифт, кој треба да биде заменет со ски-лифт со шест седишта, а планирана била и целосна инвестиција во системот за вештачки снег на теренот „Свети Илија“ и „Поток 1 и 2“. Исто така, се планираат шестосед и поврзувачки патеки, реновирање на хотелот „Славија“ и обнова на инфраструктурата со цел заживување на Попова Шапка.

Попова Шапка порано беше предизвик за врвни имиња на зимските спортови, но, за жал, долгогодишното неинвестирање и запоставување на дестинацијата доведе до сериозен застој и неискористеност на бројните можности и потенцијалот за развој на туризмот што ги нуди овој планински предел.

Ски центар Попова Шапка

Ски центар Попова Шапка

Се формира ново претпријатие „Ски-центар Попова Шапка“

Пред да се реализира инвестицијата на италијанската фирма, клучно е надлежните да ги направат неопходните чекори и да ги создадат сите услови за вложувањето да стане реалност. Првиот чекор веќе беше направен. Државните електрани АД „Електрани на Северна Македонија“ го одвоија имотот на фирмата-ќерка „ЕЛЕМ Турс“ со формирање на две нови претпријатија. Едното ќе го носи името „Ски-центар Попова Шапка“ ДООЕЛ Тетово, кое понатаму ќе треба да биде преземено од стратешкиот инвеститор „Техноалпин“. Второто претпријатие е ЕСМ „Молика“, под чија сопственост е истоимениот хотел на Пелистер. На компанијата „Ски-центар Попова Шапка“ директор ќе биде досегашниот прв човек на „ЕЛЕМ Турс“, Адем Авзиу.

Авзиу за македонските медиуми изјави дека очекува новоформираното претпријатие да му го предаде својот имот на стратешкиот инвеститор до следното лето преку договор за концесионирање.

„Постапката на издвојување од ЕЛЕМ Турс е завршена. Следната фаза е преговарање со стратешкиот инвеститор по сите предлози. На крај, ќе се потпише договор, кој потоа ќе треба да биде одобрен од Собранието. Во меѓувреме ќе работи стручниот тим на Владата, а колку што знам, имотот ќе оди на користење кај инвеститорот како концесија“, вели Авзиу.

Старата гондолна жичница не се користи по конфликтот

Старата гондолна жичница не се користи по конфликтот | извор Зоран Андонов

Ќе се обнови ли гондолата што го поврзувала Тетово со ски-центарот?

Најчеста глетка во текот на зимските месеци кога скијачката сезона е во полн ек е закоченост на сообраќајот. Ако тргнете од Скопје преку Тетово кон Попова Шапка, ќе треба да поминете во пат со автомобил минимум два часа, и тоа само ако тргнете навреме во раните утрински часови. Тетово како град е особено блокиран во текот на викендите. Патот до Попова Шапка често е неисчистен, а поради тоа што е тесен, сообраќајот се одвива отежнато. Неретко и најголемите ентузијасти се одлучуваат да се вратат назад без воопшто да стигнат до крајната дестинација. Други, пак, се паркираат и неколку километри далеку од ски-центарот, па пешачат дотаму. Има и такви што само застануваат покрај патот и ги пуштаат децата надвор колку да подишат чист воздух, ако може воопшто да се каже дека воздухот во околината на Тетово е чист. „Најсреќните“ се оние што нашле паркинг во самото срце на центарот, но за да најдат соодветно место за паркирање, сигурно потрошиле многу време, кое ги чинело многубројни нервози.

Токму затоа, тетовчани, но и другите скијачи што сакаат да одат на Шапка, неизбежно го поставуваат прашањето дали е конечно предвидено во планот на новиот инвеститор да се реновира и гондолата, која во минатото го поврзувала ски-центарот со градот Тетово.

Кога стапи на функција пред една година, градоначалникот на Тетово, Билал Касами, најави оптимистички дека гондолата ќе проработи. Тој тогаш ги повика на соработка институциите на централната власт, граѓанскиот сектор и другите за правилно изготвување на деталниот урбанистички план. Исто така, како дел од планот за 2022 година, предвидена е и изградба на една катна паркинг-гаража на Попова Шапка, со што би се обезбедиле над 900 паркинг места.

Според досегашните анализи, процените се дека изградбата на гондолата долга 7 километри би чинела околу 20 милиони евра. Оваа инвестиција би придонела да се зголеми потрошувачката во рамките на ски-центарот во текот на целата година. Исто така, со ова значително ќе се намали потребата за сообраќај од и кон Попова Шапка, ќе се намали и загадувањето, како и зависност од постојано чист пат во зимскиот период.

Надлежните уверуваат дека и изградбата на гондолата била дел од преговорите со странскиот стратешки инвеститор „Техноалпин“ и се надеваат дека ќе биде обновена, односно дека ќе биде дел од пакетот на реновирани жичници и ски-лифтови.

Тетово и ски-центарот Попова Шапка во минатиот век биле поврзани со најдолгата гондолна-жичница на Балканот. Таа е надвор од функција по воениот конфликт во 2001 година, опремата е оштетена, а сајлите на повеќе места се искинати. Возењето во гондоли за четири лица траело 40 минути, со капацитет на опслужување од околу 400 луѓе на час.

Шапка врие од дивоградби

Шапка врие од дивоградби | извор: инстаграм 100janovska.b

Попова Шапка полна со дивоградби

Проблемот со бројот на изградени дивоградби во Македонија е добро познат и распространет феномен што достигнува астрономски размери. Сепак, желбата да се има викендичка на атрактивно место близу ски-центарот Попова Шапка доведе до масовна градба на овој потег. Најголем број од куќите не поседуваат одобрение за градба, а камоли сопствениците да имаат имотен лист за објектите. Масовната узурпација на државно земјиште на Шапка достигнува невидена дрскост од страна на „градителите“, процесот не престанува, а законот за легализација на дивоградби само ја влоши работата – едноставно, им овозможи токму на оние што ги изиграле и ги заобиколиле прописите и правилата, да си ги легализираат градбите, и тоа за едно евро за квадратен метар.

Процените на здружението на граѓани каде што членуваат сопственици на викендици се дека од над 700 објекти во викенд-населбата, околу една третина или околу 250 се во процес на легализација, односно дека досега постоеле како дивоградби.

Од Општина Тетово, пак, со податоци за помал број куќи што чекаат разрешница на процесот за легализација на дивоградбите.

„Во овој момент се водат 125 предмета за легализација на објекти на Попова Шапка. Од нив, за 60 треба да се излезе на терен и да се утврди фактичката состојба, а на другите 65 им недостига документација, која треба да ја достават“, велат од Секторот за урбанизам.

Неколку објекти се веќе срушени, но сѐ уште недонесениот ДУП на овој потег ја отежнува работата. Градоначалникот на Тетово, Касами, се пожали дека општината наследила хаос околу легализацијата на тие објекти и дека процесот оди тешко затоа што целата викенд-населба се води како една парцела на име на државата.

„На Попова Шапка има многу градби во фаза на легализација. Во следниот период сите тие ќе бидат пуштени на Совет, каде што ќе се одлучи дали ќе се прифати или ќе се одбие легализацијата. Согласно таа ситуација, ќе знаеме што понатаму. Тоа треба да го направи стручно тело, а на Совет ќе се даде конечна одлука, затоа што таму се работи за државно земјиште. Ние не сакаме никој во општината да преземе одговорност за легализација врз државно земјиште. Ако одлучи Советот дека може во тој дел да се легализира, тогаш како администрација тоа ќе го прифатиме“, изјави Биљал Касами.

Од Македонското еколошко друштво велат дека со прогласувањето на Шар Планина за национален парк, се стеснуваат и можностите за самоволие на поединци, но и се зголемува одговорноста кај надлежните за подобро управување со природното богатство. Оттаму, сметаат дека новиот национален парк треба да работи според својот План за управување, во кој јасно е пропишано дека нови туристички објекти и викендици не смеат да се градат во зоната на строга заштита и во зоната на активно управување во заштитеното подрачје.

Според процените, во викенд-населбата Попова Шапка има 700 викендици, од кои 250 чекаат на легализација.

Image
Newsletter