Пред неколку децении, едно просечно македонско семејство со достоинство можеше да каже дека летува покрај Преспанското Езеро. Младинските кампови, детските одморалишта и камповите Крани, Асамати и Отешево беа преполни со гости. Денеска Преспанското Езеро има гости, но сѐ помалку капачи, освен локалците, битолчани, ресенчани и ретките вљубеници во тишината на подзаборавеното второ по големина природно езеро во Македонија. Жителите велат недопрената природа на Преспа има да понуди многу, студените ноќи во топлите лета можат да го разладат секого што сака да избега од вжештениот асфалт. Езерото пропаѓа, но плажите од година во година се сѐ пополни. Капачи нема многу, но сончањето на врелиот песок е приоритет за младите.
Искусните планинари што редовно ја качуваат Галичица, велат дека нема поимпресивна глетка од онаа од највисокиот врв Магаро (2.255 метри надморска височина) рано наутро, особено лете пред изгрејсонце. Тогаш најубаво се гледаат истовремено двете езера, Преспанското и Охридското, кои воодушевуваат со својата убавина. Патот низ Националниот парк „Галичица“ е еден од најживописните во Македонија, а особено инспирира спуштањето кон Преспа. Од видиковецот „Лескоски уши“, кој се наоѓа на преспанската страна од паркот, на надморска висина од 1490 метри почнуваат да се наѕираат првите силуети на Преспанското Езеро. Овој видиковец има поглед кон прекрасните песочни плажи на Стење и околината, како и на Пречна Планина на границата со Албанија.
Поглед кон Охридското и Преспанското езеро од Галичица | извор: pont.org
Кога ќе се спомне Преспа, ретко се мисли на масовен туризам, барем не во последниве години. Сепак, се направи обид запуштените плажи да добијат нов лик и да се најдат концесионери што ќе стопанисуваат со нив. Пред 8 години, на јавен конкурс се избраа идејни решенија за тоа како ќе изгледаат 600 метри плажи по должината на брегот, кои требаше да ги запазат највисоките туристички стандарди, а сепак да го заштитат биодиверзитетот во околината и да ја зачуваат природата. Тоа и се случи. Плажите беа нивелирани со нов песок, беа поставени лежалки и чадори за голем број туристи, беа поставени содржини за деца, а се појавија и повеќе угостителски објекти што нудеа квалитетна храна и пијалоци по многу ниски цени. Се чинеше дека туризмот се враќа на голема врата на Преспанското Езеро. Денеска сѐ уште нема голем број сместувачки капацитети во околината. Мора да се признае дека Преспа нема големи хотели. Се нудат индивидуални сместувачки капацитети, куќи и мали хотели. Сѐ повеќе жители бараат општината да изврши категоризација на домовите што ги издаваат. Токму затоа, приоритет на општината е сѐ повеќе да го стимулира алтернативниот екотуризам. Интересот кај инвеститорите е голем, но надлежните се на мислење дека е добро да се оствари и некоја браунфилд-инвестиција, да се реобнови, на пример, хотелот Европа, кој е оставен на забот на времето како тажен потсетник на посттранзициската приказна во Македонија.
Туризмот зема замав, особено пред две години за време на пандемијата кога затворените граници ги „принудија“ граѓаните да летуваат дома и одново да ги откриваат заборавените убавини на татковината. Во 2020-та, во Преспа летувале 4.250 туристи, главно домашни, и биле реализирани 16.990 ноќевања. Во Преспа има 262 легла во приватно сместување, 370 во хотелско и 100 легла се нудат во делот на манастирското сместување. И покрај тоа што овие бројки се смешни споредено со посетата на Охридското Езеро на пример, влеваат оптимизам дека и Преспа останува атрактивна како за домашните, така и за странските гости.
РЕНОВИРАНИТЕ ПЛАЖИ – ГЛАВЕН АДУТ
Од поголемиот број плажи по должината на Преспанското Езеро, издвојуваме неколку песочни плажи што пленат со својата убавина. Пред нив се простира езерската шир, а зад нив планини со бујна вегатација.
Плажата во Крани - рај за камперите
Стење – најдолга плажа на западното крајбрежје во непосредна близина на границата со Албанија. Како што пишавме погоре, некогашната плажа е целосно обновена, поставени се нов песок, монтажни објекти на самиот брег и во езерото, а изградено е и ново шеталиште. Покрај плажата се наоѓа хотелот „Рива“, а во селото постојат неколку приватни сместувачки капацитети.
Претор – Прво на источното крајбрежје, местото Асамати изгледа како да не успеало да му одоле на забот на времето. Местото познато по кампот Асамати, некогаш многу популарен, е добро за престој, но плажата не е во многу добра состојба, па затоа оние што се сместени таму одат на плажа во Претор. Во Претор има доста развиен туризам, има неколку големи ресторани на самата плажа, кои организираат дневни и целовечерни забави. Поседува голем и сѐ уште бесплатен паркинг, а по должината на плажата може да се забележат разни продавачи на сѐ и сешто (најчесто ситници, сладолед, грицки и играчки за деца). Плажата е убава и чиста, но во водата има многу тиња, па поради чувството дека пропаѓаат длабоко, многумина само се сончаат или уживаат во некој од рестораните.
Сливница – според многумина најубавата плажа по должината на езерото. Ќе ве воодушеват 400-те метри ситен песок и чистата и плитка вода. Приватен концесионер се грижи за нејзиното стопанисување веќе подолг период, па важи за една од поскапо и подобро уредените плажи, ако не и најдобро уредена според сите неопходни стандарди. Располага со повеќе од 1.000 лежалки. Од самата плажа продолжува дрвен мост со платформа од каде што имате поглед на најубавите зајдисонца, особено во летниот период, а на хоризонтот јасно се оцртува и островот Голем Град.
Крани – Окружен со исклучително богата вегетација, автокампот Крани ја доживува својата преродба последниве години. Сепак тој е оддалечен од песочната плажа дури 300 метри, а во околината се сместени и вили, бунгалови, ресторан и хотел во сопственост на МВР со пристојни цени. Самата плажа е мала и се наоѓа помеѓу два ѕида од трски. Езерото е многу плитко, со тиња и алги при влезот. Плажата е интересна за пешачење низ водата, особено за децата. Дното е песочно, нема ниту едно камче, а откако ќе се поминат 150-те метри ѕид од трски, се отвора поглед на целото езеро. Сепак, дискутабилно е како ќе работи кампот оваа година. Камперите останаа незадоволни што концесионерот Трпеновски оваа година драстично ги покачил цените од минатогодишните 19.500 на 29.000 денари, а притоа го обвинија дека не инвестирал во водоводната мрежа, канализационата мрежа, санација на прочистителната станица, санитарни јазли и друго. Камперите стравуваат дека крајната цел не била заживување на кампот, туку напротив, дека концесионерот заедно со својот бизнис-партнер само подготвува терен да гради луксузен туристички комплекс со хотел и Аква-парк. Тоа практично значи дека доколку овој план се оствари, локацијата ќе го изгуби стариот изглед и практично ќе биде претворена во градилиште подолг период.
Дупени Бич – оваа плажа со години беше една од најпознатите на Преспанското Езеро, најмногу поради исклучително топлата вода и ситниот песок. Сепак, во последниве неколку години, повлекувањето на езерото си го направи своето. На дното остана толку многу тиња што речиси го оневозможи капењето бидејќи имате чувство дека сте стапнале во жив песок што ќе ве повлече надолу. Сепак, има ентузијасти на кои тоа не им пречи, па без проблем влегуваат во водата. Плажата е делумно уредена со сламени чадори и лежалки, функционира бар-ресторан каде што може да нарачате лесни јадења и пијалоци. Голем дел од неа е практично празна, па многумина во летниот период одлучуваат да ги постават своите пешкири и чадори и да се сончаат токму овде.
ЖИВОПИСНИ СЕЛА СО АВТЕНТИЧНА АРХИТЕКТУРА И СТАРИ ЦРКВИ И МАНАСТИРИ
Руралниот екотуризам веќе одамна постои во Преспа, а зема замав во последниве години. Главна предност на овој предел е климата. Секогаш е пријатно и дувка ветре, а навечер ќе ви треба облека со долги ракави бидејќи и летните ноќи знаат да бидат исклучително студени. Меѓу селата што предничат во овој вид туризам се Брајчино, Љубојно и Долно Дупени. Сместени во подножјето на југоисточниот срт на Баба Планина, тие се идеална локација за многу планинари што од овде (Брајчино) го почнуваат својот седумчасовен поход до Големото Езеро на Пелистер.
Брајчино – влезна порта кон Пелистер
Автентична архитектура во Брајчино
Токму во Брајчино се чини има најмногу куќи што сместуваат гости. Речиси сите се реновирани автентично во традиционална архитектура (градени од камен, покриени со ќерамиди), имаат убаво уредени дворови преполни со разновидни дрвја и цвеќиња и нудат традиционални јадења за посетителите. Може да се преноќи и во конаците на манастирот Св. Петка. Неизбежна е и прошетка до петте цркви во селото: Св. Никола, Св. Богородица, Св. Илија, Св. Арангел и Св. Атанас. Брајчино има велосипедски патеки и неколку обележани планинарски патеки. Низ селото тече бистрата и бујна Брајчинска Река, која го дели селото на Горно Маало од нејзината лева страна и Долно Маало на нејзиниот десен брег. Атарот на Брајчино изобилува со извори и брзи бистри притоки на Брајчинска Река, на која некогаш во селото работеле 12 воденици. Добар дел од жителите на селото живеат само од туризам и од овоштарството. Поголемиот број посетители се домашни туристи, додека останатите се главно туристи од Европа, Америка и од Австралија.
Љубојно – село што асоцира на љубов
Љубојно - најгостопримливото село во цела Преспа
Има неколку народни преданија за тоа како го добило селото името, но речиси сите се со тема недозволена љубов што завршува среќно. Познато по исклучително гостопримливите мештани, нема шанси да не се вљубите во ова живописно место на надморска височина од 920 местри. Главен белег на селото се куќите градени меѓу двете светски војни со пари од печалбарите, деликатни градби од фино делкан камен со разнобојни фасади и ковани гелендери. Во селото има дури 12 цркви и манастири, а високо над селскиот атар, надвиснува величествениот Љубојнски манастир, од кој се гледа преспанската шир.
Долно Дупени – рај и тишина
Уште по патот до Долно Дупени ве обзема некој мир и спокој. Ова сѐ попосетено туристичко село се наоѓа во непосредна близина на преминот „Маркова нога“ на македонско-грчката граница, кој е сѐ уште затворен. Дали поради крајот на патот, сообраќајот значително замира на потегот кон селото, со исклучок на пристапот кон плажата Дупени Бич. Иако во летните месеци се враќаат иселениците, а бројот на туристи е поголем, повторно тишината и мирот доминираат низ уличките. Куќите изградени од камен оставаат без здив, а чистиот и свеж воздух ќе ве стане на нозе во раните утрински часови. И тука има многу цркви и манастири за посета: црквата „Св. Архангел“, црквата „Св. Враче“ (посветена на Кузман и Дамјан), „Св. Танас“ (Атанас), цркавата „Св. Никола“, „Св. Петка“, црквата „Св. Јана“, манастирот „Св. Богоројца“ (Богородица) и други. Локалитетот „Маркова нога“, кој се наоѓа во близина на плажата Дупени Бич, во последно време привлекува туристи. Тоа е местото каде што Крали Марко се поткачил за да го види Малото Езеро и толку му натежнал на тврдиот камен што се исцртало неговото стапало долго речиси еден метар.
Голем Град – единствениот остров во Македонија
Голем Град или Островот на змиите - единствен остров во Македонија
Голем Град или Островот на змиите е единствениот остров што се наоѓа на територијата на Македонија, а непосредно на водното тромеѓе со Албанија и со Грција. Ретко кој знае дека неговиот назив е Свети Петар, именуван според зачуваната црква Св. Петар на островот. Тој е огромна карпа, која, веројатно, се откинала од соседните планини од големи земјотреси. Како природна реткост, островот Голем Град, кој зафаќа површина од околу 2 километри квадратни, е заштитен со закон и спаѓа во рамките на Националниот парк „Галичица“. Островот е познат како омилено излетничко место за посетителите на Преспа, како и археолошки локалитет со остатоци од живеалишта, цркви и некрополи. До него може да се стигне по воден пат најчесто од Стење или од Коњско. Често се вели дека островот Голем Град е рај за птиците. Најбројни се кормораните, кои се хранат исклучиво со риби. Во карпите до водата се кријат многубројни змии, белоушки, кои иако не се отровни, ги плашат посетителите. Како еколошки феномен, се издвојуваат и две шумски заедници: шумата на дивата фоја и шумата на вебиевиот бадем.
Преспанското езеро остана без вода
Токму во пандемиската 2020 година, алармантна стана состојбата со водостојот на езерото. Едноставно, тоа остана без вода поради големата суша како резултат на климатските промени, тектонските појави и човековите активности, односно општото лошо менаџирање со водите во земјава. Водата се спушти дури 5,5 метри под нормалниот водостој. Она што некогаш беше под вода, се најде на суво. Точно може да се видат површините кои порано биле дел од езерото, а сега се дел од брегот. Оваа сосотојба трае предолго, но стана особено алармантна пред две години. Опозицијата обвини за негрижа на надлежните.
„Преспанското Езеро е езеро што го полни Охридското Езеро, и ако дотурот на вода во него е слаб, а одливот голем, може да дојде до целосно пресушување, што во моментов и практично се случува. Ова е пред сѐ резултат на големото трошење на водата од Црн Дрим за производство на струја и големиот одлив кон Охридското Езеро, но и непланското трошење на водата од Преспанското Езеро“, обвинија тогаш од ВМРО-ДПМНЕ.
Невладините организации обвинија за еколошка катастрофа, за сериозно нарушен биодиверзитет и побараа итен спас на езерото. Владата излезе со конкретен план од сет мерки со конкретни приоритети и рокови за финиширање. Се одвоија буџетски пари за општина Ресен, а преку Фондот за природа „Преспа – Охрид“ (Prespa Ohrid Nature Trust – PONT), се обезбедија 1,6 милиони евра, кои во наредните три години ќе им помогнат финансиски на надлежните институции во заштитената област. Активностите од планот вклучуваа редовно чистење на крајбрежниот појас на езерото, меѓудржавен мониторинг (со Албанија и со Грција) на подземни води, квалитет и на квантитет на водите, контролирано црпење на вода за наводнување, порибување, контроли на дното на езерата, хидромодул на езерото, тектонски истраги, истраги за истек на езерото и слично.
Еколошка катастрофа го уништува езерото
И покрај преземените мерки, езерото сѐ уште е во загрижувачка состојба. Неодамна, градоначалникот на Ресен, Јован Тозиевски, алармираше дека Владата планира да ги скрати парите за спас на Преспанското Езеро. 84 милиони денари, кои општината ги имала како наменски средства за спас на езерото, како и изготвената нова техничка документација, можно е да паднат во вода.
„Нашите последни информации се дека Владата, покрај тоа што нѐ уби со струјата, со кратењето на блок-дотациите, со кратењето на ДДВ-то, сега и наменските средства за спас на Преспанското Езеро за Ресен ќе ги повлекла. Се надевам дека грешам. A за Дојран, пак, од друга страна, би биле оставени, што би било жалосно и погубно, зашто Преспанското Езеро не е ниту мое, ниту ваше, туку е на цела држава. Јас би очекувал дури и да го надградиме тој фонд, а не да го укинеме“, вели Јован Тозиевски, градоначалник на Ресен.
Без разлика што ќе се случи, локалните власти имаат проекти за изградба на седум нови пречистителни станици. Едната во Перово е веќе во тендерска фаза, па за краток временски период прочистените води би требало да завршуваат во Преспанското Езеро.
Според податоците на УХМР, нивото на езерото останува спуштено дури 5 метри. Целото крајбрежје е обраснато околу 80-90% со трска. Во зависност од конфигурацијата и местополжбата, водата е повлечена дури и до 3 километри, што е доказ дека малку е направено за тоа состојбите во реалноста навистина да се изменат, и езерото да излезе од алармантната црвена зона на опстанок.
И покрај проблемите со водостојот на Преспанското Езеро, живописната природа, историските споменици и богатото културно наследство ги привлекува туристите во Преспа. Меѓу местата што не ги опфативме подетално со оваа репортажа, особени интересни се и селото Курбиново со црквата „Св. Ѓорги“, црквата „Св. Петка“ помеѓу с. Стење и с. Коњско, лоцирана на карпите на брегот на Преспанското Езеро, Сарајот и Хаџирамадановата џамија во Ресен, меморијалниот споменик од НОВ посветен на Преспанското советување во Отешево, природниот резерват „Езерани“, етнолошкиот музеј во Подмочани, остатоците од римскиот пат „Виа Игнациа“. Жителите се надеваат дека ќе станат реалност не само заложбите за спас на Преспанското Езеро, туку отворањето на преминот Маркова нога, со што ќе се зголеми бројот на грчки туристи што ќе го посетуваат овој крај, а Македонците полесно ќе можат да ги посетат градовите од другата страна на границата, како и Малото Преспанско Езеро со островот Св. Ахил, првото упориште на Самоиловото Царство.