Само сонцето е постаро од Македонија

Само сонцето е постаро од Македонија

Само сонцето е постаро од Македонија, затоа тоа е и нејзин симбол од памтивек до денес, симбол под кој во антиката Македонските владетели Филип и Александар ја изградиле големата Македонска Империја. Симбол чија енергија ги благословила бистрите реки, езерата и плодната почва на Македонија – тајниот рај на Европа, светската еденска градина. Македонската приказна одекнува и во 21. век: ден-денес низ Македонија можат да се видат материјални остатоци од славното минато. Многу патници, посетители и туристи од целиот свет сè повеќе се интересираат за тајниот рај на Медитеранот – на средината на земјата. Катена мунди. Папокот на светот.

Древната македонска цивилизација не може да биде спознаена од луѓе кои не се подготвени да се соочат со промена на спознавањето на реалноста преку наметнатите стории од нечии си истории. Денешната Република Македонија се наоѓа на територија која е преполна со културно наследство, голем дел од кое внимателно се крие од староседелците поради искуствата од минатото. Македонија изобилува со природни ресурси, културно наследство, жива сегашност и потенцијал за мирна иднина.

Што може да се посети, да се види и да се научи во Македонија?

Република Македонија е планинска земја на чија територија има околу 40 планини, од кои 12 се повисоки од 2.000 метри, со над 250 интересни и впечатливи врвови, од кои 85 се високи над 2.000 метри надморска височина. Македонија е државата со најмногу планини – самостојни планински целини и планински масиви, не само во Европа, туку и пошироко. Во Република Македонија има околу 50 големи и мали езера, а Охридското Езеро е едно од најстарите во светот. Дојранското Езеро е едно од езерата во Европа со најмногу риба. Во Македонија се регистрирани над 1.500 водотеци, рекички и реки со должина од над 11.500 километри.

Македонија има илјадници потврдени археолошки локалитети од сите познати ери и епохи на минатото. Во Македонија се наоѓа една од најстарите опсерватории во светот – Кокино. Во Македонија можат да се видат многу камени и геоморфолошки форми – Куклици, Дигнат Камен, Говедар Камен, Редени Камења, Цоцев Камен, и уште многу локации на кои постојат камени и земјени формации што ги воодушевуваат посетителите. Во Македонија се откриени огромни градови од антиката. Македонија изобилува со остатоци од некогашни тврдини. До речиси секој град и во атарите на многу села уште се гледаат ѕидини од старите утврдувања. На територијата на Македонија се откриени и многу стари мозаици. Ренесансата започнала од Македонија. До речиси сите градови во Македонија постојат видливи остатоци од тврдини, градови, храмови и населби. Тетовското кале, штипскиот Исар, Виничкото кале, Струмичкото кале се само неколку од тие стари утврдувања. За една од најпознатите македонски тврдини, охридската, се знае дека постоела уште во далечната антика, а била обновувана и градена од Филип Македонски, Јустинијан и Самуил. Во Македонија можат да се видат многу стари цркви, кои датираат од ранохристијанството, па сѐ до почетокот на 20. век. Охрид е градот кој е нарекуван Ерусалим на Европа, духовната престолнина на Македонија во која постоеле 365 цркви – по една за секој ден во годината.

Македонија е земја со најмногу планини.

Македонија е земја со најмногу планини. | Извор: mojrodenkraj.com.mk

Каменот си тежи на своето, а старите градби и ден-денес се утврдени за да се чудат денешните луѓе на силата и слогата на старите Македонци. Мајсторството на македонските градители останало за век и веков, за да памти светот и векот која е Македонија и кои се Македонците. Наследниците на најголемиот крал во Европа Филип Македонски и неговиот син, владетелот на големата Македонска Империја, Цар Александар Македонски. Македонија претставува вистински музеј на отворено, со илјадници сведоштва на неприкосновеното духовно владеење на македонската уметност и култура. 

Кокино.

Кокино.

Македонците се едни од најстарите народи кои имале своја организирана држава – кралство, кое станало царство, па дури и империја. И во средниот век Македонците имале свои војводи и кнезови, а сите владетели на Македонската земја инсистирале нивните наследници да се родат тука, затоа што во Македонија се раѓале големи јунаци. Македонија е преполна со преданија, митови и легенди. Во многу краишта на Македонија уште се раскажува за Крал Марко, за Цар Константин и Царица Елена, за војниците на Цар Самуил, за Големиот Јустинијан, но и за Цар Александар Македонски. Дури постојат и локации за кои се верува дека биле посетувани од Александар Македонски. Народните легенди одат до приказни и преданија и за тоа дека гробот на Александар Македонски се наоѓал во Македонија и дека дел од библиската приказна се случувала на македонска земја. Во Македонија бил роден и еден од најславните владетели во Европа, Јустинијан Први.  И од неговото време постојат видливи траги низ Македонија, од кои многу се наоѓаат и во Скопје. Јустинијан ја обновил старата античка тврдина – денешното Скопско кале и го обновил или изградил големиот Камен мост. Со сигурност повеќе од еден и пол милениум, луѓето ја поминуваат древната река Аксиј, стариот Вардар, преку овој мост изграден од камења. Се верува дека во тврдината се вградени и делови од разурнатиот Скупи, а при археолошките истражувања биле потврдени пронајдоци од неолитот и бронзената доба, па сѐ до средниот век.

Виничко кале.

Виничко кале.

Храната во Македонија не остава никого рамнодушен. Македонија е земја во која можат да се вкусат стари рецепти. Доколку имате среќа да посетите некој од народните собори во селските цркви, би се увериле во старата традиција за приготвување на храната на Македонците.

Македонска традицинална трпеза

Македонска традицинална трпеза

Македонија има реки, планини, полиња, природни реткости, културно наследство кое е датирано од најдалечната праисторија, па до новиот век и огромен потенцијал за развој на туризмот. Освен најчесто рекламираните локации, во Македонија постојат безброј стари археолошки локалитети, цркви, култни места, шуми, клисури и кањони, кои допрва ќе бидат светска туристичка атракција. Туристите кои патуваат низ Македонија имаат ретка можност да се запознаат со природни ресурси и културно наследство кои се ретки не само во регионот, туку и во светот. Палеолитски станици, неолитски живеалишта, антички градови и храмови, ранохристијански базилики, средновековни цркви и тврдини, живи реки и прекрасни пејсажи, ендемска флора и фауна, и што ли уште не. Нема посетител од друга земја кој бил во Македонија, а да не е воодушевен од духот на Македонија кој им овозможува на сите посетители да научат нешто за древната таинствена земја. Сите туристи ги паметат автентичните македонски јадења кои ги вкусиле при посетите на Македонија. Македонците допрва треба да го спознаат потенцијалот на својата земја  за туристички развој и разумно да го употребат, а со тоа да станат пример и за останатите. Затоа што интересот на странските посетители и туристи се зголемува постојано, а побарувачката за посета на локации какви што има во Македонија не престанува да расте. Патниците во третата деценија од 21. век го бараат токму она што го нуди Македонија – одлична авантура, фантастична храна, прекрасна природа и светска култура. Сите што патуваат и кои се во потрага по локации каде што ќе уживаат во природата или одблизу ќе се запознаваат со културното наследство од старите цивилизации, треба да ја посетат земјата на Големата Мајка и Сонцето. Скриениот рај на Европа. Музејот на отворено, древната земја од која е постар само нејзиниот симбол – сонцето, Македонија.

Големата мајка.

Големата мајка.

Image
Newsletter