СКОПСКА ЦРНА ГОРА

СКОПСКА ЦРНА ГОРА

Кога станува збор за Скопје и околината како туристички дестинации, речиси секогаш посетителите прво помислуваат на строгиот центар на градот, Калето, Старата чаршија или пак на излетничките места на најблиската планина Водно, манастирскиот комплекс Свети Пантелејмон и кањонот Матка. Спроти Водно, на север од Скопје, се наоѓа планината Скопска Црна Гора, која како да е туристички и тоа како подзаборавена за разлика од Водно. Освен црквите и манастирите во околината на село Бањани, се чини поголем метеж на посетители нема. Сепак, во продолжение ви претставуваме неколку атрактивни локалитети, кои можеби ќе ве натераат на еднодневна екскурзија низ овој крај.

Археопарк „Градиште“ – с. Бразда

Првите податоци за постоењето на село Бразда датираат уште од времето на Османлиската Империја, односно од 16. век. Бразда е најјужното село на Скопска Црна Гора, сместено во долината на Бањанска Река, а во нејзиниот атар се спојуваат Бањанска и Кучевишка Река. Оваа вода порано каптирана, била спроведена на југ и ги снабдувала античкиот град Скупи и средновековното Скопје со вода за пиење. За тоа сведочи и Ѓорѓоец, водовод од римско време, чии остатоци се пронајдени на еден километар југозападно од селото Бразда.
Она за што ретко кој слушнал е дека ова село, или поточно ридот Градиште, кој се издига над Бразда, крие тајна гробница. Археолошките истражувања кои започнале уште во 1985 година, потврдиле дека на ридот и околу него постоела утврдена населба која датира од 5. или 4. век пред нашата ера. Со ископувањата се откриени дел од работилница за преработка на метал (оловна руда) и керамика од 5. односно 4. век пред нашата ера. Тоа е периодот кога на оваа територија живеело најсеверното пајонско племе Агријани. Агријаните живееле од реонот на Тетово до источните падини на Пирин. Пресечна граница на југ бил Велес. Уште пред да завладее Филип Втори, Агријаните биле блиски со династијата што владеела со земјите Горна и Долна Македонија. Досега не е најден историски податок за меѓусебни судири, војни и освојувања, за разлика од односот помеѓу македонската династија и Пајонците. Во владеењето на Филип Втори, Агријаните станале верни сојузници (за разлика од други групи) и сочинувале голем дел од фалангата. Биле прочуени по тоа што биле одлични војници што многу вешто ракувале со лесните копја. Агријаните останале дел од македонската империја сѐ до доаѓањето на Рим и трите војни што следувале. Интересен е податокот дека во турските пописни и даночни тефтери за Македонија од 16. век, низ црногорските села во Скопје, селата зад Водно и неколку други места, се среќава личното име Агријан.

Археопарк Бразда

Археопарк Бразда

Сепак, видот и карактеристиките на откриените керамички наоди упатиле на една теорија дека ридот бил населен од Атињани што ги испитувале природните ресурси во околината.

Во 1986 година, била откриена уникатна градба, за која археолозите сметаат дека е гробница на локален великодостојник. Гробницата е длабоко вкопана во земјата, има правоаголна просторија или комора и влез со шест скалила. Кон влезот води долг пристапен ходник (дромос), кој стрмно се спушта по падината од ридот. Ѕидовите на комората се изработени од големи травертински блокови со различни димензии. Камените блокови биле носени на оваа локација од Горно Свиларе, оддалечено 23 километри, односно од тамошниот рудник. Со оглед на тоа што не биле пронајдени никакви наоди, се претпоставува дека гробницата била одамна ограбена, уште од античко време. По намената, гробницата била несомнено владетелска. За тоа зборува пред сѐ нејзината големина, како и квалитетот на градење и на обработка на блоковите, за што биле ангажирани врвни архитекти.

Долги години од неговото откривање, локалитетот Градиште во с. Бразда, беше недостапен за посетители, а многуте случајни и намерни минувачи немаа можност да се информираат за особеностите на ова значајно културно наследство. Пред 10 години, во 2013 година, по обемна работа на чистење и уредување на просторот за прием на посетители, се отвори првиот археолошки парк во Македонија на локалитетот Градиште во с. Бразда.

Во НУ Археолошки музеј – Скопје, во тек е изложба на фотографии по повод 35 години од откривањето на Владетелската гробница во с. Бразда. Изложбата ќе биде поставена до крајот на февруари.

Глувовуд

Глувовуд

Глувовуд

Недалеку од с. Бразда се наоѓа селото Глуво. Селото изобилува со преубава природа, знаменитости и чист воздух. Од пред 4 години, во 2019 година, на ридот над селото беа поставени „холивудските“ букви ГЛУВОВУД, по пример на филмскиот град, симбол на Лос Анџелес. Во селото нема ништо поврзано со филм, освен можеби филмскиот пејзаж што го опкружува. Сепак, идејата за поставување на големите бетонски букви е на Јовица Кукуновски-Кукун, жител на селото, кој со сите сили се обидува, работи и активно се грижи за негова промоција. Тој смета дека овој потег го направило Глуво уште поатрактивно за посетителите.

Треба да се има предвид дека патот до Глувовуд воопшто не е лесен. Тој минува низ навистина стари, но уникатни по архитектура куќи, но автомобилите мора да се остават во непосредна близина на манастирската црква „Свети Атанасиј Велики“, изградена во 2016 година, врз црквичка од 1970 година, која, пак, била изградена врз темели од постара црква. Манастирот бил изграден од народот, од жителите на селото, кои со свои раце и донации го возобновиле овој комплекс. Бидете внимателни бидејќи на импровизираниот паркинг-простор пред манастирот има многу возила, па поради метежот во викендите (особено во летниот период), можно е да не најдете место за паркирање.

Инаку, на самиот влез на манастирот, ќе ве дочека еден уреден видиковец наречен „Глуво на дланка“, донација од нашинец во Австралија, а ќе го забележите и едно од најголемите ѕвона што тежи 760 килограми. Мештаните, но и посетителите, често знаат да застанат токму во дворот на манастирската црква и да се воодушевуваат на панорамата што го опкружува.

Патот до Глувовуд е земјен и по угорнина, по што по 10 минути се стигнува до врвот на ридот на кој се поставени буквите. Просторот е широк и погоден за организирање семеен пикник, а децата особено сакаат да седат, да се качуваат по буквите и нормално, да се фотографираат. Природата во овој дел е прекрасна, па многумина ги користат викендите да прошетаат токму овде. Мештаните се надеваат дека не само жителите, туку и локалните власти на ова место ќе постават повеќе места за седење и за уживање, а бараат и да се среди патот по кој се стигнува до Глувовуд.

Спирова колиба

Спирова колиба

Спирова колиба и водопадите, с. Бродец

Скопска Црна Гора е релативно лесна дестинација за планинарите, па низ неа можат да минуваат и почетници во овој спорт. Низ планината има 15-тина добро обележани планинарски патеки, а дел од нив минуваат над селото Бродец. Ова село е речиси напуштено. Сепак, голем дел од граѓаните на Скопје што имаат потекло од овој крај или, пак, на кои им се допаѓала околината, решиле токму овде да изградат викендици. Скриено длабоко зад другите села што се поврзани на главниот пат, до Бродец се стигнува низ патот што води од с. Побожје кон селата Брест и Танушевци.

Рекреативната патека од Бродец до Спирова колиба е наменета за послабо подготвените, оние кои имаат почетна физичка кондиција, за деца, за повозрасни граѓани. Според тоа, таа е лесна и прегледна патека, без стрмни угорнини. Патеката започнува од Бродец кај чешмата и е долга 3.5 километри. Потребни ви се околу 2 часа за да стигнете до колибата.

За местото Спирова колиба, каде што често има дружба и кампување на планинарските групи, се врзани бројни приказни. Локацијата е поврзана со приказната за планинарот Спиро Митков, или за сите планинари познат како чичко Спиро. Тој речиси три децении непрекинато ја шета, ја чува и ја негува планината. Пред две децении, самиот носејќи материјал до оваа локација, ја изградил колибата, која денеска е отворена за сите што сакаат да направат пауза и да се одморат, а освен тоа служи и како прибежиште во случај на невреме.

Колибата се наоѓа во месноста која локалните жители ја знаат како Бродечки Вирови или во поново време Сотирова Чешма. Позиционирана е на 1.448 метри надморска височина, со моќно извориште и фантастичен поглед на речиси целата Скопска Котлина. Од колибата се отвора поглед на сите доминантни планини во близината на Скопје: Шар Планина со врвовите Љуботен, Пирин Бек, Кобилица, Солунска Глава, Китка, Водно, Матка, Жеден.

Водопади Бучало | Извор: Бошко Младенов

Водопади Бучало | Извор: Бошко Младенов

На овој потег се наоѓаат и водопадите на Тршченскиот Поток, на околу 500 m источно од Бродец, на 950-1.100 метри надморска височина. Се работи за десетина водопади со височина од два и пол до пет метри, наредени скалесто еден под друг, така што целата појава претставува слап. Најпристапни и највпечатливи се шесте водопади што локалното население ги нарекува Бучало. Истите се лесно пристапни и до нив води патека што започнува на самиот излез од викенд-населбата Бродец. До двата горни водопади се стигнува за само 5 минути лесно пешачење. На 150 метри оддалеченост има уште 4 водопади. Најгорниот водопад е и најголем во целата област, со височина од 5 метри.

Треба да имате предвид дека водопадите се најубави во месеците март и април, кога се топат снеговите и кога расцутува природата. Ако отидете во екстремна суша, во текот на најжешките летни месеци (на пример, во август) тие можат да бидат целосно или делумно пресушени.

Црква Свети Петар и Павле, Ајватовски Рид

Црква Свети Петар и Павле, Ајватовски Рид

Ајватовски рид

Ајватовски Рид не е дел од Скопска Црна Гора, но се наоѓа во близина над селото Ајватовци. Областа со години беше позната по уништената шума во бројните пожари, како и по масовната акција за пошумување „Ден на дрвото“. Токму на оваа локација беа засадени дури 6 милиони садници. Без разлика што многумина спорат околу успешноста на проектот, неминовно е да се каже дека акцијата колку-толку имаше ефект. На ридот над селото денеска има шума, која често е посетувана од околните мештани. Местото претставува редовен избор за прошетки и пикнизи, особено во летните месеци поради поголемата надморска височина и ветерот кој речиси секогаш е присутен на овој потег. Не ретко можат да се забележат и семејства што се одлучуваат овде да кампуваат преку викендите.

На Ајватовскиот Рид се наоѓа и многу убаво уредената црква „Свети Петар и Павле“. До неа се стигнува по заобиколен асфалтиран пат или пак преку 365 скалила што водат непосредно до црквата. Од ова место се протега прекрасна глетка на целото Скопско Поле. Се работи за релативно нов комплекс, но големиот двор е особено убаво хортикултурно уреден со многу места за седење, па токму затоа оваа локација е толку многу посетувана од жителите.

Image
Newsletter