Скриени сместувања во Македонија далеку од вревата на големите градови

Вила во Конопиште.

Етно-куќи, планински колиби, модерни вили со базен – ова е само дел од богатата понуда на атрактивни сместувачки капацитети кои се скриени од поголемите градови во Македонија и се наоѓаат далеку од главните патишта. Тие нудат вистинско доживување на природата, совршен спој на чист воздух и гастрономско уживање, преку кои ќе заборавите на секојдневниот стрес. Од непознати вили во познати туристички места сместени надвор од вревата во шпицот на сезоната, сѐ до крајно оддалечени куќарки близу пештери, водопади и национални паркови. Понудата е навистина голема. Во продолжение, ви издвојуваме дел од селекцијата на туристичкиот сервис „Кајак.мк“ кој огласува преку 1.000 сместувачки капацитети, од кои 600 се во планински предели.

Вили во Михајлово и Конопиште

На стартот од оваа година, свечено по подолг период беше пуштен во употреба нов скијачки центар во Михајлово близу Кавадарци на планината Кожуф. Тоа значително го зголеми интересот на домашните туристи да го посетат ова место, особено луѓето од околните градови: Кавадарци, Неготино и Демир Капија, но и оние со мали деца кои сакаат да научат да скијаат, бидејќи се работи за кратка и блага падина за скијање. Надлежните очекуваат ова да го зголеми интересот кај околните жители кои поседуваат викендички во околината за нивно издавање, но и да привлечат инвеститори кои треба да отворат нови сместувачки капацитети и угостителски објекти во околината. Засега вилите кои се издаваат се навистина ретки, а речиси сите деца од околните градови и села го посетиле одморалиштето во Михајлово. 

Вилата во Михајлово располага со 3 спални соби, а во неа можат да се сместат 10-тина луѓе. Максималниот капацитет е 13 лица, од кои 6+2 се на приземје и 5 на поткровје. Ако се соберете поголемо друштво или поширокото семејство, тоа ќе ве чини не помалку од 120 евра од вечер. Еден од поголемите адути на вилата е тоа што има летна кујна и трпезариска маса во огромен двор опкружен со шума. 

Вилата е опкружена со прекрасна шума, одморалиште со ресторан и игралишта и детски реквизити на растојание од 200 метри, асфалтиран нов пат и максимална температура од 28 степени. Сместувањето се наоѓа на надморска височина од 1.200 метри во шумска област.

Кога зборуваме за сместувачки капацитети на планината Кожуф, неминовно е да се спомене и една вила во селото Конопште, која е поставена на надморска височина од 660 метри. Цената за наем на цела вила од ноќ е околу 100 евра, но таа варира во зависност од бројот на ноќевања, бројот на лица и периодот во кој се престојува. 

Вилата е релативно нов објект кој е изграден пред неколку години. Во дворчето на вилата има и рибник во кој се одгледува и се чува пастрмка. Патот до самата вила е асфалтиран и лесно достапен. Сместувањето е на околу 7 километри од туристичката дестинација Михајлово. Моментално капацитетот на гости кои може да се сместат е 10 лица. Она што ги интересира туристите во зима е греењето. Целата куќа е со парно на дрва чиј шпорет е во дневната соба кој го ложат самите гости, а приземјето има и подно греење.

Вила во Михајлово.

Вила во Михајлово.

Вила „Никола“ во село Дрен

Кога веќе зборуваме за овој регион, во непосредна близина на Демир Капија се наоѓаат таканаречените Топли Вирови. Се работи за природна реткост која прераснала во излетничко место над селото Чифлик. Вировите се сместени на реката Дошница, а нивното име доаѓа од тоа што образуваат базени со вода сместени во карпи, која брзо се загрева. До ова место може да се дојде преку асфалтен пат од градот Демир Капија во насока на селото Дрен. Токму во ова село се наоѓа вилата „Никола“, која е се попопуларна кај туристите кои го посетуваат овој регион. Вилата има дневна соба, спална соба, кујна и купатило и може да прими 6 луѓе. Дворот е прекрасно уреден со летен сезонски базен. Сместувањето се наоѓа во планинско село кое нуди прекрасен поглед и чист воздух. Од рецензиите на порталот „Booking.com“, може да се забележи дека оваа вила ја посетуваат претежно странци, кои се задоволни од престојот. 

Освен Топлите Вирови, туристите можат да ја посетат и пештерата Горен Змеовец, која се наоѓа во близина на Демиркаписката Клисура, под врвот Крастовец, на надморска височина од 630 метри. Пештерата Змеовец е составена од два дела: едниот дел е поголем со должина од 150 метри и има тркалезна форма, а другиот е помал и има 40 метри. Пештерата е богата со украсни предмети: драпери, сталактити и сталагмити, со што може да се споредува со Постоинската Јама во Словенија.

Освен оваа, во Демиркаписката Клисура, од десната страна на реката Вардар, се наоѓа и пештерата Бела Вода. Пештерата се состои од два канала (долен и горен). Должината на долниот канал изнесува 722 метри, а на горниот 233 метри, со што вкупната должина на оваа пештера достигнува 955 метри. Со оваа своја должина, Бела Вода е најголема од досега истражените пештери во Македонија. Во неа, мошне ретко се сретнуваат пештерски украси. На крајот од долниот канал, под отсек висок 6 метри, се наоѓа подземно езеро. 

Освен природните реткости, во овој реон има бројни винарии што исто така можат да се посетат како винаријата „Кралица Марија“ и „Попова Кула“, кои нудат и сместување на гости, а често, поради извонредната местоположба и квалитетната храна и услуга, се избор за локација за свадби, крштевки и други свечености. 

Вила во село Рамне.

Вила во село Рамне.

Вили во село Рамне, Охридско

Кога ќе се спомене одмор на Охридското Езеро, ретко некој помислува на село Рамне. И покрај тоа што се наоѓа на само 4 километри оддалеченост од Охрид, тоа е речиси непознато за туристите. Населено е уште одамна, од римско време, а првпат се спомнува во 13-тиот век. Познато е по т.н. Рамненски псалтир. Тој е значаен македонски книжевен ракопис кој денес се наоѓа во Болоња (Италија), по што го добил и името Болоњски псалтир. Се смета дека тој е еден од најубавите словенски ракописи од XIII век, со правопис карактеристичен за Охридската книжевна школа. 

Селото се наоѓа на надморска височина од 900 метри, на падините на Националниот парк „Галичица“, па ова место е идеално за панорамско разгледување на Охрид и на околината. Од секое место, погледот кон езерската шир е неверојатен. 

Вилата со приватен базен и располага со три апартмани, еден двособен на приземје и два еднособни на првиот кат. Двособниот е опремен со еден дупли кревет и два лежаи на спуштање, еднособните се со француски лежај и двоседи на спуштање. Понудата вклучува сместување во две куќички, вклучително 4 засебни апартмани на два различни краеви од дворот. Одовде кон селото Велестово има патека погодна за велосипедизам или за пешачење. Исто така, има и планински патеки кон изворите на Летница.

Во живописното село Рамне можете да го искусите и руралното живеење во „Пирустија Неданоски“. Ова е реновирано рустикално сместување со приватно купатило со основни средства за лична хигиена. Гостите можат да ги искористат предностите на добро опремената заедничка кујна и машината за перење. Во моментов, капацитетот со кој располага Пирустија е до три лица или четиричлено семејство. Традиционалниот чардак изработен од камен и дрво, ќе ве почести со неверојатен панорамски поглед на прекрасното Охридско Езеро. Сместувањето е опкружено со фарма, зеленчукова градина, овошни дрвја, простран двор со природни сенки и огниште. Можете да ја посетите мини фармата каде што има кокошки, потполошки, зајаци, кученце, прасиња, патки и кози. Може да уживате во собирање лековити тревки за чај, печурки и бобинки, да прошетате низ селото и да ја посетите селската црква. Во близина има и чешми со ладна изворска вода и шумска патека која води до селските лозја.

 

Пирустија Неданоски“ во село Рамне.

Пирустија Неданоски“ во село Рамне.

Она што е уникатно за ова сместување е што нуди незаборавно гастрономско уживање. Можете да ја следите домаќинката додека подготвува традиционални специјалитети или, пак, од неа да научите како да ги правите вие самите. Секое јадење се подготвува со користење на „традиционалниот метод на пирустија“ и „сач“ непосредно пред вашите очи. Сите продукти кои се користат во јадењата се собрани од нејзината органска фарма и од други органски производители од околината. Се подготвува месо од дивеч, „сарми“, полнети пиперки, мусака, разни печења, салати, домашна ракија, домашно вино и домашни џемови и мармалади. Исто така, домаќинката може да ве научи да месите. Досега над 300 луѓе од неа научиле како да прават традиционални зелници, ѓомлезиња, кошмишпите итн., карактеристични за регионот.

Дрвени куќички во селото Стрезовце. | Извор: Кајак.мк

Дрвени куќички во селото Стрезовце. | Извор: Кајак.мк

Дрвени бунгалови со базен во село Стрезовце

Близу експресниот пат Куманово – Крива Паланка, на 18 километри од Куманово, се наоѓа село Стрезовце. Во близина постои едно уникатно сместување – дрвени бунгалови со заеднички базен. Доколку сакате мир, но и рекреација надвор од метежот, ова е идеално место за вас. 

Комплексот вклучува три сместувачки единици:

  • Две помали куќички со отворен концепт. Секоја од овие куќички располага со брачен кревет и софа која може да се користи за дополнителни две места за спиење.
  • Една поголема куќичка со две спални соби и дневна соба со софа, која исто така може да се користи за дополнителни места за спиење.

Комплексот вклучува и базен со димензии 12x6 метри за летно освежување. До базенот има летниковец со скара, која може да ја користат гостите. Максималниот капацитет за преноќување е 14 лица. Во угостителскиот дел може да се сместат 45 лица внатре и уште 20-тина на отворената тераса, а околу базенот е идеално место за организирање поголеми прослави.

Во околината можете да ги посетите манастирот „Св. Јован Богослов“ и црквата „Св. Отец Прохор Пчински“, да ги истражите мегалитската опсерваторија „Кокино“ и камените кукли во Куклица. Околината е исполнета со борова шума, а во близината тече реката Пчиња.

Дрвени буриња на езерото Младост. | Извор: Кајак.мк

Дрвени буриња на езерото Младост. | Извор: Кајак.мк

Еко-камп „Езеро Младост“

Езерото Младост во близина на Велес е добро позната викенд-дестинација за велешани, но и за луѓето од Скопје, Кавадарци, Неготино, Прилеп и од околните места. Покрај самото езеро се наоѓа едно навистина уникатно сместување кое овозможува ноќевање во дрвени буриња. Се работи за еко-кампот. 

Еко-кампот има 7 буриња кои имаат капацитет од по 4 лица, односно една спална соба со брачен кревет и два единечни кревети кои се наоѓаат во претсобјето. Секое буре е опремено со клима уред за греење и ладење, кое ги освежува или ги загрева бурињата за многу кратко време. Секое буре има фрижидерче.

Во комплексот има нов затворен ресторан со прекрасен поглед, каде што гостите може да уживаат во вкусните оброци.

Еко-кампот располага со летен базен, многу реквизити за активности за деца и возрасни, ресторан и бар за храна со доста пристапни цени, кои функционираат на принципот самопослуга.

Бурињата имаат заеднички одделни машки и женски купатила со одделни туш-кабини кои гарантираат приватност и се веднаш до самите буриња. Максималниот капацитет на гости е 28 лица.

Околу просторот има патеки за пешачење околу езерото, трчање, возење велосипед и можност за кајакарење, додека околината е мирна и тивка, идеална за одмор во природа.

Image
Newsletter