Со изградбата на „Спомен-куќата Тодор Проески“, Крушево стана најпосетената туристичка дестинација во Македонија

Крушевските куќи се вистински уметнички дела, градени кон крајот на 18 век и во текот на 19 век

Македонија е држава која се наоѓа во југоисточа Европа, на балканскиот полуостров. Таа е мала во географски рамки, но има голема душа и гостопримливост за секој посетител од кој да било крај на светот. По многу нешта е мошне значајна во историјата на човекоовата цивилизација.

Изобилува со цркви и манастири од најстари времиња, во кои вредните раце на генерации копаничари создале безвременски иконостаси и фрески. Во оваа библиска земја има и природни убавини, пред кои застанува здивот на секој посетител од светот. Кањонот на реката Радика, Охридското езеро, Шар Планина, Крушево, Пелистер, Кокино, Дојранско Езеро, Галичник - се само дел од местата кои задолжително треба да се посетат.

Република Македонија, од најстари  времиња до денес, родила многу големи синови, луѓе кои ја менувале и збогатувале историјата на уметноста, литературата, музиката, културата. Република Македонија е вечниот дом на браќата Миладиновци, на Григор Прличев, на Крсте Петков Мисирков, на Гоце Делчев, на Питу Гули, на Ченто, на Блаже Конески, на Петре М. Андреевски, на Тоше Проески.

Македонија е простор каде што се испреплетуваат звуците од минатото и иднината. Каде што песната е тага, а тагата е песна. Каде што Тешкото е оро, а орото е тешко. Каде што срцата се полни со љубов, музика и пријателство. Македонија е земја со богато минато и луѓе богати со дух. Не залудно, пред многу векови, некој познат патописец рекол: „Кога поминуваш низ Македонија, немој ни да играш, ни да пееш!“ За Македонија е зборувано со јазикот на љубовта, пријателството и мирот. Слушнете било која народна македонска песна и ќе дознаете сѐ за Македонија. Ќе доживеете тага и радост, во исто време. Ќе избришете солза од работ на окото, ќе се воздигнете како сокол над судбината и ќе го почувствувате вкусот на гордоста. Сета тоа е Македонија.

Културни знаменитости, специфичната архитектура и богатата традиција

За Крушево се врзуваат повеќе пиетети: највисок град на Балканот, поставен во пазувите на Баба Планина, како некакво мало, мило детенце, сокриено од ветриштата и од погледите на лошите луѓе. Крушево е мало гратче, кое по својата положба, физиономија и културно-историско значење е мошне интересна и атрактивна населба. Има типична амфитеатрална положба, отворена кон североисток, а архитектонско обележје на гратчето е што личи на лепеза. Шетајќи по уличките забележувате блескави фасади на стари куќи, со специфичната староградска архитектура, со безброј прозорци, балкони и кровови. Крушевските куќи се вистински уметнички дела, градени кон крајот на 18 век и во текот на 19 век. Во продавниците можете да го купите највкусниот локум и најслатките целуфки. Рачно се ткаат јамболии, се плетат и везат перници, пердиња, милјенца, чаршафи. Крушевчани ги негуваат и старите занаети: златарскиот, калајџискиот, кујунџискиот, казанџискиот...

Спомен-куќата „Тодор Проески“ претставува паметник на еден човек-симбол, лик со вредности, сеќавање на една од клучните фигури во поновата македонска историја.

Спомен-куќата „Тодор Проески“ претставува паметник на еден човек-симбол, лик со вредности, сеќавање на една од клучните фигури во поновата македонска историја.

Градот Крушево е богат со стари сакрални објекти меѓу кои се: црквите Свети Никола (1832),  Света Богородица (1867), Свети Јован (1905), манастирите Свети Спас (1836), Свето Преображение, Свети Василиј... Таму се наоѓаат исклучително ретки иконостаси, дрворези, фрески и икони. Бројните музеи, галерии и споменици од Крушево прават Град-Музеј, а Крушевската Република (2-12 Август 1903 година) го прави град-востаник, бидејќи тоа е најважниот момент од историското минато на Македонија.

Географската положба, надморската височина, климатските услови, културните знаменитости, специфичната архитектура, како и богатата традиција, прават од Крушево атрактивно туристичко место кое задолжително мора да се види при секоја посета на Република Македонија.

Прекрасната околина, климата и извонредните природни ресурси со кои располага, го прават ова живописно гратче и познат зимски туристички центар. Привлекува со прекрасните скијачки терени и патеки за зимско трчање, има погодни терени за секаков вид планинарење, во непосредна близина е езерото кое дава можности за развој на летен туризам, поседува прекрасни спортски терени за спортување и рекреација: за спортски лов и риболов, параглајдерство.

Во Крушево има многу значајни споменици и музеи: Споменикот Илинден, Споменикот „Мечкин Камен“, Споменикот на „Слива“, Музејот на НОВ, Музејот на Илинденското востание и Крушевската Република, Леарницата, Галерија Мартиноски – Етнолошка поставка и секако, Спомен-куќата на Тодор Проески – легендарниот пејач кој живееше кратко, но остави големи дела зад себе.

Историски и духовни значења на објектот

Тодор Проески – Тоше е роден на 25 јануари 1981 година во Прилеп, како второ дете на Никола и Домника Проески. Основно училиште завршил во Крушево, а средно – во средното музичко училиште во Битола. Студираше на Факултетот за музички уметности во Скопје. Тоше Загина на 16 октомври 2007 во трагична сообраќајна несреќа на автопатот Загреб – Липовац, кај местото Нова Градишка во Република Хрватска, на возраст од 26 години.

Постхумно Тоше Проески беше прогласен за почесен граѓанин на Македонија и беше погребан со најголеми државни почести.

Постхумно Тоше Проески беше одликуван од Претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов со орден за заслуги за Република Македонија.

Талевска: „Посетители од Македонија, Балканот и од целиот свет доаѓаат секој работен ден, особено во викендите и државните празници.“

Талевска: „Посетители од Македонија, Балканот и од целиот свет доаѓаат секој работен ден, особено во викендите и државните празници.“

Спомен-куќата претставува паметник на еден човек, симбол, лик со вредности, сеќавање на една од клучните фигури во поновата македонска историја. Оваа градба е повеќе од објект кој ѝ служи на својата функција, таа е дестинација за сите љубители и фанови на Тоше, концепт на уникатен дизајн и поинаков изложбен простор. Таа е повеќе од објект. Таа има многукратни историски и духовни значења.

Од самиот почеток, од отворањето на Спомен-куќата на Тодор Проески на 25.04.2011 година, Крушево е преплавено од туристи и посетители, меѓу кои најмногубројни се обожаватели и почитувачи на името и делото на Тоше.

„Со најтажниот, најнепосакуваниот повод, Крушево стана најпосетената туристичка дестинација во Македонија. Тоше долго време како магнет привлекуваше многубројна публика, така и Спомен-куќата од самото отворање неофицијално досега ја посетија повеќе од 2 милиони луѓе. Посетители од Македонија, Балканот и целиот свет, доаѓаат секој работен ден, особено во викендите и државните празници, во сите периоди од годината. И сите доаѓаат со една единствена цел - за нашиот Тоше, нашиот најголем амбасадор, кој преку музиката на само нему познат начин нѐ поврзуваше и нѐ сплоти во едно. Повеќе од 13 години најголемите фанови и почитувачи на Тоше, се враќаат и по неколку пати, за повторно да ги допре неговата љубов, емоцијата, хуманоста и позитивната енергија која Тоше ја имаше во неограничени количини и ја ширеше континуирано“, вели Надица Талевска, кустос во објектот.

Ниту еден збор не може да го опише чувството кое го има посетителот додека чекори низ овој музеј, во кој од сите страни се чувствува духот на Големиот пејач. Тешко да се пренесат сите елементи на музејската поставка и притоа да се раскаже потребната емоција. Богат и таинствен, раскошен и достоинствен, близок и далечен, длабок и недофатлив – таков е целиот опус на Тоше Проески.  

„Туристите најмногу ги интересира каков беше тој приватно во смисла на комуникација со луѓето. Тоше несебично со многу внимание, култура и љубезност комуницираше со сите негови сограѓани, соработници, обожаватели. И со сите со кои дојде во контакт, максимално искрено ги почитуваше, без оглед на пол, возраст, народност и вероисповед. Лично мене, посебен впечаток и воодушевување изминативе години ми приреди посетата на младиот Кинез Ванг Ијао Чонг од Пекинг, кој толку убаво од душа, со голема љубов и почит ги испеа и отсвири на гитара песните на Тоше во Спомен-куќата. Респект за него што овој перформанс го прави неколку години. Ги пее песните на Тоше редовно на плоштадот во Пекинг. Посетителите ги воодушевува амбиентот на Спомен-куќата, која е најубавото проектно решение за 2011 година, приемот и љубезноста од страна на вработените и секако сеприсутноста на Тоше, која постојано се чувствува во воздухот, во неговите лични предмети, облека, инструменти. Поставките ги збогатуваме со досега неизложени негови предмети кои сметаме дека се интересни за јавноста. Спомен-куќата е главен организатор и покровител на повеќе настани и манифестации поврзани со името и делото на Тоше“, посочува Талевска.

Спомен-куќата претставува материјализација на целиот животен пат на Тоше Проески и низ своите содржини обезбедува хронолошки приказ на неговото детство, на тинејџерските години и на периодот кога Тоше го достигна врвот на својата уметничка кариера. Хронолошки, куќата е поделена на шест делови: животен пат, музичка кариера, секојдневие, Тоше како хуманист и верник, Тоше и фановите и Тоше засекогаш.

За изгледот на куќата, Министерството за култура распиша меѓународен конкурс во јануари 2008 година. Идејното решение за изградба на Спомен-куќата е на архитектите Дејан Секуловски и Дејан Спасеновски, во соработка со Илија Божиновски.

„Секоја година достојно го прославуваме неговиот роденден 25 јануари со богата музичка програма. Годинава по третпат во Крушево со голем музички настан го одбележавме 5 октомври денот на неговиот,  за жал последен, најспектакуларен и воопшто најголем хуманитарен концерт кој Тоше го имаше на Градски стадион во Скопје во 2007 година. На 16 октомври, најтрагичниот ден во годината, во изминативе 17 години достоинствено му оддаваме почит на Великанот на неговото вечно почивалиште, денот од  кога Тој живее во вечноста. Ги пречекуваме ултрамаратонците од Нова Градишка во Крушево, кои симболично секоја година се обидуваат да го вратат Тоше од неговото последно патување во родниот град. Крушевската главна  улица на овој ден е послана со илјадници црвени рози кои организирано ги оставаат децата од основното и средното училиште од Крушево, а исто така тивко ги пеат песните на Тоше. Тој беше нашето прекрасно воспитано, харизматично крушевско дете, ни беше бесценет дар од Бога даден, кој од обичен млад човек од крушевската калдрма се вивна во височините на популарноста и славата  до недоглед, без поставени лимити. Неговиот раскошен музички талент, неговите огромни вокални квалитети и потенцијал, неговите безвременски хитови му овозможија за рекордно време огромен успех пред сѐ во Македонија и Балканот, исто така и во целиот свет“, заклучува Талевска.

НУ „Историски музеј Крушево“ во последните години повторно ја враќа својата актуелност. | Извор: krusevokultura.mk

НУ „Историски музеј Крушево“ во последните години повторно ја враќа својата актуелност. | Извор: krusevokultura.mk

Најважниот момент од минатото

Крушевската Република (од 2 до 12 август 1903 година) го прави Крушево и Град-Востаник, бидејќи тоа е најважниот момент од историското минато на Македонија.

НУ „Историски музеј Крушево“ во последните години повторно ја враќа својата актуелност, бројот на посетители постојано се зголемува, особено во летниот и зимскиот период.

„На почетокот откако започна да функционира Спомен-куќата на Тодор Проески бројот на посети беше сведен на минимум, но сега секоја година посетите и заинтересираноста постојано се зголемува. Сепак капацитетите на установата не се искористени, бидејќи нема правилно распоредување на стручниот кадар, а со тоа нема ни системско користење на буџетски и други средства, со што ќе се создадат услови за извршување на соодветни работни обврски кои  ќе придонесат за зголемување на посетеноста. Посетителите многу често доаѓаат на затворени врати и не можат да ги посетат најголемиот број од музејските објекти. На тој начин објектите не се ни третираат правилно во изминатите години во смисла на тековно одржување и екипирање. Поконкретни активности кои се нудат за посетителите нема, иако можноста за понудување содржини е со широк дијапазон. Последниов период конкретно сум насочен со некои рутински одржувања на објектите и научна и стручна истражувачка работа“, вели д-р Зоран Богески, виш кустос.

Последното погребување на Питу е извршено во месец јули 1983 година на денешната локација.

Последното погребување на Питу е извршено во месец јули 1983 година на денешната локација.

За Гробот на Питу Гули поставен во алејата на великаните, во склоп на партизанските гробишта во Крушево, постојано се полемизира дали е достоинствен за еден таков великан. Богески ја разрешува дилемата.

„Тој е во добра состојба. Таквите гробови не спаѓаат под надлежност на ваквиот вид Установи како што е нашиот музеј, иако во периодот 2015-2016 година имаше сериозна иницијатива непосредно со катастарската парцела на Споменикот Илинден да се изгради алеја на илинденци. Со промената на власта во 2016 година замре и не беше на цена, па не се ни разгледуваше како опција и трајно комплетно решение за оваа проблематика. Тука се планираше да се соберат на едно места доста значајни личности од овој период, но заврши како што заврши. На тој начин ќе можеше државата да се грижи за ова културно наследство преку своите Национални установи каков што е Историскиот музеј во Крушево. Инаку за гробот не може да речеме дека се обновувал, попрецизно е дека бил повеќе пати дислоциран и преместуван. Најпрво војводата бил погребан на Мечкин Камен во плиток или поточно речено импровизиран гроб, од каде што веднаш потоа бил земен во вреќа од неговата сестра Боча и бил погребан во пресен гроб од штотуку погребана млада невеста на сега веќе некогашните гробишта Топали каде што денес се наоѓа и споменикот на војводата, таму војводата почивал 38 години.  Потоа на ден Илинден 1941 година окупаторската бугарска власт внимателно го откопала гробот, ги одбрала коските од Питу, разликувајќи ги машките од женските коски од невестата и ги однеле во крушевските градски гробишта во засебна гробница со четири засебни гроба, каде што меѓу другото почивале останките претежно на соборците на Питу: Томе Никлев, неговиот знаменосец Ѓорѓи Димов и Љубомир Весов од Велес, поет и крушевски војвода меѓу двете светски војни“, открива Богески

Денес, освен гробот на Питу Гули, гробовите на споменатите се толку запуштени што дури не можат ни да се лоцираат.

„Последното погребување на Питу е извршено во месец јули 1983 година на денешната локација, каде што од споменатата запуштена гробница во градските гробишта, останките се пренесени  во горниот дел од гробиштата во истиот ред со паднатите борци од Крушевскиот партизански одред од периодот на НОБ, кој го носел неговото име, каде што почива и неговиот син Стерја Гули. Подоцна врз гробот се направени и други несоодветни градежни интервенирања, од кои најголемиот број и без соодветна дозвола и за политички намени и потреби, што секако е и сериозна злоупотреба.  Во врска со реновирањето, уште еднаш да напоменам надлежна е Општина Крушево“,  потенцира Богески.

Image
Newsletter