Српски скијачки центар со европски патеки и цени како Сент Мориц

Српски скијачки центар со европски патеки и цени како Сент Мориц

Разновидно сместување, добра инфраструктура, голем број ски-патеки,  преубав пејзаж од густи зимзелени шуми (смрека и ела), чист воздух, сето тоа се предностите на Копаоник,  еден од најпопуларните скијачки зимски дестинации на Балканот. Српската планина е еднакво убава и привлечна и во летниот период поради убавата природа и чистиот воздух.

Копаоник, покривот на Србија, во својот највисок дел потсетува на куќа со рамен покрив, па затоа го викаат Рамен Копаоник. Токму тука е и средиштето на туристичкиот центар.

Овде се сместени голем број хотели, апартмани, вили, одморалишта и планинарски домови, како и спортски терени, базени, теретани, кино, продавници. Има и голем број ресторани и кафеани со традиционална и интернационална храна, кафулиња и барови што нудат многу забава за гостите. 

Според бројот на ски-патеките, не заостанува зад најпознатите европски ски-центри. Копаоник има ски-патеки во вкупна должина од околу 64 километри, поврзани со систем од 24 модерни жичарници и ски-лифтови со капацитет од над 34.000 скијачи на час. Ако нема доволно снег, тука се најмодерните топови и фрлачи за вештачко правење на снег.

Во последниве години стана привлечен и за многу туристи од Европа. Популарноста на Копаоник ја отсликува и податокот што таму хотели градат Новак Ѓоковиќ и шеикот Мохамед Бин Зајед, престолонаследник на Обединетите Арапски Емирати.

Во последниве две години стана привлечен и за македонските туристи. Предност е и близината. Од Скопје до Копаоник може да се стигне за четири  часа.

Скијање на Копаоник. | Извор: trazimsmjestaj.com

Скијање на Копаоник. | Извор: trazimsmjestaj.com

Ски-центрите во Бугарија беа избор на македонските скијачи до пред две години. Но, поради политичката ситуација и веројатно, водејќи се од патриотизмот, Македонците се свртија кон Србија. Интересот за зимување особено за Копаоник порасна нагло, иако цените се двапати повисоки отколку во зимските центри во Бугарија. Може слободно да се каже дека зимувањето на Копаоник ќе ве чини како во некое од скијачките центри во Франција или како во швајцарскиот Сент Мориц,  вели еден наш искусен туристички работник.

Често на туристичките блогови посетителите истакнуваат дека се шокирани од убавините на скијачките терени, но и од сметките во кафеаните и во маркетите. За зимување на популарната српска дестинација се потребни повеќе пари отколку за летување во регионот, а цените се зголемуваат секоја година. Кога е во прашање храната, најевтини се крофните, кои чинат евро и пол, а најскапо е јагнешкото месо. Цената на палачинките се движи од 3 до 12 евра, на плескавиците 6 евра до 15 евра, порција ќебапи од 15 до 25 евра, лепче со кајмак од 2 до 4 евра.  За порција свинско месо ќе платите од 25 до 40 евра. Ручек за четиричлено семејство чини околу 100 евра. Цената на Пијалоците е следна: ракија – од 3 до 10 евра, вино – од 5 до 10 евра, вотка и виски – од 5 до 15 евра, газирани сокови – 5 евра. Местото нуди и многу квалитетен ноќен живот. Постојат голем број локали со различна понуда на забави и музика.  

Копаоник има огромна и богата понуда на хотелско и апартманско сместување, во населбата Брзече, во самиот центар и во таканаречената Туристичка населба. Најпопуларните хотели што се наоѓаат во самиот центар на Копаоник со поглед кон раскошните патеки за скијање се обично со повисока цена за разлика од хотелите што не се наоѓаат во центарот. Понудите се обично полупансионски или само со појадок. Многу од хотелите имаат богата понуда на спа-центри, внатрешни и надворешни загреани базени, што е обично вклучено во цената на престојот и е доста привлечно за туристите.

Сместувачки капацитети на Копаоник.

Сместувачки капацитети на Копаоник.

„Апартманското сместување е секако поевтино. Хотелските цени најмногу варираат во зависност во кој период од зимската сезона се престојува. Еден од најпопуларните периоди за престој во Копаоник може да се каже дека е почетокот на декември, кога е официјалното отворање на зимската сезона. Тогаш има различни настани, концерти на познати балкански ѕвезди. Доста популарен период е и зимскиот распуст. Тогаш хотелите се во полн ек. Цените за престој во Копаоник се динамични и често се менуваат. Обично цените за викенд-престој се движат од 100 до 200  евра по соба од ден. Но, ако се работи за повеќедневен аранжман, секако е поисплатливо. Цените на ски-картите се различни во зависност за кој период се работи. Обично за еден ден се движат од 25 до 35 евра. Постојат различни пакети, карти за еден ден, викенд-карти и неделни карти“, вели Благица Бутикоска, менаџер од туристичката агенција „Аурора“.

Ноќно скијање на Копаоник. | Извор: Kopaonik - infoKOP

Ноќно скијање на Копаоник. | Извор: Kopaonik - infoKOP

Како по непишано правило, по завршувањето на скијачката сезона, оваа планина во Јужна Србија се претвора во големо градилиште. Никнуваат нови објекти или се реновираат старите. За многумина тоа го спречува квалитетниот престој на Копаоник и во летниот период на одредени места во планината.

Image
Newsletter