СТРУМИЦА – целогодишна дестинација на југоистокот

Панорама на Струмица со Цареви кули

Од сите градови привлечни за туристите во Македонија, се чини ретки се оние кои не излегуваат на езеро или низ нив не тече некоја река. Туристички, тие примамуваат посетители поради историјата, старата архитектура, природните богатства. Еден од нив е секако Струмица, на самиот југоисток на државата – дестинација која иако има потенцијал да биде атрактивна преку целата година, се чини засега е недоволно посетена. Освен дневните тури низ водопадите и манастирите, ретки се оние агенции кои нудат подолгорочна понуда, како за домашните, така и за странските туристи. Иселувањето, пак, си го направи своето. И покрај бројните посетители, жителите никако да се анимираат во делот на сместување гости. Се чини, луѓето од овој земјоделско-печалбарски регион се повеќе ориентирани кон заработка во странство отколку кон заживување на родниот крај.

Опколен од Струмичкото Поле и планините Беласица, Огражден и Еленица, на самиот југоисток на Македонија, се наоѓа градот на ѕвездите или градот под Царевите кули. Античкиот Астраион, римскиот Тивериопол, до ден денес го задржува словенското име Струмица. Освен што е лидер во земјоделството, пионер во гасификацијата на земјава и родно место на бројни истакнати македонски спортисти, Струмица е најмалку позната по туризмот. Оваа стопанска гранка е очигледно неправедно запоставена, особено ако се има предвид дека изобилува со археолошки наоѓалишта од античкиот и од римскиот период и дека е местото на клучниот пораз на Самоиловото Царство од Византија. Изобилува со неколку водопади, манастири и остатоци од ѕидините на Царевите кули.

Цареви кули

„Градот под Царевите кули“ – со овој епитет најчесто се опишува Струмица. До славното Кале се стигнува по убав и обележан пат, но пристапот до него е особено тежок. Иако пред кулите има огромен паркинг, влезот е стрмен и тежок за искачување. Поразително е тоа што ниту постои влез, ниту чуварска служба, ниту, пак, се наплаќа билет за влез во локалитетот, иако тој е особено добро зачуван. Ако појдете на Царевите кули напролет или лете, можат да ве дочекаат обраснати ѕидини и треви и инсекти на сите страни, што навистина не му прилега на ваков објект од историско и од археолошко значење. Веднаш се гледа недостиг од свест кај властите за промоција и за уредување на локалитет од ваков калибар. Слободно може да се каже дека општинските и државните власти целосно го превиделе потенцијалот за полнење на буџетите од наплаќање влез во ваков вид објекти. Во некои други држави, Царевите кули би биле едни од најистакнатите археолошки наоѓалишта, а со тоа и најпосетени.

Најстарите откритија за тврдината упатуваат на тоа дека овде имало население  уште во праисторијата. Со археолошките истражувања се констатирале остатоци од повеќеслојна праисториска населба на југоисточната падина од времето на раниот енеолит,  крајот на доцната и за време на средната бронзена епоха. Исто така, остатоци од енеолитска населба беа констатирани и на северозападното плато.

Според некои археолози, кулите се остатоците од античкиот град Астраион. Сите досегашни наоди укажуваат на тоа дека на овој локалитет опстојувале разни цивилизации во период од околу седум илјади години. Тврдината е изградена на зарамнето плато на врвот од ридот, кој мошне стрмно се издига над Струмица на надморска височина од 445 метри, од каде што е можна прегледност над целата Струмичка Котлина.

По рабовите се наоѓаат остатоци од одбранбен ѕид, од кои западниот во должина од четириесетина метри е добро видлив и денес. Историското значење на кулите за Македонија се поврзува со Самоиловото Царство. Со своите дебели бедеми, кулите претставуваат споменик за падот на средновековната македонска држава на царот Самуил во 1018 година. Служела како утврдување и во османлискиот период. Во тврдината се пронајдени византиски монети од ХII и од ХIII век. Откриени се шест фрагментарно мегарски чаши од хомеровски тип, мошне ретки на овие простори, кои потекнуваат од ХI век п.н.е. Откопани се и антички монети од времето на последниот македонски цар Персеј, како и фрагменти од средновековен фрескоживопис од ХII и ХIII век. Пронајдени се и монети со ликот на Филип II, потоа амфори, садови, кантароси, накит, фрагменти од сликани вазни, црнофиносувана керамика, фигури од малоазиски тип и други артефакти. Сите укажуваат на тоа дека тврдината над Струмица активно живеела кон крајот на IV век пред нашата ера.

Бања Банско

Бања Банско

Бања Банско

На 10-ина километри од Струмица, веднаш до хотелот Цар Самоил, се наоѓа археолошкиот локалитет – римската бања Банско. Оваа античка бања е една од најсочуваните во Македонија и потекнува од римскиот период. Бањата е откриена во 1978 година, при копањето на темелите на хотелот Цар Самуил.

Овој локалитет почнал да се гради во I век, а постепено се надградувал сѐ до V век. Досега се откриени 11 простории, сите со различна намена, но сите во функција на вршење на обредот капење, лечење и уживање во термалните води.

Најзачувана е просторијата каде што се наоѓала сауната, со крстовиден и полукружен свод. Најверојатно потекнува од ХI век, од времето на римскиот император Каракала, познат по подигањето и обновувањето терми низ империјата. Оваа античка бања е заштитена со закон, но не е заштитена од крадци, кои често крадат од локалитетот и го оштетуваат.

Денеска базените со природна вода може да се користат во рамките на хотелот, каде што може да се проба и јајце сварено во топлите извори, со специфичен вкус. Во околината на бањата се простираат шума од липи и костени и повеќе бистри планински потоци. Папратот од ова македонско поднебје е заштитен од Обединетите нации. Целиот локалитет нуди одлични сместувачки капацитети и услови за комбинирани видови туризам.

Струмичко е најпознато по водопадите

Во подножјето на планината Беласица, посетителите можат да се освежат на сега веќе добро познатото трио струмички водопади – Смоларскиот, Колешинските и Габровските водопади.

Смоларски Водопад

Смоларски Водопад

Смоларски Водопад

Убедливо е најтешко да се стигне до Смоларскиот Водопад. Тој е најоддалечен, а и скалите за да се стигне до него се најстрмни. Патот е уреден, има клупи за одмор, а кога конечно ќе стигнете таму, ќе ве дочека грч студена вода и дебела сенка. Токму затоа, очекувано, тој е најпосетен за време на летните месеци.

Смоларскиот Водопад се наоѓа на надморска височина од 600 метри. Тоа е природна убавина висока околу 35 метри. На дното од водопадот е формиран џиновски лонец, чија должина во правец на течењето на речната вода изнесува пет метри, широчината му е 11 метри, а длабочината е околу половина метар. Властите поставиле и платформа на која луѓето можат да одморат, да се сликаат или едноставно да уживаат во глетката.

Колешински Водопади

Колешински Водопади

Колешински Водопади

Колешинските Водопади се наоѓа на надморска височина од 610 метри на реката Баба во пазувите на планината Беласица, меѓу јаворова шума и камени гребени. Со височина од 15 метри, се вбројува во највисоките водопади во Македонија, со широчина на падот од околу 6 метри. Тој е тектонски водопад, создаден во гранитни камења.

Во непосредна близина од околу 100 метри, се наоѓаат уште неколку помали водопади и слапови распоредени во низа со височини до околу пет метри. Интересен настан кој секоја година се одржува на Колешинските Водопади е групната венчавка. Општината Ново Село и МПЦ-ОА, традиционално секој август организираат церемонијално групно венчавање, кое буди сѐ поголем интерес и зголемена посетеност. Оваа традиција постои повеќе од 10 години.

Инаку, Општината Ново Село постојано работи на подобрување на ова место со дополнителни пешачки патеки, пристапни патишта, но и со долготрајни понуди за сместување како мотели и ресторани. Во непосредна близина на водопадите и по должината на патеката има поставено повеќе летниковци, кои важат за традиционално излетничко место за локалците и на кои посетителите можат да одморат, а преку викендите овде се прави и скара.

Габровски Водопади

Габровски Водопади

Габровски Водопади

Во близина на Колешинските Водопади се наоѓаат и Габровските Водопади. Тие се најмалку посетени од туристите. На оддалеченост од еден километар, има три помали водопади, високи од 4 до 8 метри, чија чиста ледено студена вода истекува меѓу дебелите и разгранети буки.

До Габровските Водопади води убав пат во правец кон с. Габрово. Водопадите се сместени на крајот над селото. Пред нив има мал паркинг од кој има изградено патека која води до околната шума. Во околината има поставено клупи и мали летниковци. Коритото на водопадите е уредено со бетонски парапет, а дел од водата во бетонски канал се упатува кон селото. Ова го нарушува локалитетот бидејќи се губи природниот тек на реката. Исто така, евидентно е дека посетителите се несовесни и оставаат многу расфрлан отпад околу водопадите.

Убедливо најимпресивни се глетката и патот до најоддалечениот, трет водопад. Пред две години, целосно беше поплочена пристапна патека во должина од 750 метри. Беа изградени и два моста и поставени летниковци. Во непосредна близина на водопадите се наоѓа и една неистражена атрактивна пештера, која претставува предизвик за љубителите на планинскиот туризам да дојдат да ја посетат оваа природна убавина и да уживаат во овие предели кои ги нуди Беласица.

Мокрински Извори

Мокрински Извори

Мокрински Извори

Кога ќе се изморите од искачување на добро познатите водопади, близу село Мокрино, помеѓу Смоларскиот и Колешинските водопади се наоѓа најпознатото излетничко место во овој крај. Таканаречените Мокрински Извори се состојат од три извора од кои истекуваат 40 литри вода во секунда. Изворите истекуваат од корењата на столетните стебла на јаворите кои формираат густа сенка. Поради големото количество вода, порано на оваа локација имало многу воденици.

Сега, Мокринските Извори важат за мошне популарно место за да поминете еден убав опуштен викенд. До нив води поплочена патека, има изградено мостови, поставено десетина летниковци, дури и места за безбедно палење скара. Околината е уредена и се гледа дека некоја служба редовно го одржува местото. Оваа пролет, локалните власти изградија патека до Мокринските Извори за лица со инвалидитет и соодветни летниковци за нив.

Пирго Мокриево

Пирго Мокриево

Пирго Мокриево

Едно од најнепосетуваните места во струмичко и релативно непознат локалитет е кулата Пирго кај селото Мокриево. До неа води пристапен пат долг 400 метри. Кулата е во многу лоша состојба, па неодамна НУ Завод и музеј Струмица објави дека почнале со теренските активности за изработка на Основен проект за конзервација и реставрација на кулата Пирго кај Мокриево. Станува збор за доцноантичка кула изградена во V или VI век и која според сите претпоставки била користена и во периодот на Цар Самуил. Се смета дека ова место има големо историско значење, бидејќи со него се поврзува почетокот на познатата Беласичка битка на 29 јули 1014 година. Поради тоа, секоја година на 10 август (29 јули според стариот календар), сите жители се искачуваат на Пирго, каде што се наоѓаат и трите стари јавори (еден од јаворите неодамна бил исечен) од времето на битката.

Водочки манастир Св. Леонтиј | Извор: off -road.mk

Водочки манастир Св. Леонтиј | Извор: off -road.mk

Комплекс Водочки цркви (XI век)

Комплексот се наоѓа во селото Водоча, кое своето име го добило според грозоморниот настан од 1014 година, кога на тоа место под Беласица на 14.000 војници на царот Самуил им биле извадени очите од страна на Византијците. На локалитетот се наоѓаат три цркви (источна, западна и средна) со три фази на живописување на ентериерите, архитектонски остатоци; придружни објекти и манастирски комплекс, трпезарија, стопански објекти, две бањи и повеќеслојна христијанска некропола. Од ранохристијанскиот период се зачувани темелни партии од базилика со мермерна декоративна пластика од V и VI век. Подоцна била подигната источната, трикорабна куполна и епископска црква.

Некрополата која се наоѓа на југозападната и на северозападната страна, исто така го отсликува богатиот духовен и културен живот што се одвивал на овие простори. Откриени се преку 1.000 гробови во кои се пронајдени накит и керамика што датираат од периодот меѓу XIV и XIX век.

Сликарството во оваа црква е карактеристично по издолженоста на телата и по цврстата моделација на главите на светителите. Фреските ѝ се посветени на  животот и детството на Пресвета Богородица.

Манастир Св. Богородица Елеуса | Извор: wikimedia.org

Манастир Св. Богородица Елеуса | Извор: wikimedia.org

Манастир Вељуса

Манастирот Св. Богородица Елеуса, с. Вељуса (ХI век) е еден од најстарите македонски верски објекти, кој никогаш не била уриван ниту обновуван. Каков што е изграден, таков е и денес, со отпечатоци од забот на времето. Манастирот Вељуса е активен женски манастир, сместен на 400 метри надморска височина на 8 км западно од Струмица. Манастирот е одличен пример за високите дострели на византиската сакрална архитектура во средниот век. Посветен е на раѓањето на Марија и го слави празникот Рождество на Пресвета Богородица (Мала Богородица) на 21 септември.

Тоа по што е најпознат овој манастир, а го има само во две-три православни цркви во светот, е добро сочуваната фреска од Исус Христос како 12-годишно дете. Тоа е возраста кога тој првпат проповедал во ерусалимски храм.

Манастирот е сместен на 8 км западно од Струмица во селото Вељуса. Патот е асфалтиран, но низ селото е тесен и стрмен и не е погоден за автобуси и поголеми возила. Пред манастирот има помал паркинг.

Во Струмица навистина има што да се види и да се посети. Ако овие места се недоволни за вас, можете да ја посетите и црквата „Свети 15 тивериополски маченици“ посветена на култот кон христијаните кои не се откажале од верата, а поради што биле осудени на смрт со обезглавување, комплексот Орта џамија, Струмин гроб – средновековен или антички гроб што се наоѓа на околу 3 километри западно од градот Струмица во близина на селото Баница, Мерата — археолошко наоѓалиште во селото Баница, локалитетот „Свети 40 севастиски маченици“ во с. Банско или, пак, да одморите во близина на акумулациите, односно вештачките езера Водоча и Ново Село.

Image
Newsletter