Тиквешки Гроздобер – со културни настани за славење на виното до повеќе туристи

Огромна заинтересираност за манифестацијата.

За викендот околу Денот на независноста, Кавадарци беше централна точка каде што граѓани не само од Тиквешијата, туку и организирано од цела држава доаѓаа да го прослават државниот празник. Причина беше организацијата на настанот „Тиквешки гроздобер 2024“. Се чини локалните власти конечно сфатија дека со организирање на вакви настани не се слави само производството на грозје и вино по што е познат овој регион, туку на ваков начин можат да се привлечат и домашни и странски гости кои ќе уживаат во најразличната гастрономска понуда и музички спектакл. Плоштадот во Кавадарци беше претесен да ги собере сите заинтересирани кои сакаа да бидат дел од ова славење на винската култура. Оваа година беше рекордна – дури 60 илјади граѓани го посетија Кавадарци.

Тиквешки Гроздобер 2024

„За весело Кавадарци“ – под ова мото, градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, ја објави годинешната програма на „Тиквешки гроздобер 2024“. 

Покрај музичката понуда, и годинава се одржаа бројни културни и спортски настани, а се одржа и винскиот карневал.

„Оваа недела во Кавадарци доаѓаат 16 делегации од страна, од побратимените градови, и Кавадарци е отворен град за секој кој сака да биде дел од големата забава која со масовната посетеност придонесува и за економскиот развој на општината“, вели градоначалникот Митко Јанчев и додава дека во организацијата на „Тиквешкиот гроздобер“ се внимава  на секој аспект за да биде манифестацијата на највисоко ниво.

Спонзорите на манифестацијата обезбедија пет милиони денари, пари со кои ќе се платат хонорарите на естрадните гости, а парите од општината во висина од 6,5 милиони денари се за потребите на карневалското дефиле.

„Некст тајм“ на Тиквешки гроздобер 2024.

„Некст тајм“ на Тиквешки гроздобер 2024.

Музеј-галерија, Кавадарци

Промоцијата на брошурата „Легенди за Тиквешијата“ беше само еден од настаните за време на манифестацијата „Тиквешки гроздобер“, која се организираа во Музеј-галеријата во Кавадарци. 

Во петокот, на 6 септември, во Музеј-галеријата имаше изложба на уметнички слики од Мирослава Микица-Трујкановиќ и концерт на рок-групата „Бадасал“. 

„Во сабота на програмата е промоцијата на брошурата во објектот познат како куќа на мирис и вкус, нов музеј, таму ќе реализираме и претставување на нова поставка, ,Градска етнолошка соба‘“, појаснија од Музејот. 

На агендата за недела, беше претставувањето на скулптурите изработени во рамките на првата вајарска колонија „Моклиште 2024“. Колонијата траеше од 14-ти до 20-ти август, а уметничките дела се монументални скулптури и скулптури за јавен простор, кои ќе бидат поставени на зелените површини низ Кавадарци.

Вински музеј.

Вински музеј.

Вински музеј, Кавадарци

Дегустација на вина од македонски семејни винарии, се реализираше во Винскиот музеј во Кавадарци, во рамките на традиционалната стопанско-туристичка и културна манифестација „Тиквешки гроздобер“.

„Станува збор за специјализиран вински музеј, за промоција на винскиот туризам преку музејски предмети, фотографии и колекција на вина за дегустација и продажба во нашите две винотеки во градот“, потсети в.д.-директорката Анета Атанасова, нагласувајќи дека континуирано расте интересот за посета на овој музеј, како кај домашните, така и кај странските туристи.

Винскиот музеј за кавадаречкиот регион е прв музеј од ваков тип во Македонија. На површина од 100 м2, изложени се предмети поврзани со преработка на вино и ракија од крајот на XIX и почетокот на XX век.

Во Винскиот музеј на Градот Кавадарци се чува шише вино старо безмалку сто години. Тоа е подарок од семејството Велкови, произведено во 1926 година, кое е меѓу многубројните експонати.

Палета на сортни вина во Музејот на виното.

Палета на сортни вина во Музејот на виното.

Подрумот на Винскиот музеј во Кавадарци.

Подрумот на Винскиот музеј во Кавадарци.

„Семејството Велкови поседува повеќе такви примероци и едно ни даде нам за чување и експонат за гостите. Тоа е бело вино“, вели Томе Крстевски, виш кустос-етнолог во Музејот на Градот Кавадарци.

Виното е сместено во т. н. вински подрум од зградата на Музејот, каде што има повеќе предмети кои зборуваат за развојот на лозарството и на винарството во Тиквешијата. Има предмети кои датираат од 2. век п.н.е., кои се прилог дека уште тогаш на овие простори се произведувало вино. Повеќето предмети и експонати се подарок од првата приватна винарија на Балканот, формирана во Кавадарци од фамилијата Велкови во 1885 година, која произведувала вино и ракија.

Домаќините велат дека просторот е многу посетен бидејќи го доловува подрумот од еден дом во Тиквешијата кој одгледува грозје и произведува ракија или вино. Подрумот е изработен од природни материјали, како глина, кал, слама и трска и е дело на ликовниот уметник од Кавадарци, Ристо Соколов-Сокол.

Експонати во Винскиот музеј во Кавадарци.

Експонати во Винскиот музеј во Кавадарци.

Фестивал на вино и вински туризам

Кавадарци како град навистина вложува многу во промоција на винската култура. Фестивал на вино и вински туризам. „Тиквешија 2023“ се реализира на стартот на декември, во организација на Здружението „Винотек“, кое се залага за негување и развој на винска култура, вински туризам и производи од грозје.

„Со многубројни активности како дегустација на вина, базар, храна, забава и музички хепенинг, ја продолжуваме традицијата на славење на младото вино, со цел да се види потенцијалот на виното произведено од грозјето од годинешнава реколта“, рекоа организаторите на настанот. 

„Целта е да се поттикнат лозарите самите да произведуваат вино и со тоа да придонесат за конкуренција и постигнување на поголема цена за килограм грозје. Од друга страна, имаме такви производители на грозје кои веќе се добри мајстори на вино, па би сакале во иднина таа своја умешност да ја претворат во мали семејни бизниси“, нагласија од „Винотек“.

Семејна винарија Клинчаров.

Семејна винарија Клинчаров.

Семејна винарија Максимилијан.

Семејна винарија Максимилијан.

Тиквешкиот Регион изобилува со мали семејни винарници кои нудат уникатно гастрономско и сместувачко искуство. 

Меѓу нив, можете да ги посетите винарницата „Лазар“ лоцирана непосредно спроти античкиот град Стоби од другата страна на автопатот „Пријателство“. Таа располага со реновирани апартмани, ресторан со капацитет од 50-ина гости, како и летна тераса. 

Интересен за посета е и винскиот подрум „Попови“ лоциран во срцето на Кавадарци. Малата семејна винарница „ниже“ награди низ светот и покрај тоа што постои релативно кратко време, едвај 6 години. Во адаптирана и реновирана куќа во Кавадарци посетителите имаат увид во винскиот подрум преку стаклен под од приземното ниво, но можат и одблиску да се запознаат со сите „марифети“ во правењето вино или, пак, да уживаат во вината во салата за дегустации.

Со културни настани до повеќе туристи

Културните настани се еден од најефективните начини за привлекување туристи и може значително да ја зголемат видливоста на една дестинација. Еве неколку начини како преку организирање културни настани да се привлече поголем број туристи:

1. Организирање фестивали и традиционални настани

Фестивалите се атрактивни за туристите бидејќи им нудат автентично искуство на локалната култура, обичаи, музика и гастрономија. Настани како музички, уметнички или гастрономски фестивали привлекуваат луѓе од целиот свет. Примери се музички фестивали, уметнички изложби, филмски фестивали, како и традиционални празнувања како карневали, верски прослави или народни игри.

2. Истакнување на локалната култура и историја

Настани кои се поврзани со историјата на регионот или неговите културни знаменитости можат да привлечат културно ориентирани туристи. Овие настани можат да вклучуваат историски реконструкции, посети на археолошки локалитети, предавања или тури кои ја откриваат историјата на дестинацијата.

3. Промоција на локалната уметност и занаетчиство

Изложби на локална уметност, ракотворби или занаетчиски производи создаваат автентично искуство за туристите. Организирање уметнички колонии, работилници и саеми може да привлече туристи кои сакаат да научат нешто ново или да го поддржат локалното население.

4. Вклучување на современата култура и трендови

Настани поврзани со современата култура, како модни ревии, популарни музички концерти, филмски премиери и мултимедијални изложби, можат да привлечат помлади туристи и љубители на поп-културата. Овие настани често се интересни за широка публика и имаат потенцијал да привлечат внимание на глобално ниво.

5. Кулинарски фестивали

Гастрономските настани, на кои се истакнува локалната кујна, се одличен начин да се привлечат туристи, особено оние кои се заинтересирани за храна и гастрономски искуства. Организирање настани како дегустации, саеми на вино и храна и натпревари во готвење можат да креираат уникатна туристичка понуда.

Грозје станушина.

Грозје станушина.

6. Меѓународна промоција и партнерства

Промовирање на настаните на меѓународно ниво преку партнерства со туристички агенции, медиуми и влијателни луѓе (инфлуенсери) е клучно. Присуството на културни настани на социјалните мрежи и туристички веб-страници може да ја зголеми свеста за настанот и да привлече меѓународна публика.

7. Креативни настани и улични перформанси

Настани како улични уметнички перформанси, џез или класична музика на отворено, улични театри или танцови шоу-програми нудат автентично доживување на градот или местото и создаваат живописна атмосфера што привлекува туристи.

8. Создавање уникатни доживувања

Туристите сакаат уникатни и автентични доживувања. Преку организирање тематски настани, како рурални тури со традиционални ритуали, учество во локални обичаи или празници, се создава посебно чувство на припадност и се привлекуваат туристи кои бараат нешто различно.

9. Интеракција со локалното население

Настани кои им овозможуваат на туристите директна интеракција со локалните жители, како тури со водичи кои се дел од заедницата или учество во културни работилници, ќе им овозможат на туристите подлабоко да ја запознаат културата на дестинацијата.

10. Културен туризам како долгорочна стратегија

Локалните власти и организации за туризам треба да го вклучат културниот туризам во својата долгорочна стратегија за развој. Планирањето повеќе настани во текот на годината, во различни сезони, може да ја продолжи туристичката сезона и да обезбеди континуирано привлекување туристи.

Со добра организација, промоција и стратешки пристап, културните настани можат да бидат мотор на туристичкиот развој, носејќи значителни економски придобивки и позитивен имиџ на дестинацијата.

Image
Newsletter