Господи Исусе Христе, помилуј ме мене, грешниот.
Воскресението Христово, кое се празнува на Велигден, е најголемиот, најстариот и најсветлиот христијански празник, кој ја претставува суштината на христијанската вера. Нашата Македонија е земја со најстаро име на европскиот континент. Македонија е спомената во Библијата неколку десетици пати, во зависност од преводот, и е портата на христијанството кон Европа уште од децениите по распнувањето и воскреснувањето на Исус Христ. Верата во Христа била донесена од апостол Павле, откако на видение му се појавил Македонец, со раширени раце повикувајќи го напомош во Македонија. Според Библијата, покрстувањето на Света Лидија Македонка го отворило патот на христијанството во Европа. Неколку векови подоцна, во Македонија престојувал и Свети Еразмо Охридски, а откако во 4. век од нашата ера христијанството било признаено за официјална религија, во Македонија се изградиле и многу ранохристијански храмови, дел од кои се видливи и ден-денес. Во 6. век била создадена Јустинијана Прима – Првата вистина на Јустинијан, родум од Македонија. Автокефалната Архиепископија Јустинијана Прима ги претставува основите на Охридската архиепископија. Во 9. век од нашата ера, уште еден светител оставил голема трага врз духовниот и културен живот – Свети Климент Охридски, основачот на првиот универзитет во Европа и првиот македонски епископ. Како ученици на Светите Кирил и Методиј, заедно со неговиот духовен брат – Свети Наум Охридски, направиле подвиг кој се памети до ден-денес.
Верата во Воскресението за нашите предци била врховен мотив за опстојување низ вековите. Симболиката на пасхалното јагне и Исус Христос на крстот го ослободува човекот од гревот, затоа што Синот Божји се жртвувал за сите нас. Велигден во Македонија се слави уште од памтивек. Според официјалниот историски наратив, Велигден е најстариот христијански празник.
Велигден претставува продолжение на старозаветниот еврејски празник Пасха, сè уште празнуван од Евреите во чест на ослободувањето на еврејскиот народ од египетското ропство. Буквалното значење на зборот „пасха“ е премин. Го означува и го симболизира преминувањето на Евреите од Египет во Израел. Во христијанството, Пасха исто така значи премин – премин со Христа, од смртта во животот и од земјата кон небото, ослободување од гревот за пат во Царството Небесно.
Бојадисување велигденски јајца, најшироко распространета традиција за Великден
Велигденските пости содржат значајни празници за кои народот од памтивек практикувал обичаи зачувани и денес. Простено на Прочка, преку Летник, Младенци, Цветници, Лазарева сабота до Страсната седмица – последната седмица од велигденскиот пост до Велигден. Подготовките за велигденските празници кај Македонскиот народ започнувале и започнуваат уште пред велигденскиот пост. На „чист понеделник“ не се работело „за од глувци“, за глувците да не правеле пакост по куќите, амбарите и шталите. Народните верувања дека „ластовиците идат од арапска земја на празникот на четириесетте мученици“, „на Благоец излавале змиите од земјата, а тогај прокукуе кукавицата и кој оде по поле, треба да си апне троа лебец“, „на Благовец змија е арно да те уапе, оти тогај са благи“ и многу други и ден-денес се паметат низ цела Македонија. Познато е дека народот верува дека е лош к’смет ако работи во четвртоците од Велигден до Дуовден или Спасовден, „за да не пада град летно време“. Во некои краишта од Македонија, падарите биле задолжени за проверка на нивите и на лозјата во четвртоците, кои дури и го кршеле алатот на оние кои работеле. Во тие четвртоци, ниту смеело да се работат „тешки работи“, ниту, пак, по дома да се перат бели алишта, сето тоа поради верувањата за заштита од град во текот на годината. Цепенков и други собирачи на народни умотворби пишувале за „нефелата од работа од Величетврток заклопен четврток“.
Најшироко распространетата традиција за Велигден е бојадисувањето (вапцањето) велигденски јајца со црвена боја. Црвената боја ја симболизира крвта на Христос, која течела кога бил распнат на крстот, а јајцето е симбол на повторното раѓање, препородот – воскресението. Велигденските јајца се поврзани со рамноапостолната Марија Магдалена. Според преданијата, кога заедно со другите жени дошле пред крстот на кој бил распнат Исус, оставила крошна со јајца, кои од капењето на крвта станале црвени. Постои и предание, според кое Марија Магдалена отишла кај римскиот император со кошница јајца и кога го поздравила со „Христос воскресе“, тој ѝ одговорил дека „тоа било невозможно, како што било и невозможно јајцето да се претвори во црвено“. Во тој момент јајцето кое го држела во раката поцрвенело. Православните христијани со векови си подаруваат и се кршат со велигденски јајца поздравувајќи се со зборовите „Христос воскресе“ и „Навистина воскресе“, симболично потсетувајќи се на Христовото воскресение, победата над смртта и спасението. Велигденските јајца се бојадисуваат во рани мугри на Велики четврток, а за првото вапцано јајце, македонскиот народ со векови раскажува дека има голема моќ, употребувајќи го ритуално за заштита од град, суша, и сл. Подготовките за бојадисување на велигденските јајца од домаќинките започнувале уште во средата, кога ги оставале во вода со билки за да отстојат покрај огништето до „рано пред сонце“, кога домаќинката откако ќе каснела едно парче леб, започнувала со вапцање. Верувањето за моќта на првото бојадисано јајце, или првите три јајца низ цела Македонија се памети не само по капењето на децата, туку и по користењето на првото велигденско јајце за заштита од град и други непогоди и непријатности. Народното верување за моќта на јајцето како симбол на плодноста и бериќетот е претставено преку бањањето на децата: „црвено – бело, здраво – живо“. Во коритата со вода се ставале билки – здравец, вртика… народот уште верува дека „сè бидува од јајцето“. Пред неколку децении, низ целиот свет одекна веста дека најстарите писмени докази за бојадисување црвени јајца за Велигден се од 13. век, а први кои го правеле тоа биле Македонците.
Воскресение Христово
Последната седмица пред Велигден – Страдалната недела, нарекувана и Велика, Страстна и Глува недела ги претставува последните денови на Исус Христос во Ерусалим. Сите денови од оваа седмица се нарекуваат Велики или „вели“. Велики четврток е денот кога се одржала тајната вечера. Велики петок е денот на распнувањето на крстот. Велика сабота е денот во кој се потсетуваме за гробот на Исус Христос и неговото симнување во адот. Доцна вечерта на Велика сабота пред полноќ започнува велигденската богослужба, проследена со литии околу црквите, а откако на полноќ торжествено ќе се објави радосната вест, „Христос воскресна – навистина воскресна“, се одржува Велигденската литургија. Велигден, секогаш во недела е најрадосниот празник кај православните христијани, кои претставуваат мнозинство во Република Македонија.
Празнувањето на Велигден или Велик Ден е поврзано со фазите на месечината, па затоа и празникот е „подвижен“. Обичаите кои се паметат и се практикуваат и ден-денес во периодот од пред Велигден, преку Ѓурѓовден, Спасовден, Преображение, Крстовден и понатаму до Коледе и Божиќ, сведочат за старите верувања што се зачувале во Македонија уште од памтивек до денес. Од повозрасните уште може да се чуе и дека „човеците шо умирале околе Велигден, иделе право у рај“, „кој човек умира на Велики петок и го погребуват на Велика сабота, воскреснува заедно со Ристос у неделата“. Значаен дел од македонската традиција претставуваат и велигденските народни песни, категоризирани како лирски обредни календарски песни, кои се исполнуваат во текот на трите дена од празникот Велигден и кои пеат за Христовото воскресение, за христијанските светители, за причесната, а некои од нив се и ороводни песни. Во многу велигденски песни се пее и за разбудената природа и за враќањето на топлината и животот, но и за јунаци од минатото, најчесто за Крал Марко. Забележани се и верувања поврзани со ѕвездите и Велигден – полукружниот распоред на ѕвездите во созвездието Северна Круна (Corona Borealis) кои „се гледат цело лето“ и се познати како „трпеза“, „софра“, но и „тајна вечера“ и „божја трпеза“. Исти и слични именувања за „многуте ситни ѕвезди кои се во круг околу поголема ѕвезда како на софра“ се познати во многу краишта на Македонија. Македонските православни храмови изобилуваат со фрески, икони и дрворези кои ги претставуваат Страдалната седмица и Воскресението.
Христос воскресна од мртвите, смртта со смрт ја победи
и на тие во гробовите живот им дарува!