Македонија како една од најстарите земји во кои е прифатено христијанството и низ чија почва своевремено зачекорил и Апостол Павле, и тоа како е посетена од верниците не само од регионот туку и од целиот свет. Охрид или македонскиот Ерусалим изобилува со 365 цркви – по една за секој ден од годината. Едни од најстарите објекти се наоѓаат токму во овој град, во кој е основана и Охридската архиепископија. Но, Македонија не е само Охрид. И другите реони имаат со што да се пофалат. Верскиот туризам во Македонија е значаен дел од туристичката понуда на земјата, со богато културно и духовно наследство. Христијанството има длабоки корени во Македонија, со многубројни цркви, манастири и други верски објекти кои имаат голема историја и значење.
Главни карактеристики на верскиот туризам во Македонија
Македонија е дом на многубројни манастири и цркви, многу од нив стари неколку векови, кои имаат уникатна архитектура и вредни фрески и икони. Во земјава има долгогодишна традиција на одржување верски празници и процесии, кои се значаен дел од културниот и духовниот живот. Празниците како Водици, Велигден и Божик привлекуваат илјадници верници и туристи, кои доаѓаат овде за да бидат дел од уникатното искуство. Речиси и да нема организирани тури кои не ги опфаќаат главните верски објекти и знаменитости достапни за туристите. Овие тури обично вклучуваат посети на цркви и манастири, како и можности за учество во верски обреди и традиции.
Не треба да се занемарат ниту исламските верски објекти. Македонија има значителен број џамии и исламски верски објекти, особено во градовите Скопје, Тетово и Гостивар. Една од најпознатите џамии е Шарената џамија во Тетово, која е позната по својата уникатна шарена декорација.
Колку туристи ги посетуваат верските објекти?
Точни бројки за тоа колку туристи ги посетуваат црквите, манастирите и џамиите во Македонија тешко се наоѓаат бидејќи официјалната статистика за верскиот туризам не се води на таков детален начин.
Охрид е најпознатата дестинација за верски туризам во Македонија. Охрид привлекува над 250.000 туристи годишно, од кои многу посетуваат и верски објекти како што се црквата „Св. Софија“, манастирот „Св. Наум“, Канео и други цркви од византискиот период. Повеќе од половината од туристите кои го посетуваат Охрид се заинтересирани за културното и верското наследство на градот. Тоа значи дека околу 125 илјади туристи ги посетуваат верските објекти во и околу Охрид.
Секојдневно, голем број туристи и верници ги посетуваат овие верски објекти, особено во текот на летниот период и за време на религиозните празници. Според некои проценки, околу 30-40% од вкупните туристи во Македонија, кои достигнуваат околу 1 милион годишно, се заинтересирани за верскиот туризам, што значи дека бројот на посетители на верските објекти може да биде стотици илјади годишно.
Дали треба да се наплаќа за влез во црквите?
Вреди да се напомене дека влезот во најголем дел од црквите за разлика од оние во странство е бесплатен. Црквата не заработува ништо од посетата на туристите. Многумина сметаат дека влезот во позначајните цркви и манастири треба да се наплаќа. Сепак, наплатата на влезница не е новитет за неколку верски објекти во Охрид. Уште пред 11 години, започна да се наплаќа влез во црквата „Св. Климент и св. Пантелејмон“ на Плаошник. Тогаш од Дебарско-кичевската епархија објаснија дека билетот за влез е воведен за да може црквата непречено да функционира и да ги подмирува своите долгови за потрошена струја и телефон, како и за обезбедување плати за вработените во храмот. Трошоците за црквата односно за нејзиното одржување постојано се зголемувале, па црквата не можела повеќе да се одржува од доброволните приходи. Најголем дел од средствата завршуваат кај црковните власти, но еден дел од нив се слеваат во државната каса и во Заводот за заштита на спомениците и музеј од Охрид. Билет за влез се практикуваше во црквите „Света Софија“, „Света Богородица – Перивлепта“, како и во црквата „Свети Јован Богослов“ во Канео.
Најголем број туристи за верските празници
Верскиот туризам за време на големите христијански празници како Божик, Водици и Велигден е посебно значаен во Македонија. Овие празници привлекуваат голем број верници и туристи што сакаат да учествуваат во традиционалните обреди и да го доживеат автентичното духовно искуство.
Божиќ
Во Македонија, Божик е еден од најсвечените и најзначајните празници. Празнувањето започнува со Бадник, на 6 јануари, кога се прават традиционални обреди како што се положувањето бадниково гранче и приготвувањето посна вечера.
Многу луѓе ги посетуваат црквите и манастирите за Божикната литургија, особено во Охрид, Бигорскиот манастир и во Скопје. Туристите можат да доживеат богослужби, да им се поклонуваат на иконите и да учествуваат во традиционалните прослави.
Водици
Главниот настан на Водици е фрлањето на крстот во вода, што се одржува на повеќе локации низ Македонија, вклучувајќи ги реките, езерата и базените. Мажите се натпреваруваат кој прв ќе го извади крстот, што се смета за особено благословено. Охрид е централна локација за прославата на Водици, каде што настанот се одржува на Охридското Езеро. Илјадници верници и туристи, особено православните верници од соседните држави доаѓаат за да го видат настанот и да учествуваат во церемонијата. Посетителите исто така ги посетуваат локалните цркви и манастири, како што се црквите „Св. Богородица – Перивлепта“, „Св. Софија“, Плаошник, како и манастирите „Св. Наум“, комплексот во Калишта, струшко и други.
Велигден
Велигден е најголемиот христијански празник, кој го одбележува воскресението на Исус Христос. Празнувањето започнува со Велики Петок и кулминира со Велигденската литургија, која се одржува на полноќ. Посебни обреди се бојадисувањето јајца, процесиите и богатите трпези. Многу верници ги посетуваат црквите и манастирите за време на Велигденската литургија. Бигорскиот манастир и црквата „Св. Климент“ во Охрид се особено популарни за овој праник. Туристите кои сакаат да го доживеат Велигден во Македонија често ги комбинираат посетите на цркви со учество во локалните традиции.
Овие празници се идеална можност за верски туризам во Македонија, каде што туристите можат да доживеат автентично духовно искуство, учествувајќи во уникатните традиции и обичаи кои ги одбележуваат овие празници. Македонија е богата со верски објекти кои нудат инспиративно и културно исполнувачко искуство за посетителите.
Црква „Св. Димитрија“, Скопје. | Извор: Википедија
Посетеност на црквите во Скопје
Иако е Охрид најзначаен верски центар во земјава, и главниот град има со што да се пофали. Најстари цркви во Скопје се „Св. Спас“ и „Св. Димитрија“.
Црквата „Св. Спас“ на скопското Кале, во која се наоѓа гробот на револуционерот Гоце Делчев, најчесто е посетувана на 4-ти февруари и на 4-ти мај, деновите на неговото раѓање и смрт. Највпечатливиот дел од црквата „Св. Спас“ е нејзиниот дрвен иконостас, изработен во првата половина на 19 век. Иконостасот е деликатно резбано дело, со сцени од Стариот и од Новиот завет, и е еден од најубавите примери на македонската резбарска уметност. Во нејзини рамки се наоѓа и мал музеј со лични предмети на војводата. Освен оние неколку денови во годината, овој храм останува релативно непосетен од туристите.
Црквата „Св. Димитрија“, пак, е најстарата црква во Скопје. На нејзиното место имало стар храм, кој постоел уште од XVI век. Сегашната градба била изградена и осветена во 1896 година, со изработка на иконостас од зографот Димитрија Андонов Папрадишки. Оваа црква важела за духовен центар на скопјани долг период. Сепак, дали поради изградбата на новиот Соборен храм или црквата „Рождество на Пресвета Богородица“, некако како да падна во заборав. Иако сместена на самиот плоштад „Филип Втори“, на потегот меѓу Камениот мост и Старата чаршија, туристите ја одминуваат. Има редовни верници, но други поретко. Од црквата велат дека туристите ја заобиколуваат незнаејќи ја нејзината старост и значење. Понекогаш ќе влегле туристички тури со водич, но толку. Оттаму сметаат дека туристичкиот потенцијал на црквите останува неискористен. Освен тоа, во околината ретко има канти за отпадоци, а има и голем број кучиња-скитници, што ја нарушува сликата на централното градско подрачје.
Во Скопје, во последниве 10 години се измени и структурата на туристи. Најмногу има Турци, кои ги посетуваат исклучиво џамиите. Бројот на ноќевања е намален, а за верските празници, прв избор се најчесто Охрид или Бигорскиот манастир.
Како до поголем број туристи во верските објекти?
Освен посетителите за најважните верски празници, државава засега нема стратегија како да го зголеми бројот на туристи во верските објекти. Потенцијал има, но засега тој останува неискористен. Освен тоа, црквите и манастирите изобилуваат со исклучително културно наследство, а најстарите икони и фрескоживопис остануваат незаштитени. Тие се на мета на крадците кои со години наназад го извлекуваат од Македонија она што е вредно и го препродаваат во странство.
Во поразвиените држави, каде што пристапот кон овој проблем не е на аматерско ниво како кај нас, властите имаат стратегија како да ги привлечат туристите во верските објекти, дури и оние кои не се верници. Стратегијата вклучува:
- Меѓународна промоција: Активна промоција на верските објекти на меѓународни туристички саеми, веб-страници и преку социјалните медиуми. Создавање посебни кампањи кои ја истакнуваат уникатноста на македонските цркви, манастири и џамии.
- Промоција преку филмови и документарци: Поддршка за снимање документарни филмови и репортажи кои ги презентираат верските објекти во Македонија. Ваквите материјали можат да се дистрибуираат преку меѓународни канали и платформи.
- Инфраструктура: Подобрување на патиштата и на пристапот до верските објекти, особено оние кои се наоѓаат на оддалечени и тешко достапни локации. Поставување информативни табли на повеќе јазици.
- Развој на туристички центри и сместување: Изградба на информативни туристички центри во близина на познатите верски објекти, каде што туристите ќе можат да добијат информации и сувенири. Развој на сместувачки капацитети (како што се етно-куќи и манастирски конаци) за туристите кои сакаат да останат подолго.
- Организирани тури: Организирање специјализирани тури кои вклучуваат посети на верските објекти во комбинација со локални културни и историски знаменитости. Овие тури можат да се насочат кон различни групи туристи, како што се студенти, истражувачи или религиозни групи.
- Виртуелни тури и апликации: Создавање виртуелни тури и мобилни апликации кои ќе овозможат туристите да го истражуваат културното наследство на верските објекти дури и пред да ги посетат. Апликациите би можеле да понудат водичи и информации за историјата, архитектурата и религиозното значење на објектите.
- Интерактивни изложби: Поставување интерактивни изложби во близина на верските објекти, каде што туристите ќе можат да дознаат повеќе за објектите преку модерни технологии како што се 3D мапирање, аудиовизуелни инсталации и интерактивни дисплеи.
- Фестивали и прослави: Организирање традиционални и верски фестивали кои ги истакнуваат културните и верските обичаи, како што се музички и фолклорни настани, поврзани со верските празници.
- Конзервација и реставрација: Редовно зачувување и реставрација на верските објекти за да се задржи нивната историска и архитектонска вредност. Ова ќе привлече туристи кои се заинтересирани за културното наследство.
Најпознати и најмногу посетувани верски објекти во Македонија
Манастир „Св. Наум Охридски“. | Извор: Манастир Свети Наум Охридски
Манастир „Св. Наум“ во Охрид
Манастирот „Св. Наум“, кој датира од 10-тиот век, е еден од најзначајните верски и културни објекти во Македонија и пошироко на Балканот. Се наоѓа на јужниот брег на Охридското Езеро, во непосредна близина на границата со Албанија. Неговото значење е повеќеслојно, опфаќајќи духовни, историски, културни и туристички аспекти.
Манастирот е посветен на св. Наум, кој бил еден од најблиските ученици и соработници на светите браќа Кирил и Методиј, основоположници на словенската писменост. Св. Наум е еден од основачите на Охридската книжевна школа, која играла клучна улога во ширењето на христијанството и на словенската писменост меѓу словенските народи.
Во 910 година, по смртта, свети Наум бил погребан во малата капела во црквата. Тој бил познат како голем исцелител, и се верува дека многумина биле излечени со молитвите покрај неговите мошти. Капелата е украсена со прекрасни фрески со сцени од животот и чудата на свети Наум. Карактеристичен елемент во црквата е нејзиниот иконостас во позлатена резба, изработен во 1711 година, заедно со повеќето икони.
Манастирот „Св. Наум“ е важен центар за православните христијани и е место за поклоништво. Илјадници верници го посетуваат секоја година, особено на денот на св. Наум (3 јули), кога се одржуваат големи литургии и други верски церемонии.
Црква „Св. Софија“, Охрид.
Црква „Св. Софија“ во Охрид
Според мислењата на многумина, се работи за најзначајниот културно-историски споменик на територијата на Македонија. Има повеќе хипотези за нејзиниот градител, а тоа најверојатно бил цар Самуил, кој за престолнина на својата држава решил да го избере Охрид.
Оваа средновековна катедрала датира од крајот на 10-от век, додека ѕидните фрески се избор на архиепископот Лео од почетокот на 11-от век, за што постојат прецизни записи. Посветена е на Божјата премудрост и повеќе од три века, сѐ до доаѓањето на Турците кон крајот на 14-от век, се користела како катедрална црква на моќната Охридска архиепископија.
Долг период била и џамија. Отоманците во 15-от век ја претвориле во џамија, па била во служба на исламот сѐ до 1912 г., но дури по Втората светска војна започнале конзерваторските работи на фрескоживописот, кој претставува ремек-дело на византиската уметност од епохата на династијата Комнени.
Денес, поради извонредната акустика, се користи за изведување концерти на класична музика во склоп на реномираниот фестивал „Охридско лето“, кој традиционално се одржува секоја година во периодот од 12-ти јули до 20-ти август.
Манастир „Св. Јован Бигорски“. Иконостасот во Бигорскиот манастир. | Извор: macedonia timeless
Манастир „Св. Јован Бигорски“
На самиот пат Маврово – Дебар, по течението на реката Радика, сместен во недопрена природа од зимзелена шума е сместен манастирот „Св. Јован Бигорски“. манастирот бил основан од страна на монахот Јован во 1020 година, а во XVI век манастирот бил разрушен од страна на отоманската власт, кога од целиот комплекс останал само дел како мала црква. Тој бил повторно обновен во 1743 година.
Името на Бигорскиот манастир доаѓа поради фактот што објектот бил изграден од бигор. Бигорски манастир го сочинуваат манастирската црква, која е посветена на Јован Крстител, костурницата сместена до самата црква, сејменската одбранбена кула, комплексот манастирски конаци, како и новоизградените гостински конаци.
Манастирот „Св. Јован Бигорски е надалеку познат по својот иконостас. Него во периодот од 1829 до 1835 година го правеле занаетчиските раце на Петре Филипов-Гарката од селото Гари, заедно со брат му Марко Филипов, Макариј Фрчковски од Галичник и Аврам Дичов со синовите Васил и Филип, од родот Филиповци од Осој.
Бигорскиот манастир е познат и по иконата на св. Јован Крстител, за која се верува дека има чудотворна моќ. Според преданието, иконата ја нашол монахот Јован во 1020 година. Таа сама дошла до местото каде што подоцна бил изграден Бигорскиот манастир и лебдела над изворите на реката Радика.
Во XVI век, во времето на султанот Селим II, Османлиите го запалиле Бигорскиот манастир, а иконата мистериозно исчезнала, по што уште помистериозно се вратила неоштетена. Во манастирските списи е запишано дека иконата на свети Јован Крстител 35 години не била заштитена и дека дури во 1885 година е обложена со сребрен оклоп. На иконата Јован Крстител е претставен како светец-трирачник. Се верува дека третата рака е благослувачка и дека иконата им помага на родителите кои не можат да добијат деца.
Осоговски манастир. | Извор: Ненад Антовски
Осоговски манастир
Овој манастир е посветен на свети Јоаким Осоговски, светец со силен култ на почит во Североисточна Македонија. Изграден во 12 век, овој манастир се наоѓа во непосредна близина на Крива Паланка.
Пустиножителството Свети Јоаким го започнал во селото Градец, во осоговскиот крај, а потоа засекогаш се населил во една пештера во местото Бабин Дол во близината на Сарандапорската Река, каде што останал до крајот на животот. Ова место се наоѓа близу денешниот манастир.
Ретко кој знае дека има и една пештера, испосница, северно од Крива Паланка, токму во близина на Градец, каде што светецот престојувал подолг период. Пештерата е означена, има скали што водат до неа, но таа ни оддалеку не е толку посетена од туристите како што е манастирот. Можеби единствено од локалните жители.
Манастирот е отворен за верници, посетители, патници и добронамерници. Најчесто доаѓаат на поклонение на чудотворните мошти на св. Јоаким, кои се чуваат во самата црква.
На празникот на храмот, 16 август, мноштво верници доаѓаат во манастирот за да му се поклонат на Светителот.
Тука се одржуваат и културни манифестации, како на пример Меѓународна ликовна колонија „Свети Јоаким Осоговски”, Летна школа за архитектура и Колонија на Здружението на копаничарите.
Лесновски манастир. | Извор: Бенита Стојмирова
Лесновски манастир
На југозападните падини на планината Осогово, на надморска височина од околу 870 метри, во селото Лесново се наоѓа манастирот „Св. Архангел Михаил и пустиножителот Гаврил Лесновски“, меѓу народот повеќе познат како Лесновски манастир. Манастирот доминира над Злетово и Пробиштип. Зајдисонцата на оваа локација се спектакуларни.
Се смета дека ктитор на црквата „Св. Архангел Михаил“ е деспотот Јован Оливер, кој во 1341 година ја подигнал оваа црква врз темелите на некоја постара базилика која постоела во времето на Гаврил.
Настанувањето на манастирот се поврзува со животот на пустиножителот Гаврил Лесновски. За време на неговиот живот, манастирот постоел, па тој таму се замонашил.
Од особено значење во Лесновскиот манастир е иконостасот од 1814 година, изработен во релативно покрупна резба од мајсторското длето на познатата мијачка копаничарска школа предводена од Петре Филиповски-Гарката. Сегашниот иконостас е поставен на местото на некој постар, кој е отстранет од црквата.
Овде се наоѓала една од најголемите библиотеки во православниот свет, но сите книги биле изнесени со балканските и светските војни. Голем дел од ракописите се во библиотеките на соседните земји и по приватни колекции низ Европа.
Свети Гаврил живеел и во пештерите околу манастирот. Таму постел, се молел. Туристите ги посетуваат и овие пештери, до кои водат патеки и мостови бидејќи се наоѓаат од другата страна на патот кој води кон манастирот. Самиот манастир, а и селото Лесново се сместени во згаснат вулкански кратер, па затоа и околината на селото изобилува со многу пештери.