Виена е волшебна по својата архитектура и култура. Едноставно не знаете што повеќе ве восхитува, дали историските знаменитости на некогашното Хабсбуршко Царство или кулинарските благодати.
Сите прошетки започнуваат од плоштадот Штефанплац, каде што се наоѓа и величествената катедрала „Свети Стефан“, најпознатиот симбол на градот. Во непосредна близина се наоѓаат палатата Холбург и Виенската опера. Ако имате туристички водич, зданијата ги доживувате на посебен начин. Тие организираат тури за посетители за кулинарските благодати на Виена, па на пауза имате можност да ја пробате захер-тортата и австриската штрудла. Ќе се одушевите и со минијатурните слатки наречени „Сиси Фајлхен“, кои се продаваа во мали кутии. Тие биле специјално правени од листови на темјанушка, за Сиси, сопругата на австрискиот цар Франц Јозеф. Истиот вкус го имаат и денес. Елизабет од Баварија или Сиси во своето време била вистинска убавица и обожавана од народот. Била редовен посетител на слаткарницата ,,Демел“. Кога починала, вработените во слаткарницата, во знак на жалост, носеле црнина. И денес вработените во „Демел“ носат работна облека во црно.

Палатата Хофбург. | Извор: shutterstock
Во Виена, задолжително ручекот или вечерата треба да ги зачините со бечка шницла и со австриско вино во Лофт. Од тамошните специјалитети, би го издвоиле и кајзершмарн, во превод „царска палачинка“.
Прошетките низ дворците Холбург, Шонбрун и Белведере се задолжителни во агендата. Дворецот на Белведере е претворен во музеј со најзначајните дела на австриската уметност од средниот век до денес, но и со делата на француските импресионист Клод Моне, или холандскиот постимпресионист Винсент Ван Гог. Рај за сите сетила.
Љубителите на музиката најмногу ги импресионира Куќата на музиката. Овој интерактивен музеј на различни начини ги воведува во светот на музиката и звукот.

Захер-торта. | Извор: shutterstock

Сиси Фајлхен. | Извор: shutterstock
Покрај музејот на Виенската филхармонија и изложбите за великаните на музиката, Хајден, Штраус, Моцарт, Бетовен, Шуберт, посетителите имаат можност да го слушнат и да го почувствуваат светот од перспектива на ембрион во стомакот на мајката, или самите да пробаат да свират на инструменти и на тој начин да ги осознаат принципите за настанувањето на звукот.

Виенската филхармонија. | Извор: shutterstock
Во австриската престолнина се организираат многу настани – концерти на светски ѕвезди и значајни спортски натпревари. Има и такви кои се од помал обем, но, необични, како „Фестивал на кафето“. Иако цената на влезниците за еден човек е како да испиеш четири кафиња во тамошните локали, задоволството и импресиите не се опишуваат со збори. Дегустацијата на кафиња произведени во земји од целиот свет или миксот на кафе, коктел и парфем од праска се незаборавно искуство.

Палатата Шонбрун. | Извор: shutterstock
Виена изобилува со многу убавини, има богат културен живот. Чист воздух и фантастична вода за пиење. Чисти улици, а ако случајно наидете на канта за отпад зад некоја зграда, ќе ве заслепи со сјајот на чистотата. Нема залутани и напуштени кучиња. Не се слуша врева во метро. Ако, се случи некој да го покачи тонот, никој не се врти да го погледне. Во кафаните и локалите и преку недела има многу луѓе, но нема врева. И таму се чувствува спокојот. Лично ќе се уверите во фразата ,,виенска школа“ кога станува збор за односот на луѓето кои живеат во престолнината на Австрија.

Палатата Белведере. | Извор: shutterstock
Мир и спокој. Секој чекор низ улиците во кои доминира барокната атмосфера на средниот век и царскиот живот на династијата Хабсбург, како да е танц ,,на убавиот син Дунав“.
