Земјата на сонцето и виното. Ова е најчесто описот на сите репортажи домашни или странски, направени за македонското вино, за традицијата со виното, за неговиот квалитет, винарските визби, како и туризмот поврзан со дегустацијата на виното. Се нарекуваме винска земја, а македонското вино е најдобриот бренд-амбасадор на Македонија. Но, дали успеавме досега да ја раскажеме винската приказна? „Имаме традиција, но треба да се вложи повеќе во брендирање, вински туризам и во дигитална комуникација“, вели за Магазинот за туризам и менаџмент Елена Младеновска-Јеленковиќ, извршен директор на здружението на винарии „Вина од Македонија“.
„Македонија има богата, долга винска историја и традиција, но сè уште не е целосно искористен потенцијалот за раскажување на винската приказна на глобално ниво. Здружението ,Вина од Македонија‘ активно работи на промоција на македонските вина преку саеми, дегустации и меѓународни кампањи. Сепак, за да ја заокружиме целосно приказната, потребно е уште повеќе да се вложи во брендирање, вински туризам и во дигитална комуникација. Кога ќе се изгради брендот, странските консументи ќе ги привлече приказната, а поради кавалитетот ќе сакаат да дојдат повторно. Кога ќе дојдат, треба да имаме конзистентна понуда и квалитет. Затоа мора сите заедно да работиме на воспоставување на тие стандарди“, вели Младеновска-Јеленковиќ.

Јеленковиќ: „Македонија има богата, долга винска историја и традиција, но сè уште не е целосно искористен потенцијалот за раскажување на винската приказна.
За да стане Македонија препознатлива винска дестинација, потребен е сеопфатен и мултидисциплинарен пристап, како и поголем развој на винскиот туризам, едукативни програми и засилена винска дипломатија. „На пример, околу 200.000 кинески туристи доаѓаат во регионот специјално за рурален и за вински туризам, но тие ја заобиколуваат нашата земја поради тоа што им е потребна виза“, вели Младеновска-Јеленковиќ.
„За да стане Македонија препознатлива како винска дестинација, потребен е мултидисциплинарен пристап. Еден од тие пристапи е развој на винскиот туризам. Да се создадат вински рути, настани и доживувања што ќе ги привлечат туристите. Бидејќи сме веќе препознатливи по нашето угостителство, треба да работиме да го зајакнеме тој имиџ и тој да биде составен дел од нашата туристичка стратегија. Треба да се дефинираат посебни настани поврзани со виното и со неговата промоција, како на пример ,Младо вино‘, ,Свети Трифун‘, вински маратони и други настани поврзани со виното и културата. Може да се искористи и дигитален маркетинг. Тоа би значело подобро позиционирање на македонските вина преку социјални мрежи, инфлуенсери, медиумска промоција и промоција во светски вински магазини со текстови напишани од клучни играчи во винскиот свет. Тука не помалку се важни и едукативните програми – за келнери, угостители и туристички работници што ќе ја раскажуваат македонската винска приказна. Преку можноста да следат унифицирана програма со курсеви за вински туризам, нашиот угостителски сектор ќе се екипира со повеќе знаење за значењето на винската индустрија и важноста на неговата улога во подигање на свеста кај домашните, така и кај странските посетители. Потоа, неопходна е и засилена винска дипломатија – преку меѓународни партнерства и фестивали. Дополнително, треба да одржуваме комуникација со вински здруженија на Балканот и заеднички да се бориме за препознатливост на балканскиот вински регион бидејќи заедно сме посилни. Токму тоа сакаме да го постигнеме со Здружението ,Балкански вина‘, кое го креиравме во 2023 година со партнери од регионот, да дефинираме балкански вински патишта“, изјави Младеновска-Јеленковиќ.
Како да се избори македонското вино наспроти силната конкуренција во светот, особено кога низ маркетите во Европа се продава вино по прилично конкурента цена во однос на македонските. Од здружението велат дека конкуренцијата на глобалниот пазар е силна, но Македонија може да се издвои со добра приказна, спој со традицијата, но и градење стратегија на Македонија како винска земја.
„Да се насочиме кон квалитет наместо кон квантитет. Да ставиме фокус на врвни флаширани вина како производи со поголема, додадена вредност што се доволно репрезентативни да ја претстават македонската винска индустрија во добро светло, како во странство така и дома. Потоа, да воспоставиме стратешки маркетинг – јасна брендинг стратегија и премиум позиционирање преку промоција на автохтони сорти како вранец, темјаника, кртошија, смедеревка и станушина. Дополнително, имаме цел да воспоставиме систем на географски ознаки (ГИ) за вино, кој ќе гарантира ознака на потеклото и повисоки стандарди за одгледување грозје и за производство на вино, што ќе резултира во повисок квалитет и повисока цена. Да имаме присуство на вински пазари – поддршка на винариите во извозот од државните институции и олеснување на административните процеси во тој дел се клучни за поголем успех. Секако, тука е и ценовната конкурентност, т. е подобрување на продуктивноста за одржување на прифатливи цени“, вели Младеновска-Јеленковиќ.

Масовното иселување особено од руралните средини доведе до намалување на лозовите насади и недостиг на работна сила.
Секако, развојот на Македонија како винска земја директно зависи од бројот на лозовите насади. Но, во последните години сме сѐ повеќе сведоци дека земјоделство како дејност масовно се напушта, што, секако, влијае и врз лозарството.
„Винската индустрија има долг вредносен синџир. Опфаќа 20.000 лозари, околу 4.000 лица директно вработени во винариите, над 4.000 сезонски работници, а индиректно во угостителство и во трговски ланци има уште околу 10.000 лица. Масовното иселување, особено од руралните средини, доведе до намалување на лозовите насади и недостиг од работна сила. Потребни се програми за поддршка на млади земјоделци, модернизација на лозарството и промена на системот на државни стимулации за одржување на оваа традиционална гранка. Исто така, аплицирање проекти на европско ниво што дополнително ќе поттикнат раст на интересот на потенцијални млади земјоделци. Во последните години е добро што се отворија нови винарии, но треба да им се посвети внимание на стандардите и да се унифицира и дигитализира туристичката понуда“, децидна е Младеновска-Јеленковиќ.
Македонија пред неколку години произведувала над 100 милиони литри вино годишно. Моментално, се произведуваат околу 61 милион литри. Македонија извезува 85% од вкупното годишно производство. Поголемиот дел се извезува наливно, додека процентот на флаширан извоз расте со текот на годините – моментално е повеќе од 40% од вкупното извезено вино. Цената по литар расте, што се должи на постепеното градење на имиџот и на интернационалната промоција. Македонија извезува на 41 пазар, но најважни пазари за извоз ни се балканските земји како Србија, Хрватска, Босна и Словенија, потоа Германија, Австрија, Кина, Полска, САД и Велика Британија, но се работи и на проширување кон нови дестинации како Скандинавија, Бенелукс и балтичките земји. Овде се поставува прашањето како да се зголеми извозот на флаширано вино.
„Клучни чекори за зголемување на извозот на флаширано вино се да се има соодветна стратегија – позиционирање како квалитетно, премиум флаширано вино со висок квалитет, гарантирано потекло и со високо стандардни производствени практики. Фокус на сорти што се автохтони и регионални т.е. нашата компетитивна предност и уникатна приказна, потоа партнерства со дистрибутери – засилена соработка со странски компании, увозници и дистрибутери. Поддршка од дијаспората во промоција преку вински настани – присуство на повеќе интернационални саеми, организација на промотивни настани во странство како вински салони, ,wine & dine‘ и сл. Поддршка и стратегија на државата да се изгради имиџот како винска земја. Македонија да ја посетат странски новински агенции и експерти за вино на кои светот им верува и ги следни нивните препораки, тие што ќе ја препознаат и ќе ги промовираат нашата приказна и квалитет. Потоа, едукација за македонското вино – подигнување на свеста за автохтоните сорти преку организација на настани како што е Светскиот ден на вранецот, кој ,Вина од Македонија‘ го организира 6 години по ред. Ваквите настани и одбележувања стануваат сѐ повлијателни не само во Македонија, туку и во регионот“, вели Младеновска-Јеленковиќ.

Постои традиција на консумирање на македонско вино и тоа е гордост на секој Македонец.
Врз збогатувањето на винската приказна влијаат и малите семејни винарници, чиј број се зголеми во последните неколку години. Тие имаат клучна улога во развојот на винскиот туризам. Нудат уникатно, персонализирано искуство, што ги привлекува љубителите на вино и на гастрономија. Со вистинска поддршка, овие винарници можат да станат вински атракции. Во насока на унапредување на секторот, голема и клучна улога има и здружението „Вина од Македонија“.
„Здружението ,Вина од Македонија‘ има клучна улога во: брендирањето на македонското вино на домашно и на глобално ниво, организирање саеми и настани за домашна, како и за меѓународна промоција, застапување на интересите на винарниците пред државните институции, создавање можности за развој на македонската винска индустрија преку регионални проекти“, вели Младеновска-Јеленковиќ.
На крај Младеновска-Јеленовиќ ни одговори и што најмногу пијат Македонците – вино, ракија или пиво?
„Традиционално, ракијата има култен статус, но трендовите покажуваат дека консумацијата на вино расте. Сѐ повеќе млади луѓе се насочуваат кон виното како дел од гастрономското доживување. Она што е најдобро е што не претеруваат и сѐ уште постои традиција на консумирање на македонско вино и тоа е гордост на секој Македонец. Исто така, кога се бира подарок за гости од странство, прв избор е македонско вино“, вели таа.
А, за високите цени на вината во рестораните вели дека главна причина се високите маржи на локалите, кои често ја зголемуваат цената на виното неколку пати од реалната вредност. Затоа, за да се поттикне винската култура, потребни се: популаризација на виното со достапни цени по ресторани, промоции и вински вечери за едукација на потрошувачите, како и поттикнување на навиката за купување вино во ресторани наместо само за домашна консумација.