Винските патишта – неистражена туристичка категорија

Винските патишта – неистражена туристичка категорија

Винскиот туризам или како што поинаку се нарекува енотуризам, во земјава особено се развива во последниве петнаесетина години. Формирањето на Фондацијата „Тиквешки вински пат“ и тоа како го забрза промовирањето на винските региони во земјава. Македонија се најде во средиштето на винскиот пат на Балканот со голема понуда. Сепак, таа останува делумно игнорирана од домашните туристи и покрај тоа што странците и тоа како се заинтересирани за ваквиот вид туризам. Оваа посебна гранка од туризмот подразбира посета на винарии, дегустација, консумирање и набавка на вино, најчесто директно од визбата на производителот. Вклучува и посети на винарии, лозја и ресторани познати по посебни локални вина преку организирање вински тури, организација на вински фестивали, како и други придружни настани кои ја дополнуваат винската приказна, како консумирање автентична храна и храна подготвена на традиционален начин која се пробува со некој посебен вид вино, дегустација на други производи од обработка на грозје како на пример ракија, гроздов сок - шира, гроздов мед - маџун, масло од семки, слатко од грозје.

Посетеност на манифестацијата Тиквешки гроздобер.

Посетеност на манифестацијата Тиквешки гроздобер. | Извор: rtk.com

Главните вински настани во Македонија – во февруари и наесен

Најчесто настаните поврзани со винската традиција во земјава се одржуваат во февруари или поточно на Денот на лозарите и винарите, Свети Трифун, кога вообичаено се закројува првата винова лоза во годината. Другите настани, пак, се наесен, а се поклопуваат со гроздоберот. Така, во Македонија, еден од најинтересните вински настани е Тиквешкиот гроздобер, манифестација која секоја година се одржува во септември. Подразбира славење на бербата на грозјето, проследена со традиционален начин на газење на грозјето, како и други придружни активности: натпревар на коктели со вино, трка на келнери, организирање традиционални вечери, музички настани, карневал, маскенбал, изложба на олдтајмери и слично.

Како што претходно посочивме, оваа зима настаните поврзани со виното се случуваа во февруари. Тоа како да ги разбуди заспаните туристички агенции дека токму винската понуда на домашен терен може да биде интересна за македонските туристи. Ако нудеа претходно тури за манастирите во Србија и во Бугарија или, пак, капење во грчко Лутраки, на пример, наеднаш викенд и еднодневните тури драстично почнаа да се менуваат во февруари и во март за посета токму на Тиквешкиот вински пат. Интересот беше огромен. Билетите за еднодневно винско уживање низ винските музеи и винарници во Тиквешијата со лиценциран туристички водич кој може да објасни сѐ за традицијата и производството на вино на овие простори, беа распродадени речиси веднаш. Дел од претставниците на туристичките агенции, меѓу редови, признаваат дека го потцениле македонскиот турист, кој „гладен“ за нови авантури, почесто се упатува во соседните држави, каде што и троши повеќе пари, отколку да се обиде да посети нешто дома, во татковината, која има и тоа што многу да понуди. Најчеста рута на која се упатуваат посетителите е Кралската винарница „Кралица Марија“, винарницата „Попова кула“, црквата „Свети Ѓорги“ во Неготино, винарницата „Лазар“, музеите за вино во Демир Капија и Кавадарци итн.

Тиквешки вински пат.

Тиквешки вински пат.

Вински региони во Македонија

Во Македонија постои еден лозарски  регион, кој може да се подели во три региони:

- Вардарска Долина, односно Централниот Тегион (поранешен повардарски лозарски реон), кој опфаќа околу 83% од вкупното производство, 

- Западниот Регион (поранешен Пелагониско-полошкиот лозарски реон), кој опфаќа 13% од производството, и

- Источниот Регион (поранешен пчињско-осоговски лозарски реон), кој опфаќа околу 4% од вкупното производство.

Трите региони се поделени во 16 виногорја, кои се карактеризираат со различни услови за производство и различен интензитет на производство. Најголемото производство на грозје и вино очекувано е во Тиквешкиот Регион. Тиквешијата ги опфаќа општините Кавадарци, Неготино и Демир Капија, како и делови од општините Прилеп и Велес. Климатските услови во регионот се мошне поволни и се идеални за одгледување различни сорти грозје. Главни сорти што се одгледуваат во регионот се црвените вранец, мерлот, каберне совињон, пинот ноар, кадарка, белите шардоне, белан, мускат, ризлинг, совињон бланк, семилон, смедеревка, ’ркацетели, мускат отонел, темјаника, жилавка и розе станушина.

Традиционално газење грозје на Тиквешки гроздобер.

Традиционално газење грозје на Тиквешки гроздобер.

Виното – дел од историјата на Македонија

Историјата на Македонија отсекогаш била тесно поврзана со производството на вино. На денешната територија уште од античко доба се произведувал овој напиток од грозјето од лозовите насади. Археолошките наоди покажуваат дека вино со екстра квалитет од највисока класа во Македонија се произведувало уште во 13. век пред нашата ера. Златни амфори и кратери (садови за транспортирање и консумирање вино) се пронајдени на локалитетот некропола во Требениште крај Охрид. Бронзената статуетка Менада, најдена во Тетово, датира од 6. век пред наша ера. Менадите биле придружнички на богот на виното Дионис и за време на прославите во негова чест ги служеле присутните. Виното на овие простори било меѓу омилените пијалаци на античките кралеви Филип Втори и неговиот син Александар Велики. Подоцна, римската провинција Македонија станува еден од најважните центри за производство на вино во Римската Империја. Континуитетот трае со векови. Во поранешна Југославија, производството од Македонија учествувало со дури 60% во вкупното производство на вино во тогашната држава. Последниве години, со околу 24,000 хектари лозови насади и производство од преку 100 милиони литри годишно, Македонија е 25. најголем светски производител на вино, што е врвно достигнување.

Винарија Кралица Марија

Винарија Кралица Марија

КРАЛСКА ВИНАРИЈА „КРАЛИЦА МАРИЈА“

Во земјава,30-тина винарници нудат можност за дегустација на вино, нудат угостителски услуги како сместување и храна, но и дополнителни услуги како разгледување, прошетка, конференциски капацитети и слично. Најголем дел од нив се лоцирани во централниот вински регион. Во студијата за вински туризам на Македонија стои дека во централниот регион, кој е најпрепознатлив по производство на вино, најголемиот дел од винарниците или 21 од нив располагаат со ресторански капацитети (со исклучок на 3 винарници), сместување нудат само 7 винарници, а со конференциски капацитети располагаат 16 винарници. Во иднина, може да се очекува, винарниците од Централниот Регион да ги зголемат сместувачките капацитети согласно зголемената побарувачка за вински туризам, како и да воведат дополнителни услуги како конференциски сали во кои би се организирале различни настани.

Една од винарниците која вклучува целосна понуда е Кралската винарија „Кралица Марија“ лоцирана во Демир Капија. Визијата за отворање на винарница за потребите на кралството потекнува од самиот српски крал Александар Караѓорѓевиќ, кој по сугестија на експерти од Франција и од Австрија, одлучил да изгради винарска визба и плантажи со винова лоза токму во Демир Капија, како гратче кое било во центарот на Балканот на самата крстосница на најважните патишта и со исклучително поволна клима и почвени услови за одгледување винова лоза. Кралот во 1928 година го откупил од турските бегови Усни-бег и Мемед-бег земјиштето со површина од 2700 хектари. Главен иницијатор за тоа на оваа локација освен винарница да никне и кралска вила, била токму кралицата Марија. Кралскиот имот бил пуштен во употреба во 1931 година. Капацитетот на визбата бил 150.000 литри вино, за чие производство се користеле четири стаклени базени проектирани во Австрија, во кои грозјето ферментирало. Директно од Србија биле донесени дрвените бочви со капацитет од 4.000 до 6.000 литри вино, кои со синџири биле спуштени во подрумот преку отворот. Оттогаш до денес бочвите не се поместувани. Денеска во дворот на винарската визба може да се видат изложени стари машини, буриња, а низ дворот  шетаат и пауни. Винарската визба располага со сопствен ресторан, вински бар, соба за дегустација и со сместувачки капацитети. Дрвениот ентериер и уникатниот кралски стил превладува во просторот. Сопствениците нудат и три вида тури (околу имотот, винска тура и приватна тура) за 8 и повеќе посетители. 

Винарија Попова кула.

Винарија Попова кула.

ВИНАРНИЦА „ПОПОВА КУЛА“

Во прекрасно опкружување и фантастичен поглед, винарницата „Попова Кула“ доминира во недопрениот амбиент на јужната падина на Велико Брдо недалеку од Демир Капија. Комплексот опфаќа винарница, стилизиран хотел со 33 соби (секоја именувана според разни сорти на вина и декорирана во склад со боите и нијансите на виното), ресторан со прекрасна тераса и летен отворен дел, детско игралиште и широк двор, автокамп и продавница за вино и подароци. Ова е едно од најубавите места за организирање различни настани како што се свадби на отворено, забави, тим-билдинг, семинари и конгреси.

Инаку историјата на винарницата стартува со нејзината изградба во 2004 година, но дури 5 години подоцна, односно во 2009 година бил завршен првиот објект со 11 соби и ресторан за примање посетители. Името на винарницата е историско наследство на регионот. Винарницата го добила токму овој назив според една значајна кула, Попова Кула, која некогаш служела како важна контролна точка на стариот Римски пат што поминувал во близина на денешната локација. Попова Кула била значајно обележје во регионот, но за жал била уништена.  Сепак самиот локалитет се вика Попова Кула  што било инспирација за изгледот на градбата, но и за името на винарската визба.

Винарницата произведува 20 различни видови вино од 11 различни сорти на грозје. Со помош на професионален дегустатор на вино, можете да направите избор за вашата винска дегустација. Типичната дегустација вклучува 5 различни типови вино со соодветно сирење, пршути и десерт, а дел од понудата е и гастрономска винска дегустација од 5 различни типови вино со компатибилен целосен оброк. Во Попова Кула, посетителите можат да пробаат вино произведено од автохтони македонски и регионални сорти на грозје, како што се: станушина, вранец, темјаника, жилавка и прокупец. Како ексклузивна понуда има и специјални вина кои не може да се најдат во продажба на пазарот.

Интересно е што во склоп на комплексот има места за автокампери. Широкиот паркинг пред и зад комплексот им овозможува на патниците да ги паркираат своите трејлери и да преноќуваат комфорно и безбедно.

Преубавиот ресторан и хотел, како и големиот и широк двор често се локација каде што се одржуваат разни свечености како свадби, веридби, крштевки и слично. 

Инаку, Попова Кула е првата винарница во Македонија која понудила целосен туристички пакет, сместување, ресторан, дегустации и слично.

Уникатно сместување во буриња во Барово.

Уникатно сместување во буриња во Барово.

Сместување во буриња во Барово

Еден од поновите и иновативни туристички проекти – сместувачки капацитети во буриња, се реализираше пред околу две години. Винарницата „Тиквеш“ преку проектот „Развој на еногастро туризам – искуси ја Македонија“ во рамки на Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК), финансиран од Европската Унија и администриран преку Светската Банка, со владина поддршка успеа да реализира неколку уникатни идеи за развој на руралниот, еко и на агротуризмот. Активностите вклучуваа реконструкција на постојана винска продавница во Кавадарци со вкупна површина од 220 м2, реконструкција и подобрување на постојаниот објект за складирање и дегустација на вина во с. Лепово и с. Барово, инсталација и приспособување на 14 постојни вински буриња за сместување во с. Барово, организирање велосипедски тури во Барово, поставување информативни табли и друго. 

Токму сместувањето во буриња стари 40 години сред „Недојдија“ југозападно од Демир Капија во село Барово, кое брои едвај неколку жители, им стана најпривлечно на туристите. Иновативната идеја и необичниот начин на сместување на посетителите особено ги заинтересира фирмите што организираат активности за зајакнување на своите тимови, но и активните туристи како планинарите, дигиталните номади, велосипедистите, односно сите оние кои сакаат да престојуваат во необичен амбиент далеку од цивилизацијата. 

„Целта ни е да создадеме иновативни содржини за развој на винскиот туризам и збогатување на понудата преку дополнителни активности, како што се велосипедските патеки низ лозјата во Барово. Од големо значење е финансиската поддршка што ја добивме од Проектот за локална и регионална конкурентност и искрено се надеваме дека успехот на овој проект ќе биде вистинско сведоштво за потенцијалот на оваа нова приказна што од денес почнуваме да ја раскажуваме“, рече Тихомир Касапинов, проектен менаџер на „Тиквеш вински туризам“ на отворањето на капацитетот пред две години. 

Винскиот камп во Барово „мириса“ на авантура. Ова е вистинска викенд-дестинација за сите кои сакаат да бидат во допир со природата, во уникатни сместувачки капацитети, да стекнат нови познаници во руралниот предел, да уживаат во врвни вина и да се занимаваат со спортски активности. Во бурињата освен што се преноќува, се сместени и туш-кабините и соблекувалните. 

Туристите можат да го истражуваат пределот со велосипед. Постојат три добро обележани велосипедски патеки: кон Демир Капија, Кожуф и кон блиските бачила. 

Освен овие три локации, Тиквешкиот Регион изобилува со мали семејни винарници кои нудат уникатно гастрономско и сместувачко искуство. Меѓу нив, можете да ги посетите винарницата „Лазар“ лоцирана непосредно спроти античкиот град Стоби од другата страна на автопатот „Пријателство“. Таа располага со реновирани апартмани, ресторан со капацитет од 50-ина гости, како и летна тераса. Интересен за посета е и винскиот подрум „Попови“ лоциран во срцето на Кавадарци. Малата семејна винарница „ниже“ награди низ светот и покрај тоа што постои релативно кратко време, едвај 5 години. Во адаптирана и реновирана куќа во Кавадарци посетителите имаат увид во винскиот подрум преку стаклен под од приземното ниво, но можат и одблиску да се запознаат со сите „марифети“ во правењето вино или пак да уживаат во вината во салата за дегустации. 

Image
Newsletter