„Водици“ во Охрид – уникатна верска манифестација во срцето на православието

„Водици“ во Охрид – уникатна верска манифестација во срцето на православието

Една од најсветите тајни во христијанството со векови на големо се прославува во македонскиот Ерусалим – Охрид. Крштението Исусово и тоа како се има вгнездено во долгогодишната традиција и колективната меморија на Охриѓани. Речиси и да нема човек родум од Охрид и охридско, кој на овој ден, без разлика каде се наоѓа, дали во Скопје, Прилеп, Битола или некоја од светските метрополи, и независно од тоа дали на некое друго место создал дом, не се враќа задолжително во родната грутка. Акцентот е на задолжително и неопходно. Одбележувањето на овој ден во овој град и околината, на овој сехристијански празник, е посебно доживување кое има траен отпечаток врз духовниот развој на овие верници. И тоа не само врз Охриѓани, туку и врз православниот свет кој го посетува градот. Токму затоа, на овој продолжен јануарски викенд, Охрид е локацијата во центарот на вниманието на туристите кои ја посетуваат Македонија.

Масовен туризам во Охрид за Водици

Како што претходно посочивме, Охрид е одредиштето и централно место кои ќе ги сплоти верниците кон средината на јануари. Македонското светилиште е избор број еден, пред се, за српските туристи. Тамошните туристички агенции нудат богати историски и археолошки тури пропратени со пригодна програма за одбележување на овој ден. Програмата содржи факултативни излети, посета на културните знамености не само во Охрид, туку и надвор од него. Тие, меѓу другото вклучуваат и шопинг тури и релаксација во локалите и кафеаните. Сепак, главната програма содржи фрлање на светиот крст во осветените води на Охридското Езеро, по што туристите се упатуваат кон Црквата Богородица-Перивлепта (Богородица која гледа се). Во оваа црква биле сместени моштите на Свети Климент. Посета на античкиот театар. Во прошетката се вклучени и црквата Свети Климент и Пантелејмон (Плаошник) која е единствена црква со такво име во Македонија и пошироко. Токму таму се сместени останките на Свети Климент. Неизбежен дел за посета се и црквите Јован Канео, катедралната Црква Света Софија, националната работилница за изработка на хартија каде е сместена реплика на Гутемберговата преса, градскиот музеј (Куќата на Робевци) во која се изложени многу историски артефакти кои датираат од пред нашата ера се до 19 век. Во музејот се наоѓа и златната посмртна маска на македонски владетел. Слика од таа златна маска се наоѓа на банкнотата од 500 денари.

Снегот не ја спречи прославата на денот на рибарите.

Снегот не ја спречи прославата на денот на рибарите.

Туристичката слика ја грдат партиските препукувања

Повеќе анкети низ годините покажуваат дека уникатните активности кои се организираат во Охрид за време на богојавленските празници и тоа како можат да ја збогатат туристичката понуда и да придонесат за пополнување на сместувачките капацитети во овој дел од годината, односно да го потикнат таканаречениот верски туризам. Култот кон празникот Водици во Охрид е исклучително голем. Охриѓани отсекогаш покажувале неизмерна почит кон традицијата и верата. Токму затоа претпоставените сметаат дека може од една страна, со добра стратегија Охрид „финансиски“ да „ќари“ од збогатената програма, без притоа да биде нарушена традицијата и црковните обичаи. Сметаат дека без оглед на се, духовниот момент секогаш ќе биде приоритет за верниците и почитувачите на верата, а за туристите интересен спомен од престојот во Охрид кој засекогаш ќе им остане во сеќавањата.

Сепак, Здружението на граѓани „Богојавление“ пред неколку години се откажа од организирање на манифестацијата за Водици по јавните критики и прозивки на дел од населението кое се изјасни против наводна комерцијализација на настанот, а кој според нив треба да има малку поинтимен верски карактер.

Кон проширување на нетрпеливоста и раздорот меѓу верниците, многумина сметаат деа влијаеше и изборот на кумови за Водици. Контроверзните избори на поранешни и актуелни градоначалници, контроверзни стопанственици, пејачи од странство, па дури и сега веќе осуден криминалец отворија и оставија сомнежи за разни партиски и бизнис лобирања кои фрлија темна дамка на инаку еден од најпразнуваните настани во христијанството.

Големи надежи за Водици 2024 година

Охрид годинава е подготвен за уште едно спектакуларно одбележување на верскиот празник Богојавление-Водици. Надлежните големи надежи полагаат дека поради продолжениот викенд и уникатното прославување, градот ќе се наполни со верници и туристи од сите краишта.

Градоначалникот, Кирил Пецаков, посочи дека сите учесници во организацијата се подготвени празничниот ден да мине во убава атмосфера, безбедна за сите оние што ќе запливаат по светиот крст, но и за бројните верници коишто ќе го следат верскиот настан којшто ќе се одвива во водите на Охридското Езеро.

Повеќе од 300 капачи досега се пријавиле во Дебарско кичевската епархија за да бидат дел од најголемата црковно народна манифестација во земјава. Покрај охриѓани по Светиот крст ќе скокаат и жители на други градови. Се очекуваат околу илјада капачи.

„Од најмал до најстар , сите охриѓани особено во Стариот дел на градот од каде што и потекнува оваа традиција со нетрпение и со Божествен трепет го можам да кажам дека го очекуваат овој празник на Светото крштение Господово на овој ден”, вели Илија Ристевски претставник од Дебарско кичевската епархија.

Тимовите на готовс

На еден ден пред Водици, медицински тимови на Црвен крст Охрид на пункт поставен на платото помеѓу Капетанија и ресторанот „Чун“ ќе вршат основни здравствени прегледи на оние кои се одлучиле да „скокаат по крстот“. Тимови на спасители на вода распоредени долж градското пристаниште и во спасителни чамци во вода,  нуркачки тимови, како и со медицински тимови за укажување прва помош со амбулантско возило, помогнати со медицински тим на Итната медицинска помош со амбулантско возило се на готовс да интервенираат ако за тоа има потреба за капачите кои ќе се нурнат во студената вода на околу 8 степени колку што се очекуваат.

Во Центарот за култура „Григор Прличев“, традицонално како и секоја година се одржува крводарителска акција под мотото „ЕДНА КАПКА МОЖЕ ДА ПРОМЕНИ СЕ’“ во организација на Црвен крст Охрид.

Пливање по крстот.

Пливање по крстот.

Чорба за денот на рибарите.

Чорба за денот на рибарите.

Уникатна манифестација

Централната прослава на празникот почнува рано наутро во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ – Каменско каде ќе чиноначалствува митрополитот Дебарско – кичевски г. Тимотеј. Исто така ќе има служба во црквата „Св. Никола Геракомија“ од каде потекнува оваа традиција, како и во останатите парохиски цркви. Потоа црковните претставници и верниците се упатуваат на литија до градското пристаниште. Ова е особено интересен чин бидејќи сите во еден глас ја пеат песната „Во Јордание“ која одекнува низ калдрмисаните улички во стариот дел на Охрид. Од пристаништето ќе бидат осветени водите на Охридското Езеро, а потоа ќе се положи и Чесниот крст, предвидено за во 10 часот. За оној којшто ќе го фати крстот, се верува дека среќа и бериќет ќе го следат цела година.

На денот на празникот во 12:00 часот во месноста „Сараиште“, како и секоја година, се организира групно крштевање.

По чинот на Богојавленскиот водосвет, на градскиот плоштад ќе се одржи забавна програма за посетителите, а предвидено е да настапи групата Next time.

Прославата за Водици во Охрид, продолжува и следниот ден на 20-ти јануари со уникатната манифестација Денот на рибарите. Традиционалното капење на рибарите и годинава ќе се одржи на месноста „Сараиште“ и истата ќе биде надополнета со повеќе културни и забавни содржини. Оваа година ќе биде послужена и храна која е карактеристична за трпезите на овој празник.

Она што е карактеристично за Охрид е дека на овој ден, до пред пандемијата, се организираше подготовка на рибна чорба во голем казан. За подготовката на овој специјалитет вообичаено беа задолжени професорите и учениците од ОУТУ „Ванчо Питошески“. На присутните гости им се послужуваа неколку илјади порции, а дел од подготвената чорба им се доставуваше и на социјално ранливите семејства од градот. Оваа традиција лани изостана.

На Свети Јован, со децении наназад, рибарите од стариот дел на градот се капеле во водите на Охридското езеро со што се означувал крајот на забраната за лов на пастрмката позната како татиљ. Бидејќи на овој ден завршувала забраната што траела од 25-ти декември до 20-ти јануари, рибарите ги фрлале мрежите во езерото и со уловената риба правеле чорба. Во чест на стартот на рибната сезона, се капеле во езерото.

Некои на овој ден се тркаат по буриња вино, некои само ја пеат „Во Јордание“. Црквата стои на ставот дека трката по бурето полно со вино не спаѓа во традиционалните црковни обичаи за празникот и нивни претставници нема на овој чин.

Среќниот фаќач на крстот.

Среќниот фаќач на крстот.

Прослави во охридско

Слободно може да се каже дека охридско-дебарскиот, како и кичевскиот крај се регионите кадешто на мошне уникатен начин се прославува празникот Богојавление Водици. Во охридските села карактеристично верниците се организираат во таканаречени кумства, кои првично биле распределени по роднинска линија или по маала. Никој не знае од кога почнало прославувањето на овој начин. Се смета дека Водици како празник се обележува вака отсекогаш, односно од прифаќањето на христијанството во овие краишта.

Во крајезерското село Пештани, на пример, овие кумства се нарекуваат „колој“ или „колови“, но се поделени според славата која ја слават семејствата. Во селото, 330 семејства се распоредени во 8 кумства. Кој ќе биде кум за Водици се избира на два начини. Или според претходно утврден список, па секој знае која година му е редот да биде кум, или пак со влечење.

Влечењето се врши такашто еден мал крст се става во јаболко. Сите земаат по едно јаболко од сад во кој се наредени јаболката покриени со крпа. Кум е оној кај кој ќе се падне крстот. Притоа не влечат лотови сите членови на колот. Ако кумството како „тим“ има 30 члена, во иста година ќе влечат 10, односно кумствата се поделени на три групи по 10 члена. Тоа е така затоа што во минатото имало случаи, некој да биде кум по 3 или 4 години, а некој и да не си го дочека редот.

„Колот“ се збогатува со нови членови кога синот ќе се оддели од татковата куќа и ќе формира свое семејство. Оној, пак, што живее заедно со родителите, го наследува таткото во колот по неговата смрт.

Бидејќи се смета дека секој ќе биде барем еднаш во животот кум за Водици, тоа е и тоа како голем финансиски трошок. Оние посиромашните кои немааат многу средства да примат гости, можат да сметаат на донација од парите собрани од т.н. „дарување на крстот“, кои инаку се наменети за хуманитарни цели, најчесто за лекување болни. Има случаи и на некои семејства, кои за жал се откажуваат од традицијата.

Фаќање буре во Пештани.

Фаќање буре во Пештани.

Коловите не се еднакви. Најголемиот „кол“ во Пештани има 64 членови, а помалите по 30-тина. Кога еден „кол“ ќе стане преголем, тој се дели на два.

Изборот на нов кум се бира на ден Водици, во секој кол кај стариот кум. На „честито“ кај кумот до попладне оди по еден член на семејството, најчесто маж, а отпосле сите.

Обичаите налагаат и новите кумови да се упатат на сред село за да се „промовираат“, носејќи го крстчето во мало украсно ковчеже, како и тепсија со  вино, риби, бонбони...

Вечерта кога сите селани одат кај кумовите на гости, девојчињата кружат околу масите и гостите ги даруваат со пари. Отец Димче Азески, инаку родум од ова село вели дека порано исклучиво младите невести кои се омажиле претходната година пееле богојавленски песни, а само една од нив ги собирала парите. Сега, оваа традиција е напуштена.

Тој им порачува на верниците да не заборават да го прославуваат празникот скромно и достоинствено. Вели ако порано денот се обележувал со прослава дома со поголеми количества риба бидејќи се работи за исклучиво рибарско село и уште неколку други пропратни јадења како зелка, гравче, туршија и вино, сега трпезата е преполна со секакви специјалитети.

Смета дека скромноста на овој и тоа како важен ден во православието треба да биде доблест за секој христијански верник.

Image
Newsletter