Деновиве главниот град на Македонија, како и секоја зима, се наоѓа на неславната листа на најзагадени градови на глобално ниво. Мирисот на смог, отпад, запалени гуми, како и маглата, неминовно ги тера жителите на Скопје во потрага по свеж воздух недалеку од местото на живеење. Со години блиската планина Водно е прв избор на Скопјани за кратко неколкучасовно бегство на колку-толку поголема височина. Па така, не ретки се фотографиите направени во јануари од Крстот на Водно облеан во сонце, додека градот тоне во нечистотија неколку стотини метри подолу во котлината. Изградбата на 66-метарскиот Милениумски крст пред 20 години во чест на две илјади години христијанство во Македонија и доаѓањето на новиот милениум беше полн погодок. Денеска, слободно може да се каже дека ова е едно од најпосетуваните места во околината на главниот град не само од скопјани, туку и од сѐ побројните странски туристи што престојуваат во метрополата. Планинарските и велосипедски тури до Крстот се редовни случувања, особено за викендите. Посетеноста на врвот на планината Водно масовно се зголеми во 2011 година по пуштањето во употреба на жичницата што води до Крстот и која служи за панорамско разгледување на градот. Сепак, многумина почнаа да избегнуваат да го поминуваат времето на Водно. Едноставно, преголемиот метеж, недоволниот број паркинг места, расфрланиот смет поради негрижата на посетителите и густиот сообраќај за време на викендите, создаваат дополнителна нервоза кај населението.
Поглед од Марково крувче
„Марково крувче“
Патот што води од Свети Пантелејмон до средно Водно е тесен. Ниту патот од Сопиште со главниот пат што води до Средно Водно, а потоа и до врвот Крстовар, иако е направен, сѐ уште не е поврзан. Токму затоа, многу жители од источниот дел на градот главно стигнуваат од Сопиште и до Теферич по планинарските патеки до Средно Водно или, пак, застануваат кај местото наречено „Марково крувче“. Тоа е познато место за пикник што изобилува со летниковци и клупи за одмор, мало детско игралиште и совршен видиковец со можеби најубавиот поглед на Скопје. Имате чувство како градот да ви е буквално на дланка. До локалитетот може да се стигне и од подножјето на Водно. Најлесно е да се остави автомобилот долу на првиот паркинг, на таканаречената раскрсница на Водно, крај патот што се дели лево за Сопиште, а десно за Средно Водно. Асфалтираниот пат накај Сопиште, како што посочивме, не е пуштен за сообраќај, па треба да се пешачи околу половина час нагоре. Главната предност е тоа што е овој пат широк, па дури и да има по некој автомобил, има каде да се паркира крај патот без притоа да им пречи на вљубениците во природата. Недостатокот, пак, за некои, е тоа што овој пат е на отворен потег без многу високи дрвја во околината и е целосно изложен на сонце, што особено може некому да пречи, особено во летните месеци, кога е претопло дури и на оваа височина. Од овој потег до Милениумскиот крст има 4 километри, а за оние со помала кондиција, опција е и Средно Водно, на два километри, до кое се стигнува низ убаво уредена и обележана шумска патека.
Дали ќе стане зона за старт-апи пропаднатото „Македонско село“?
За оние, пак, што се искачуваат на Водно од селото Нерези, прва попатна станица е црквата „Свети Пантелејмон“ и т.н. „Македонско село“, кое се наоѓа веднаш над неа. Комплексот „Македонско село“, кој своевремено беше помпезно најавуван како проект со огромен туристички потенцијал, остана само нем сведок на големите апетити за заработка од туризмот и од угостителството. Денеска, многумина ќе речат дека ниту куче повеќе не лае во „Македонско село“. Комплексот беше отворен во 2016 година во средината на летната сезона, кога Скопје е познато по неподносливите горештини, а бегството на поголемите височини беше главен адут на комплексот, не само преку ден, туку и во вечерните часови. Го карактеризираа прекрасниот панорамски поглед на градот и автентичната атмосфера.
„Македонско село“ беше проект како измислен од „Македонските народни приказни“. Содржеше 12 двокатни куќи. Притоа секоја од нив претставуваше различен регион од Македонија - беровска, делчевска, кумановска, реканска, струшка, прилепска, тетовска, кратовска, галичка, битолска, велешка и скопскоцрногорска куќа. На долниот кат од куќите, според проектот, беа претставени различните занаети карактеристични за регионите, а горните катови требаше да функционираат како хотел. Имаше работилница за филигран, грнчарска работилница, ткајачница. Идејата беше да се фаворизираат старите речиси изумрени занаети и повторно да се оживеат. Во битолската куќа, на пример, се наоѓаше грнчарска работилница, па заинтересираните посетители можеа да влезат внатре, да се обидат сами да направат нешто со помош на занаетчијата вработен таму или пак да купат нешто од готовите производи.
Комплексот вклучуваше и хотел, огромна хортикултурно уредена градина, продавница за сувенири, маркет, три ресторани во кои се служеше автентична македонска храна.
Главен адут на просторот беше што од главниот град до него може да се стигне за релативно кратко време, а истовремено да добиете чувство како да сте на село, далеку од градскиот метеж. Заинтересираноста на Скопјани, но и на другите жители беше огромна. Едвај да можеше да се најде празен простор за паркинг во околината. Рестораните беа преполни. Туристичките агенции што организираа туристички тури низ главниот град ја додадоа и оваа локација во своите агенди.
Сепак, идејата пропадна по нешто повеќе од две години. Хотел „Квинс“ и „Тинекс“ на поранешниот градоначалникот на Општина Центар Владимир Тодоровиќ, кои во јануари 2016 година го добија „Македонско село“ под концесија од 20 години за месечна кирија од 3.500 евра се откажаа. Во октомври 2018, комплексот престана со работа, а концесионерите рекоа дека морале еднострано да го раскинат договорот бидејќи работеле со загуба. Надлежните беа изненадени од ваквата одлука, но не се направи ништо, па комплексот до денешен ден е затворен.
Пред две години, во екот на најголемата здравствена криза предизвикана од пандемијата со вирусот Ковид-19, тогашниот технички премиер Оливер Спасовски рече дека Владата размислува комплексот да го пренамени во село за старт-апи. Планот беше да се постави брз интернет, а етнокуќите да се пренаменат во простор за заедничка работа на иновативните компании. Фондот за иновации и технолошки развој во соработка со две меѓународни компании изработи физибилити-студија во која има развиено неколку модели за работа на селото за старт-апи. Сѐ уште не е избран вистински одржлив модел, но Фондот уверува дека работи напорно за да се реализира оваа идеја.
Изградбата на комплексот „Македонско село“, почна во 2011 година, со инвестиција на Владата во вкупна вредност од 6,5 милиони евра. Односно, за самата изградба се дадоа 5,2 милиони евра, за внатрешно уредување беа потрошени 1,3 милион евра, 24 илјади евра беа потрошени за електромобили што служеа за пренесување на куферите на гостите во селото, 4.200 евра беа потрошени за патоказите и за ознаките на комплексот, а 2.700 евра чинеа клупите и корпите за отпадоци. Парите од почетната инвестиција никогаш не беа повратени целосно назад.
Свети Пантелејмон
Манастирскиот комплекс „Свети Пантелејмон“
Манастирскиот комплекс ограден со високи ѕидови, а во кој се наоѓаат црквата изградена во македонски стил и манастирските конаци, е добро познато место за скопјани. Манастирот „Свети Пантелејмон“, изграден во 12. век е еден од најстарите и најзначајните манастири во Македонија.
Црквата е градена од кршен камен, тули и малтер. Има комбиниран облик на слободен и впишан крст во правоаголен облик. На западната страна има нартекс со полуобличест свод. Има 5 куполи, од кои куполата над централниот дел на наосот е поголема, а страничните се помали. Кон средината на 16. век, централната купола била урната, веројатно од силен земјотрес. Подоцна била обновена и повторно живописана. Олтарниот простор е затворен со иконостас изработен од камен. Конаците се обновени.
„Свети Пантелејмон“ е можеби најпознат по живописниот приказ на ликовите на фреските, стил што не бил карактеристичен за византиската уметност. Композицијата „Оплакување Христово“ се одликува со нагласено истакнување на внатрешните чувства на прикажаните личности. Св. Богородица е насликана како мајка што плаче над својот мртов син, а нејзиното лице покажува болен израз на длабока болка. Затоа многу автори оваа фреска ја сметаат за предвесник на ренесансата. Некои сметаат дека ова дело значи дека преобразбата во ликовниот израз карактеристична за раноренесансните дејци во Италија е, всушност, започната во Македонија, 140 години претходно.
Од отворената тераса покрај манастирот „Свети Пантелејмон“, се протега можеби најубавиот поглед на Скопје. „Свети Пантелејмон“ поседува уникатни конаци. Објектот и преубавата природа, како и зеленилото што го опкружуваат е причината зошто за многумина ова е прв избор за бегство од градот во потрага по душевен мир.
За полесно и побрзо поврзување со Скопје, градските власти пред неколку години, преку ЈСП Скопје воведоа нова автобуска линија што тргнува од Транспортниот центар до крајната станица „Свети Пантелејмон“ и „Македонско село“.
Отпад на Водно
Отпадот и уништувањето на шумата се најголем проблем
Планината Водно започнала да се пошумува пред околу шест децении. Соголениот простор и опасноста од свлечишта биле голема закана за Скопје. Генерациите пред нас биле свесни за опасноста што се заканувала да дојде од планината, па сите масовно почнале да го пошумуваат просторот. За разлика од тоа време, планината масовно се уништува во последниве неколку децении. Неконтролираната изградба на станбени и деловни објекти во заштитената зона, постепено ја уништуваат шумата. Непланското градење неповратно ја нагрдува планината. Наместо градот да се шири во котлината, градежните фирми сѐ повеќе настојуваат да градат на повисоките места. Одредени населби не можат да се препознаат како изгледале пред 20-тина година и колку нескладно се проширени сега. И покрај апелите на еколозите, се чини дека бизнис интересите се поважни од грижата за т.н. „бели дробови“ на градот. Додека планинарите упорно инсистираат на што е можно повеќе планински патеки, еколозите предупредуваат дека сечата на дрва во интерес на зголемување на туристичкиот потенцијал може да ја уништи планината. Таа и онака е веќе нагрдена. Патот што се проби од Сопиште на источната страна на Водно веќе значеше крај за шумскиот фонд по должината на трасата. Дополнително на тоа, и покрај апелите на невладините организации, гасоводот што поминува низ планината, а продолжува кон Тетово и Гостивар, ја дотолчи шумата. Активистите не успеаја да ја спречат неговата изградба и покрај агресивната кампања. За да се надомести штетата што гасоводот поминува токму низ планината, беа одвоени 700 илјади евра. Од парите за пошумување засега нема резултат – ниту се знае дали се наоѓаат сѐ уште во касата на Град Скопје парите што требаше наменски да се потрошат, ниту пак има макар едно засадено дрво како компензација што гасоводот треба да поминува низ Водно.
Планината има проблем и со отпадот што го фрлаат посетителите насекаде. На некои локации има поставено доволно корпи што редовно се чистат и се одржуваат, но на некои навистина нема каде да се фрли ѓубрето. Оставено на совеста на граѓаните, отпадот сѐ повеќе ја нагрдува убавината на планината. Често невладините здруженија организираат разни акции за чистење, но тие имаат само привремен ефект. Жално е што туристите, но и скопјани, кои треба најмногу да ја заштитат најблиската зелена зона надвор од градот, го прават токму спротивното.
Сепак, и покрај сите проблеми, планината Водно останува избор број еден за неколкучасовно бегство во викендите надвор од градскиот смог. Прошетките низ планината се незаборавно доживување во сите годишни времиња. Навистина е привилегија да се има блиска планина за бегство на само два-три километри од центарот на градот. Токму затоа и одговорноста е поголема да се зачува нејзината природа и автентичност од несовесната човечка рака.