65 ОТСТО ОД СТУДЕНТИТЕ РАЗМИСЛУВААТ ЗА ЗАМИНУВАЊЕ ВО СТРАНСТВО, ПРAКТИЧНАТА НАСТАВА ИМ Е НАЈПРИВЛЕЧНА НА УНИВЕРЗИТЕТИТЕ ВО ВИСОКОРАЗВИЕНИТЕ ЗЕМЈИ
Амбиција, нов предизвик или желба за поквалитетно образование и безбедна иднина? Дали да се остане во земјава или високото образование да се продолжи надвор – дилема со која сè почесто се соочуваат младите. Причината зошто голем број студенти се одлучуваат да ја напуштат удобноста на домот и да заминат на студии во странство, пред сè лежат во подобрите услови што ги нудат универзитетите во високоразвиените земји. Ги прашавме младите зошто се одлучиле на ваков чекор. Велат, практичната настава, можноста за специјализација и условите за вработување што ги добиваат веднаш по завршување на студиите биле пресудни да ја напуштат Северна Македонија и образованието да го продолжат во други земји.
Еден од многуте студенти што среќата си ја бараат во западноевропските земји е и скопјанецот Никола Симоновски, студент по општа медицина на медицинскиот факултет при Рур Универзитетот во Бохум. Тој вели дека одлуката да замине во Германија му дошла природно бидејќи средно училиште учел во гимназија во германска паралелка. „Се одлучив за Германија затоа што сметам дека образованието и условите за изучување се на повисоко ниво од Македонија, но исто така и поради можностите за вработување што ќе ми се отворат по завршување на факултетот“, вели Никола.
Во услови на пандемија, како се одвива наставата и како си задоволен од начинот на настава во Германија?
За време на пандемијата, досега сме имале повеќе различни системи. Овој семестар предавањата ни се онлајн, како и претходните семестри, а сите вежби надвор од предавањата ни беа на факултет со присуство, што беше многу подобро од претходно, затоа што имав прилика поубаво да ги видам работите и да ги запознаам моите колеги. Начинот на настава е прилично добар и сум задоволен со распоредот, немаме денови со преполн распоред, каде што целиот ден е со предавања, што сметам дека е добро, затоа што остава повеќе слободно време, но и доволно време за учење на поминатиот материјал.
Колку се достапни професорите за помош и за консултација со студентите?
Од мое лично искуство, професорите се расположени да помогнат во случај да има нешто нејасно, особено на вежбите со присуство. Во поглед на предавањата што се онлајн, студентите имаат можност да поставуваат прашања во chat-от, на кои професорите одговараат и го разјаснуваат тоа што е нејасно.
Зошто младите се одлучуваат да студираат во странство? По што се разликува образованието во Германија од македонското образование?
Мислам дека младите се одлучуваат да студираат во странство поради подобри можности за нивната иднина, а верувам дека голема улога играат и поголемите плати во сите области, во споредба со Македонија. Во поглед на студиите по медицина, во Германија многу повеќе се обрнува внимание на практиката, што мислам дека е особено важно за студенти што се стремат да бидат идни доктори, поради тоа што односот помеѓу докторот и пациентот е многу важен, а тие вештини се изучуваат и подобруваат преку практика во болница.
Студенти во Северна Македонија сведочат дека студиите во земјава се темелат на многу теорија, а малку практична настава. Дел од студентите што се насочени кон техничките науки, сметаат дека она што недостига се лаборатории за практично учење, но и истражувачки центри. Вината за ова ја гледаат во оскудните финансии што власта ги насочува кон модернизација на високообразовните установи.
Дека образованието во земјава не е на задоволително ниво, сведочи и последната статистика на Светскиот економски форум, кој ја рангираше Северна Македонија на 82. место од вкупно 141 земја.
Универзитетот Харвард | извор: cnbc.com
Според истиот извор, овие земји може да се пофалат по квалитетот на образовниот систем:
Норвешка - Оваа држава на големо ги финансира сите нивоа на образовен систем. Јавното образование е бесплатно, освен на претшколско ниво, каде што родителите плаќаат даноци.
Нов Зеланд - Образованието во Нов Зеланд е сконцентрирано на учениците, на кои им овозможува континуирана настава и напредок во учењето, така што знаењето стекнато на едно ниво поставува темели за наредните чекори.
Холандија - Училиштата не даваат многу домашни задачи до средно, додека учениците пријавуваат помал притисок и стрес. Училиштата се поделени на верски и „неутрални“, а мал број се приватни училишта.
САД - САД се домаќини на над еден милион меѓународни студенти.
Финска - Финска е позната по тоа што нема никаков ограничувачки систем - сите ученици, без оглед на способноста, учат во исти одделенија. Како резултат на тоа, јазот помеѓу најсилните и најслабите ученици е најмал во светот. Исто така, финските училишта даваат малку домашни задачи и имаат само еден задолжителен тест на 16 години.
Сингапур - Сингапур се најде на високо место на ПИСА-тестирањето. Но, училишниот систем на оваа држава е познат по тоа што ги става учениците под голем стрес уште на рани години.
Швајцарија – Оваа земја може да се пофали со многу квалитетно државно образование. Само 5 отсто од учениците одат во приватни училишта.
Универзитетот Харвард 11 година по ред е на врвот на анкетата на најдобрите светски универзитети по репутација. САД како целина остануваат најзастапената земја, со 57 институции именувани во рангирањето, додека Велика Британија има втор највисок број, со 25. Еден значаен новодојденец оваа година е Кина. Универзитетот Цингхуа во Пекинг се искачи за три места оваа година на 10. место, со што стана првата кинеска институција која се проби во првите 10. Универзитетот во Оксфорд, пак, во истата година кога помогна да се развие вакцина против СОВИД-19, се искачи за две места, на третата позиција.
Љубњански универзитет
Речиси и да нема странски студенти во Македонија
Анализа на квалитетот на високото образование во Република Македонија, спроведена од неколку професори во МАНУ која беше објавена минатата година покажува дека земјава има најмала стапка на запишување во високото образование, односно помалку од половина од средно образование продолжуваат на факултет.
„Македонските универзитети не привлекуваат многу голем број на странски студенти. Во просек, околу 10% од студентите на сите факултети се странци, додека квотите дозволуваат до 20% од вкупниот бројот на студенти“, се вели во анализата на МАНУ.
Понатаму, податоците покажуваат дека едвај 57,2 отсто од неодамна дипломираните студенти биле вработени, што е ниска стапка, споредено со со државите од Европска Унија, каде што се вработени над 80% од неодамна дипломираните студенти.
Првичните резултати од истражувањето покажале дека студентите се задоволни од квалитетот на факултетот, но ја критикувале недостапноста на професорите и квалитетот на контактот. Студентите најчесто ги евалуираат со најниска оцена достапноста на спортски објекти (53,2% оцениле со 1) и неадаптирана инфраструктура и материјали за лица со посебни потреби. Потоа, се прават негативни забелешки за недостапноста на простор за социјализација (33,4% -1; 19,7% -2) или кафетерија (32,4% -1; 15,7% -2), како и за состојбата на зградата на факултетот на кој студираат (29,3% - 1; 18,2% - 2). Понатаму, околу половина од студентите и професорите сметаат дека и достапноста на кабинети за специфични предмети и компјутерски лаборатории, исто така, не е соодветна за непречено одвивање на наставата.
Иако на прв поглед изгледа дека студентите ги вреднуваат македонските универзитети и имаат високо мислење за квалитетот на високото образование во државата, загрижувачки е фактот дека голем дел од нив (65,4%) размислуваат за заминување во странство, а 42,3% имаат и планови за напуштање на земјата во блиска иднина. Една од најзастапените причините за ваквите одлуки е потенцијално подобрите услови за работа.
Извор: МАНУ
Словенија е една од најатрактивните дестинации на студентите од Северна Македонија, најмногу поради близината и сличната култура помеѓу двата народи, а потоа и поради билатералниот договор за бесплатно образование, кој двете земји го потпишаа во Љубљана во 2016 година.
Љубица од Тетово е студент во трета година на Универзитетот во Љубљана, отсек компјутерски науки и информатика. Таа вели оти поради пандемијата студиите ги почнала онлајн, но оваа учебна година повторно се вратиле во предавална.
„Пристап до материјали за учење има секој студент, сѐ се објавува на онлајн училница. Дополнителна литература има во библиотеките на самите факултети. Квалитетот е на високо ниво, професорите разбирливо предаваат и се водат по студентите, колку и дали ни е јасно. На пауза, после предавање се тука за прашања. Секој професор, асистент има закажан термин за консултации секоја недела, секако секогаш можеш да пишеш и емаил. Тешко е, но секогаш имаш можност да прашаш асистент/професор, има и туторство на двата факултети“, вели таа.
Според неа, квалитетот на образованието не може да се спореди со тоа во Македонија. Условите, вели, се многу подобри што укажува на инвестирање во образовните институции, а голема предност е тоа што образованието е бесплатно. „Целиот процес е поорганизиран, од запишување година до пријавување испит е преедноставно и барем околу тоа немаме додатен стрес. Има можности за студентска работа и за време на студиите, а факултетот организира и саеми за вработување. Постојат и смерови каде што дел од студиите се само пракса. Има можност за практика на факултетот, со што се добиваат кредитни точки, кои потоа може да се искористат за изборен предмет“, додава Љубица.