Во Македонија ќе ве пречекаат 16 планини повисоки од две илјади метри. Најјужната планина со алпски карактер, Баба, плени со својата убавина и со разновидниот животински и растителен свет, поради што нејзиниот северен дел е прогласен за национален парк. Сепак, се чини, освен битолчани и населението од околните места, ретко кој друг често го посетува Пелистер. Туризмот главно се врзува со скијачката сезона, но планината има уште многу да понуди.
На само 15 километри од Битола или со три и пол часа возење од Скопје, може да се стигне до Пелистер. Уникатно природно богатство ќе ве пречека на Баба Планина. Со своите недопрени убавини и невообичаени формации го буди интересот не само кај планинарите, туку и кај рекреативните љубители што сакаат да пешачат дишејќи чист воздух. Тоа на битолчани им е многу потребно, особено ако се знае дека градовите во околината, а особено Битола, секоја зима се едни од најзагадените во земјава. Зошто тогаш оваа планинска убавица не е честа дестинација не само на домашните туку и на странските туристи? Се чини подзаборавена локација, споредено со Шар Планина, Јакупица или Бистра, на пример.
СКИЈАЧКАТА СЕЗОНАТА – ГЛАВЕН ИЗВОР НА ПРИХОДИ
Туризмот на Пелистер „цвета“ за време на скијачката сезона. Таа, пак, трае зависно од временските услови. Од година в година има сѐ помалку снег, па бројот на денови кога љубителите на белите спортови може да уживаат е сѐ помал. Сепак, тоа не беше така оваа зима. Снег имаше во доволно, па скијачката сезона траеше 70-тина дена. Двата скијачки центри, „Нижеполе“ и „Копанки“, работеа турбо. Цените беа и тоа како поволни. Заедно со „Пониква“, двата скијачки центри на Пелистер се вбројуваат меѓу најевтините во Македонија, со дневен скијачки билет од 300 денари.
Скијачкиот центар „Копанки“ речиси ист како и пред 30 години | извор: Скијачки центар „Копанки“
СКИЈАЧКИОТ ЦЕНТАР „КОПАНКИ“
Од изградбата во 1975-та година (со месен самопридонес на населението на Битола) досега, центарот смени многу сопственици. Периодот 2006 – 2011 година слободно може да се каже дека е најтешкиот за центарот бидејќи не работел. Сега работи под капата на АД „Електрани на Македонија“. Уште на прв поглед се гледа дека патот до „Копанки“ е на места тесен и оштетен и дека му е неопходно проширување и реконструкција. Сместен во густа моликова шума, „Копанки“ располага со два скијачки лифта на почетна надморска височина од 1420 метри, додека стартот на скијачката стаза е на надморска височина од 1800 метри. На 1610 метри се наоѓа планинарскиот дом „Копанки“. Со години се бараше комплексот да прерасне во модерен и атрактивен скијачки центар, па пред 7 години Владата најави дека ќе инвестира во систем за вештачки снег, реновирање на хотелот „Молика“, изведба на спа-центар и катче за најмалите. Дел од ова се реализираше, поголем дел не. Некои од посетителите се жалат дека скијачката патеката нередовно се чисти од корења и од треви, дека горниот скилифт најчесто бил надвор од употреба и дека немало топови за вештачки снег. Понекогаш, поради големите наноси од снег и тешките услови на пристапниот пат, по ден или два скијачките патеки се надвор од функција. Симболично, една од најголемите инвестиции овде во скијачкиот центар, кој се чини како заборавен во времето е модернизираната проширена тераса, која вообичаено е преполна со скијачи за време на сезоната.
СКИЈАЧКИОТ ЦЕНТАР „НИЖЕПОЛЕ“
За вљубениците во снегот, сонцето, чистиот воздух, скијањето, бордањето, санкањето, но и за сите што сакаат да уживаат во кафе и топол чај на планина, избор е и скијачкиот центар „Нижеполе“. Иако малку во сенка на „Копанки“, и овој центар станува евтина опција за скијачите од Битола, Прилеп, Охрид и од околните места. Со скијачкиот центарот, изграден во далечната 1984 година, стопанисува ЈП „Стрежево“ – Битола. Скијачките патеки се наоѓаат на надморска височина од 1300 до 1600 метри, на неколку километри над истоименото село. Од Битола е оддалечен 15 километри. Асфалтниот пат не е лош. Патот од Ниже Поле до центарот е обновен лани. Паркингот редовно се чисти, а скијачките лифтови се во функција. Се организира и ноќно скијање од 19 до 22 часот.
Скијачкиот центар „Нижеполе“ не се најде на листата на скијачки центри на Агенцијата за странски инвестиции што треба да се изградат или да се обноват, како што се Јабланица, Бушова Планина и Караџица. Сепак, надлежните веќе со години најавуваат нови инвестиции. Влошените климатски услови ги тераат инвеститорите постојано да размислуваат за нови скијачки патеки на што поголема надморска височина. Во 2015-та, тогашниот директор на ЈП „Стрежево“ најави проширување на скијачкиот комплекс, кое го опфаќа појасот под и до врвот Муса. Во втората фаза центарот требаше да се прошири до месноста Орлови Бари.
Лани летото, директорот на ЈП „Стрежево“ и министерот за локална самоуправа потпишаа договор за со кој се одобруваат финансиски средства за изработка на проект за изведба на нов скијачки центар на Пелистер.
„Преку меѓународен тендер ќе се избере реномирана проектантска куќа што ќе изработи проект за изградба на модерен скијачки центар кај Нижеполе. Со проектот треба да се дефинира каде ќе се изгради новиот скијачки центар, со повеќе патеки за скијање, со една жичница и со минимум два скилифта“, изјави тогаш министерот за локална самоуправа Горан Милевски.
Дополнително вложување треба да биде системот за вештачки снег. Со основниот проект за вештачки снег се дефинира скијачка патека во должина од 900 до 950 метри и широчина на појасот од 60 до 65 метри, со височина на снежна покривка од 30 сантиметри. Површината на патеката која треба да се покрие со вештачки снег изнесува 5760 квадратни метри. Се работи за пообемен проект, кој ќе ја дочека светлината на денот некоја наредна година, а преку кој треба да се зголеми бројот на деновите под снежна покривка и да се продолжи скијачката сезона.
Со овие инвестиции, Пелистер треба да стане атрактивна дестинација, барем приближно како Банско или Боровец, а туризмот и скијањето да отворат можности за нови вработувања во околните места.
Скијачкиот центар Нижеполе „пати“ за нови инвестиции | извор: stenton.mk
ИНТЕРЕС ЗА ЗАРАБОТКА ОД ТУРИЗМОТ
Неповторливите природни пејзажи во комбинација со чистиот планински воздух ги привлекуваат посетителите на Пелистер уште одамна, но ретки се ентузијастите што решиле туризмот во регионот под планината да го издигнат на некое повисоко ниво. Мештаните велат дека пред 30-тина години, туризмот главно се врзувал со училишните екскурзии, одмори и скијачката сезона, која трае само неколку месеци. Сега, почнувајќи од излезот на Битола, па нагоре, може да се види како постојано никнуваат нови објекти за пречек на гости. Број на туристи годишно во регионот изнесува околу 10.000 луѓе.
Селото Ниже Поле е последната попатна станица до скијачкиот центар со истото име. Поради помалата популарност скијачките патеки споредено со оние на „Копанки“, пред неколку децении никој не ни помислувал дека овде би можело да се зборува за посериозни форми на туризам. Иселувањето, пак, си го направило своето. Селото постепено ги губи жителите, па од две илјади, сега брои едвај 200 луѓе. Едни од ретките на кои им „светнала идеја“ за развој на планински туризам не се мештаните, туку еден брачен пар од Пештани, Наумче и Татјана Јанески, кои повеќе од 20 години пречекуваат гости во вилата над Ниже Поле. Идиличната планинска вила „Дамаја“ (името е кованица од првите букви од имињата на ќерките на брачниот пар и семејното презиме) е уникатно архитектонско дело, кое совршено се вклопува во неодоливиот пејзаж на Пелистер. По неколкугодишно скијање на Баба Планина го откриле потенцијалот на Пелистер за развој на туризам, не само во зима туку и преку целата година. И покрај тоа што биле сигурни дека интерес и тоа како ќе има, не сите биле оптимисти дека вложувањето ќе се исплати од финансиска гледна точка.
„Воопшто не бев скептик. Еден временски период многу пријатели од Битола, дури и мештаните од Нижеполе ми велеа ‚тука е невозможно човек да се занимава со туризам'. Јас на сите им велев дека не само што ќе има туризам, туку ќе нема место за продавање за изградба на викендици и хотели. Тоа и се случи! Во времето кога почнавме, имаше неколку викендички, но никој не ги издаваше. Во поново време се изградија многу викендици, од кои поголем дел – на мое укажување дека треба да почнат да издаваат, едноставно да се внесат во туризмот, што и се случи – сега веќе се занимаваат со туризам“, вели Јанески.
Вила „Дамаја“, Нижеполе - Успешен пример за планински туризам | извор: Вила „Дамаја“
Вилата комотно може да угости 15 луѓе во 3 соби и 2 студија. Брачниот пар Јанески вели дека најголема реклама не им биле ниту платформите за онлајн резервирање како booking.com, ниту пак социјалните мрежи на кои се присутни, туку одличните препораки од редовните гости. Токму напливот од посетители бил пресуден постојано да размислуваат за проширување на капацитетите и да воведуваат нови содржини. Вилата има голем двор, во кој може да се прави скара, поседува нишалка за деца, огромна тераса на која може да се испие кафе или чај или едноставно да се ужива во погледот пред вас. Огромното пространство содржи потенцијал за зголемување на капацитетите, а токму тоа е и планот на домаќините. На прашањето дали е тешко постојано да се на релација Пештани – Нижеполе, велат дека е неопходна само добра организација за да се постигне успех.
Јанески сметаат дека иднината на планинскиот туризам не само во Нижеполе туку и во околните места е нераскинливо поврзан и директно зависи од инвестициите во скијачкиот центар. Доколку скијачките патеки функционираат барем од крајот на ноември до април, и други инвеститори ќе се охрабрат да вложат во ресторани, кафеани, пицерии, објекти за забава и слично.
Сепак, за да се оспособи местото за постојните, но и за нови инвеститори, најпрво се неопходни инвестиции од локалните власти.
„Да се изгради колекторски систем за да можат сите фекалии и нечистотии да се соберат во тој систем. Исто така, мислам дека е голем недостиг, колку што јас знам, тоа што нема изготвено урбанистички план, во кој идејно би можело да се предвиди долгорочна инфраструктура за што поголем развој на овој прекрасен предел“, вели Јанески.
Брачниот пар Јанески уште пред 14 години иницирале да се испита загаденоста на овој регион. Група ентузијасти од Австрија, Швајцарија и Словенија во неколку наврати измериле минимално загадување, што дури предизвикало и зачуденост поради близината на РЕК Битола и презагадениот град.
Покрај преубавата природа и близината на Националниот парк „Пелистер“, чистиот воздух и традиционалната храна, се чини дека има уште многу што да се инвестира во регионот под Пелистер. Жителите бараат подобри сообраќајни поврзувања меѓу селата, канализациска мрежа и повеќе и почести линии за автобуски превоз.
Актуелниот градоначалник на Битола, Тони Коњановски, пред шест месеци ја презема функцијата со многу ветувања за развој на овој регион. Останува да видиме дали и по 4 години, сѐ уште ќе ја гледаме истата слика на потпелистерските села или ќе има значајни подобрувања и повеќе туристи.
Планинарење на Големо Езеро
РАЈ ЗА ПЛАНИНАРИТЕ
Непроценливото природно богатство на Пелистер и шареноликиот мозаик од гребени што на врвот ги „чуваат“ двете леднички езера, добро познатите Пелистерски Очи, секогаш биле магнет за планинарите. Легендата вели дека „горските очи“ биле солзи на две сестри што се вљубиле во исто момче, Пелистер. Бидејќи мајката не дозволила ниту една од нив да се омажи за него, ги протерала на планина и ги проколнала секогаш да бидат блиску една до друга, но никогаш да не можат да се видат. Скитајќи низ планината, едната сестра стигнала на местото каде што сега се наоѓа Големото, а другата кај Малото Езеро. И двете скршени од болка по несудената љубов, пролеале толку многу солзи што од нив се создале двете прекрасни езера.
Двете езера пленат со својата убавина, а лете, многумина по долгите исцрпувачки планински тури решаваат да се разладат во нив. Токму затоа, најчесто, не врвот туку двете езера се крајна дестинација за вљубениците во планинарењето. Во последно време и многу велосипедисти се решаваат за овие тури.
На брегот на Големо Езеро е изграден планинарскиот дом „Димитар Илиевски-Мурато“, според првиот македонски освојувач на Монт Еверест. За искачување до Големо Езеро постојат неколку маркирани патеки и еден планински пат. Искачувањето трае од 3 до 7 часа зависно од тоа која е почетната точка на тргнување.
Во Инфоцентарот на Националниот парк „Пелистер“ може да се добијат детални информации и совети околу планинарењето на Баба. Најчесто пешачките патеки почнуваат од хотелот „Молика“. Најдолгата рута е од хотелот „Молика“ до врвот Пелистер, која трае дури 8 и пол часа и е наменета за искусни планинари. Другите тури се до Големо Езеро, Јоргов Камен, Историска патека од Првата светска војна, до Голема ливада, до локалитетот Палиснопје итн. На Пелистер има и две мали повремени природни и убави езерца наречени Орлови Бари, до кои, исто така, водат планинарски патеки.
За планинарењето на Баба, дел од личниот поход „100 дена патувања“ на планинарот Вито Валентинети во 2020 година, тој ќе напише дека глетката на Пелистерски Очи е една од најживописните на Балканот. На својот блог Валентинети пишува дека патеките на Пелистер се истите тие по кои патувале и Апостол Павле, римските легии и византиските цареви низ овие предели. Пишува и препораки како најдобро да се снајдете при престојот на Пелистер.
„Ништо не видов во селото. Купете си храна и грицки во Битола. Тоа е долго пешачење, па можеби ќе сакате да спакувате нешто поконкретно за ручек и да уживате во Големото Езеро. Помеѓу почетокот на патеката и планинарскиот дом има два извори со вода. Неверојатно. Многу ми е драго што можев да се искачам овде пред да падне снег. Во една година на спектакуларно пешачење, ова беше еден од најважните моменти“, пишува Валентинети.
ПОТПЕЛИСТЕРСКИТЕ СЕЛА – НЕИСКОРИСТЕН ПОТЕНЦИЈАЛ
Туризмот полека, но сигурно се развива во потпелистерскиот регион. Главните бази за тргнување на планинарите, но и на вљубениците во планината што сакаат да избегаат барем за викенд од градскиот метеж, се стационирани во Нижеполе и во Дихово. Овие две селца барем досега најмногу го имаат искористено туристичкиот потенцијал на овој крај. Нижеполе брои најмногу викендички, додека Дихово е локацијата на мегапопуларната „Вила Дихово“, 90 години стара архитектонски уникатна семејна куќа за која пишуваа сите најпрестижни меѓународни магазини. Дополнително „Лоунли планет“ („Lonely Planet“) го вброи селото меѓу 50-те непознати места за мирен одмор во Европа.
Манастирот „Св. Ана“ | извор: bitola.info
МАЛОВИШТЕ – ЗАБОРАВЕНО ВЛАШКО НАСЛЕДСТВО
Речиси секој слушнал за Собирот на иселениците за Илинден во село Трново, многумина го посетуваат и Ротинското Езеро, акумулација во близина на истоименото село, но навистина ретко кој бил во Маловиште. Тоа е единственото од потпелистерските села што се наоѓа во склоп на националниот парк. Не е интересно само поради тоа, туку и поради автентичната архитектура, традиција и култура што го издвојуваат од останатите села. До него води добро асфалтиран пат, кој се издвојува од регионалниот Битола – Ресен. Пред самиот влез на селото, од лева страна ќе ве пречека еден мал кривулест водопад, мала брана на Маловишка Река (Шемница), како и рибник посетуван од мештаните. Маловиште е типично влашко село иако жителите одамна го напуштиле. Денеска брои едвај 100 жители, но за викендите и за поважните празници семејствата се собираат традиционално кај постарите. Така беше и овој Велигден, кога низ инаку тивкото село можеше да се забележат голем број возила, меѓу нив и бројни со странски таблички. Луѓето што ги сретнавме патем велат дека живеат во странство со години, но за Велигден, Божик или за Нова Година речиси задолжително се собираат во местото од каде што потекнуваат. Меѓу познатите влашки семејства, потекло од Маловиште имаат фамилиите Белимаче, Грамосли, Палигора, Тошу, Зика, Тотани итн. Маловиште е родна грутка и на познатиот поет Константин Белимаче, автор на „Родителска порака“, поема прифатена како национална химна на Власите. На сретсело, неговите соселани имаат подигнато споменик во негова чест. Потекло од Маловиште има и шампионката од Вимблдон, романската тенисерка Симона Халеп. Таа во повеќе наврати зборуваше за традициите кои македонските Власи ги задржале во Романија и не отстапиле од нив.
Селото има автентична рурална архитектура, големи камени куќи на еден или два ката, со богат ентериер, но се гледа дека има и нови градби што отстапуваат од овој уникатен стил. Селото е стрмно, уличките се тесни и неасфалтирани. Низ камењата што треба да претставуваат патека, треба внимателно движење. Над селото доминира црквата „Св. Петка“. Таа е неизбежна локација за посета кога сте во Маловиште. Често е затворена, но мештаните без проблем ќе ве упатат на некого што го има клучот и кој може да ви отвори за да ја посетите црквата. Поседува богат фрескоживопис, длабок дрвен иконостас, како и галерија на ретки икони сместена во горните простории на црквата, со примероци што датираат од 16. век.
Најголем дел од посетителите на Маловиште, патот го продолжуваат кон манастирот „Св. Ана“. Се работи за импозантна трикорабна градба со камбанарија, на половина час пешачење од селото, на 1400 метри надморска височина, сместен во густа букова шума со интензивна зелена боја. Култот кон овој манастир го поттикнува фактот што луѓето веруваат во исцелителната моќ на водата од изворот што се наоѓа во близина на манастирот. Меѓу легендите за чудотворната моќ на „Св. Ана“ се и верувањата дека брачните парови ќе добијат пород, а некои, пак, сечат парчиња од кората на стеблото вградено во храмот за да им ја следи среќа фамилијата. Планинарските патеки одовде водат кон врвот Пирамида или пак до „Копанки“, каде што се стигнува за два часа.
И покрај големиот потенцијал и интересните места за посета околу селото, во Маловиште буквално никој не пречекува гости. Останува допрва туризмот да се развива во ова заборавено, но идилично село, кое и официјално е прогласено за заштитена рурална споменична целина како значајно културно наследство на државата.