Што ќе одберат граѓаните – ќе го одврзат ли кесето за летување или ќе чекаат подобри времиња?
Најчест избор за граѓаните за летување ќе бидат најекономичните дестинации – Бодрум и Чешме се „ин“ ова лето
Ковид-19 беше суров кон туризмот. Туристичката индустрија е една од најпогодените економски сектори од избувнувањето на пандемијата. Здравствената криза предизвика привремено паузирање на туристичките услуги низ целиот свет. Повеќето авиокомпании беа принудени да ги намалат или да ги откажат летовите, а со тоа патувањата се сведоа на минимум.
Според извештајот на Обединетите нации, светскиот туризам доживеа пораст од 4% во 2021 година споредено со 2020 година (415 милиони наспроти 400 милиони). Ова се бројките им претходат на оние од 2020 година, најлошата во историјата на туризмот, кога во однос на 2019 година имаше пад од 73% кај меѓународните пристигнувања.
Сите овие случувања ги променија и навиките на туристите. Во изминатите две години процедурата за патување во странство беше премногу сложена. Многу граѓани не беа во можност да патуваат зашто државите прво не дозволуваа влез, а потоа беа неопходни вакцините и негативните Ковид-тестови.
Неможноста за патување надвор од границите беше шанса македонските туристи повеќе да ја истражуваат Македонија. Сите ние откривме и посетивме места што не сме ги знаеле. На социјалните мрежи дури се формираше и група „Патувања низ Македонија“, каде што се споделуваа фотографии од убавините на нашата земја. За кратко време се зголеми интересот за посета на домашни туристички атракции.
Сепак, во периодов, како во Македонија, така и во другите земји, сведоци сме на спласнување на пандемијата и масовно укинување на мерките поврзани со неа. Домашниот туристички сектор во ова гледа шанса за спас, а бизнисите можност повторно да заживеат по тешкиот пад што го доживеаја за време на пандемијата предизвикана од Ковид-19.
По тешките две години поради пандемијата, не може да се имаат предвидувања и очекувања во однос на кој било аранжман, дали се работи за летен или зимски, или за викенд-патувања. Порано знаевме точно што да очекуваме и можевме да планираме и со месеци однапред, но сега ситуацијата е сосема различна. Агенциите веќе почнаа со продажба на летните аранжмани, но понудата е далеку поскромна од порано. Интересот кај луѓето постои и желбата за патување е голема, но – сепак – резервациите за летниот период се доста намалени. Најмногу се бара Грција, тука е и Турција, а првото прашање е секогаш под кои услови ќе се патува и што ќе се случи ако се затворат границите или ако излезе некој позитивен. Навистина е тешко да се работи во овие услови, кои и за нас се сѐ уште непознати. Сепак, се надеваме дека оваа година ќе биде многу подобра од изминатите, ни одговорија од една скопска туристичка агенција.
Каква туристичка сезона очекуваат годинава туристичките агенции со оглед на тоа што се олабавија рестриктивните мерки за патување, разговаравме со претседателот на Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори, Аркан Керим. Согласно анализите на сите членки од Комората, Керим вели дека, општо земено, операторите очекуваат успешна сезона и стабилизација по 15 мај.
Очекуваме успешна сезона, пред сѐ за туристичките работници. Иако е почетокот на сезоната непредвидлив, очекуваме стабилизирање по 15 мај, потенцира Керим.
Во однос на тоа каде ќе одмараат нашите граѓани и за каде има најголем интерес, одговорот од агенциите е сличен – изборот на граѓаните се најекономичните дестинации.
Македонските граѓани, како и секогаш, ги избираат најекономичните дестинации – Грција, Турција, Албанија, Египет, па потоа сите други, во зависност од семејниот буџет, вели Керим.
Во однос на туристичката понуда, од година во година се креираат и нови дестинации за одмор, што оди во чекор со воведувањето нови авиолинии. Но, за жал, поради порастот на цените на глобално ниво, растат и цените на ангажманите, што ќе резултира со негативен ефект врз масовната продажба.
Се креираат нови дестинации, но цените, за жал, растат согласно на глобалниот тренд на покачување на цените на енергенсите. Цените се покачени и очекувам ново зголемување во најскоро време, што, повторно за жал, ќе има негативен ефект врз помасовна продажба на аранжмани, вели Керим.
Ако направиме споредба, пак, со соседните земји, цените таму на аранжманите се поевтини заради поголемиот пазар.
Србија на пример, е 5 пати побројна држава од Македонија. Така, ние кога правиме план за 10.000 патници, тие прават план за 50.000 патници, па нормално е да имаат подобри услови на аранжманите, коментира Керим.
Посебен тренд кој се развива во изминатите неколку години е опцијата „First Minute“. Речиси сите туристички агенции нудат опција за рани резервации. Граѓаните неколку месеци порано си плаќаат со одреден попуст за летување, на пример, во јуни.
Ова е атрактивно за нашите граѓани и е добра алатка на туристичките агенции што се користи сѐ помасовно, вели Керим.
Но, за разлика од „First Minute“, во нашите понуди не е развиена опцијата „Last minute“, односно патување или летување во последен момент. Одговорот од луѓето во овој сектор е дека нема потреба за ваква опција, особено со оглед на тоа што е развиена продажбата на туристички аранжмани преку првата опција.
Бидејќи продажбата по принципот „First minute“ е одлична, нема потреба од опцијата „Last Minute“. Постои и онлајн платформа во која на едно место можат да се разгледаат и да се споредат понудите за патување на сите туристички агенции од земјава, но и таа платформа не е репер бидејќи агенциите ги менуваат цените секојдневно, дециден е Керим.
Според првиот човек на Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори, Аркан Керим, ова лето Бодрум и Чешме се дефинитивно хит-дестинации за одмор во Турција.
Аркан Керим, Претседател на Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори
Еве во кои држави ќе одморите летово без сертификати и ПЦР-тестови:
Македонските граѓани летово ќе можат да одморат во сите соседни држави каде традиционално ги минуваат летните одмори, без притоа да прикажуваат какви било сертификати за примена вакцина против Ковид-19, негативен ПЦР- или антиген-тест.
Рестрикциите што важеа за Албанија и Грција од пред извесен период се сосема укинати за македонските граѓани, па така од 1 мај, движењето на стоки и услуги во овие две земји е сосема слободно.
Досега, само Србија и Бугарија не бараа сертификат за влез на нашите граѓани во тие држави.
Македонија во државите од таканаречена зелена Ковид зона ја сметаат и повеќето земји-членки на Европската Унија. Германија на 27 февруари ја стави Македонија на листата нискоризични Ковид држави. Оттогаш за влез во земјата не е потребно електронско пријавување, но условот за задолжителна целосна вакцинација се уште е во сила.
Од 1 февруари важењето на вакциналниот сертификат во Европската Унија се намали од 12 на 9 месеци од втората доза примена вакцина.
За влез во Италија на секој странски државјанин му е потребен ПЛФ- формулар (Passenger locator form) и сертификат или за целосна вакцинација или за прележан Ковид, или негативен ПЦР- или антиген-тест.
Државјаните на Македонија од 1 април 2022 година може да влезат во Франција ако се вакцинирани, и тоа 28 дена по една доза Johnson&Johnson и 7 дена од втора доза Фајзер, Модерна или Астра Зенека. Бустер-доза е неопходна по истекот на девет месеци од последна примена доза од горенаведените вакцини.
Невакцинираните лица ќе треба да приложат негативен ПЦР-тест не постар од 72 часа или антиген-тест со важност од 48 часа. Сертификатот за прележаност важи 6 месеци од датумот на позитивниот тест.
Меѓу земјите во кои важи условот за целосна имунизација се и Холандија и Шпанија.
Внимавајте при изборот на туристичката агенција
Во изминатите години имаше неколку случаи со туристички агенции што се отвораа и затвораа преку ноќ, нудеа аранжмани, граѓаните плаќаа, а потоа беа измамени или оставени на „милост и немилост“ во странска држава. Овие негативни појави, за жал, сè уште постојат, вели Керим, и ќе постојат затоа што нема законска заштита од ваквите субјекти.
Како да одбереме туристичка агенција за патување
Во Министерството за економија постои Регистар на туристички агенции, а според последните податоци на вебстраната на министерството има 749 регистрирани агенции.
Според законските одредби, туристичките агенции треба да поседуваат лиценци за вршење туристичка дејност, да се придржуваат кон правата и обврските и кон договорите со клиентите, а должни се и да имаат туристички придружник при организирање туристичка група.
Во таа насока и Државниот пазарен инспекторат ги повикува сите корисници на туристички услуги во Македонија при при секое туристичко патување да внимаваат на следново:
- при потпишување на договорите со туристичката агенција да проверат дали агенцијата поседува лиценца за вршење туристичка дејност,
- да добијат туристички ваучер за патувањето,
- да добијат туристички водич на патувањето за аранжмани надвор од државата, и
- внимателно да го прочитаат договорот.
Ако не се задоволни од добиената услуга, корисниците на туристичките пакети можат своите поплаки да ги поднесат во писмена или во електронска форма до Државниот пазарен инспекторат.